28 Март, 2024
0.0253

Разговори во ОН за Балканот-нови неизвесности!

Објавено во: Колумни 28 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Претставниците на петте земји постојани членки на Советот за безбедност на ОН се сретнаа вчера во еден хотел во Њујорк на традиционалната средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш. Претставниците на постојаните членки не беа некои обични дипломати. Тоа беа министрите за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, на Русија, Сергеј Лавров, на Велика Британија Џереми Хант, на Франција Жан Ив Л’ Дриан и на Кина, Ванг Ји. За ова средба имаше малку информации вчера. Ако не беше интервјуто на Џереми Хант за Скај њуз, немаше да знаеме дека тој имал средба со Сергеј Лавров со „отворена размена на мислења“. Ова беше демантирано од страна на руското МНР со коментар дека однесувањето на Хант е како на играч кој мами на карти. И дека со Лавров немале посебна средба, туку  заедно со другите колеги биле со Гутереш.

Случајно или не извесно време пред да стигнат овие вести и деманти од руска страна беше твитнато дека на средбата со Гутереш биле разгледани прашањата за нераспространување и контрола врз вооружувањето, ситуацијата во Сирија, во Јемен, во Либија и на Балканот. И ако за Сирија, Јемен и Либија навистина има потреба да се разговара со оглед на вооружените дејства во тие држави, изненадува ставањето на дневен ред на Балканот.

Постојаните членки на Советот за безбедност имаат што да кажат за Сирија. Таму веќе седум години се води војна, која како да е пред крај. Но, ништо не е сигурно дека навистина таму ќе замолчи оружјето. Сега сите повикуваат да се забрза политичкото решение, макар со Башар ал Асад на чело на државата до организирањето на нови избори и претходно усвојување на нов устав. Судбината на покраината Идлиб и на десетици илјади бунтовници - противници на Асад, но и приврзаници на ИД, засега е во рацете на претседателите на Русија и Турција, Владимир Путин и Реџеп Таип Ердоган. Тие за одреден период ја одложија офанзивата на сириските владини сили врз нивните противници, но времениот мир не се знае до кога ќе трае. Масло на огнот може да додаде и заканата од употреба на хемиско оружје, на што укажуваат на Запад, каде што се подготвени да извршат удари врз Сирија.

Во Јемен борбите никако да стивнат. Ривалските воени формации само ги засилуваат борбите. Едните поддржани од коалицијата на Саудиска Арабија, а другите најверојатно од Иран. Најлошо е што се повеќе таму гине невино население. Слично, во последно време е и во Либија. И таму ривалските армии не можат да се договорат околу иднината на нивната земја.

А што се случува на Балканот па првите дипломати на големите сили седнале да разговараат за него? Прво не се знае кој го наметнал или кој го вметнал Балканот на дневниот ред на оваа средба. Може и Русија,може и САД, а и Британија. На пример Русија да ги обвинува САД и Британија, а и Франција за јавно мешање во внатрешните работи на Македонија. Тие пак можат да ја обвинат Русија за истото тоа, иако немало посети на руски политичари. Или пак за пример да ја земеме Босна и Херцеговина. Таму на 7 октомври ќе се одржат општи избори. Лавров беше таму пред една недела. Од таму ги обвини западните земји за политичко лидерски „десант“ врз Македонија и влијание врз референдумот. А Запад го обвини него за истата таа работа, но во Босна и Херцеговина и посебно во Република Српска, што се манифестираше со таа негова посета во предизборието.

Дали гласањата во Македонија и БиХ се голем повод во Њујорк да се разговара за нив? Многу, многу помал отколку ситуацијата во односите меѓу Србија и Косово. Александар Вучиќ и Хашим Тачи, претседателите на Србија и на Косово, веќе подолго време водат разговори околу иднината на нивните односи. Веројатно работите се стигнати до точка од која нема враќање и бара носење на одлуки, болни, но кои ќе донесат мир или пак точка која може да значи постоење на замрзнат конфликт уште долги години.

Мошне индикативна на овој план беше вчерашната изјава на српската премиерка, Ана Брнабиќ, дека САД во најмала рака ги избришале црвените линии за Косово во однос на Србија. Таа од Њујорк соопшти дека се видела кратко со помошникот американски државен секретар за Европа и Евроазија, Вес Мичел, со кого допрва ќе има нов состанок. Со него ќе разговараат за Косово. „Тој е нашата прва контактна точка за разговори за КиМ. Вчера малку разговаравме за тоа и мислам дека е неверојатно да се види ставот на Америка. Не постојат веќе црвени линии, туку само можност за компромис“, изјави Брнабиќ. Таа се сретнала и со американскиот државен секретар за трговија, Вилбур Рос, а во текот на разговорите се истакнало „ колку е различен ставот на оваа администрација на претседателот на САД Доналд Трамп кон Србија во однос на поранешните администрации“.

Но во САД не е само Брнабиќ. Таму е и косовскиот претседател Хашим Тачи. Тој имал кратка средба со Доналд Трамп, но и со Мајк Помпео и амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли. Според него во текот на овие средби „имал чувство на силна подршка“ на Косово, вклучувајќи и поддршка за членство во НАТО, како и за основање на косовска армија. Тој исто така потврдил дека САД го поддржуваат дијалогот меѓу Белград и Приштина, како и постигнувањето на историски договор.

Вчера се јави и известителот на Европскиот парламент за Србија, Дејвид Мекалистер. Според него можна е промена на границите меѓу Косово и Србија, но за тоа треба да се согласат и ЕУ и СБ на ОН. Тој изјави дека „во ЕУ се свесни за можноста од размена на територии и промена на границите“. Преведено на обичен јазик ова значи дека Вучиќ и Тачи сериозно разговараат за промени и размени. И покрај тоа што често пати се демантираат таквите разговори.

Веројатно актуелноста на ова прашање бил поводот на средбата на министрите за надворешни работи во Њујорк да се разговара и за Балканот, а најверојатно за Косово и неговата иднина. САД се главни спонзори на Косово. Русија на Србија. Вучиќ наскоро треба да се сретне со Путин. Лавров во Њујорк го има опипано пулсот на неговите колеги за промените што треба да настанат за подобрување на односите меѓу Србија и Косово. А сигурно го соопштил и неговиот, односно рускиот став за тоа прашање. Ставот на Западот тој ќе му го соопшти на Путин пред средбата со Вучиќ. А тоа значи дека по оваа средба работите ќе бидат појасни. Доколку САД и Русија дадат зелено светло, тешко е да се верува дека ЕУ ќе се спротивставува на менување граници, иако Германија и Британија изјавуваа дека се против тоа.

Што и да било зборувано во Њујорк тоа кажува дека работите на Балканот допрва ќе бидат интересни, а и неизвесни. Разговори на министрите за надворешни работи на суперсилите, на една маса, не е на арно. Но, за кого, допрва ќе дознаеме.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?