19 Март, 2024
0.0239

Рецесијата конечно завршува – може ли македонската економија со раст од над 4 проценти, за оваа година?

Објавено во: Колумни 18 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

На почетокот на декември, 2020 година, се сеќавам, во писание за „Фактор“ иако беше рецесија, со голема доза на оптимизам, го цитирав Роберт Кенеди. Еве денеска, кога веќе рецесијата е зад нас, тоа ќе го сторам уште еднаш. Имено, Боб ќе истакне: “Некои луѓе ги гледаат работите такви какви што се и прашуваат: Зошто? Јас сонувам за работите какви што никогаш не биле, и се прашувам: Зошто да не?“

Тогаш, бев на мислење дека мерките кои ги спроведуваа земјите од еврозоната и регионот, вклучително и ние, а се однесуваа за спречување на ширењето на заразата ќе имаат поголем негативен ефект врз економската активност во втората половина на 2020 година. И така беше. На почетокот од второто полугодие на 2020 година, негативните ефектите, беа почувстувани силно насекаде во регионот. Монетарните статистики, само да потсетам, покажуваа дека хрватската економија паѓа, во еден период дури до 15 проценти, исто така, двоцифрен пад или рецесија беше обележана и во: Романија, Албанија и Бугарија. Од земјите во регионот, Србија покажуваше најблаг пад, од околу 6 проценти. Историјата во погледна македонската економија, пак, во измината година покажуваше, на почетокот, во првиот квартал нешто над нула процентни поени раст на домашната економија, за да дојде до двоцифрена негатива (пад на БДП) во вториот квартал, и на крајот од 2020 година се проектира на негативни 4,5 проценти (согласно анализата на монетарните власти). Тоа, според мене, беше добра основа за критичарите во општеството да пласираат тези за создавање на паника кај населението, да се создаде уште поголема негативна слика во економијата, да му се отежни на системот, со крајна цел, да се наруши довербата на столбовите на македонската економија – банките. И така беше. Негативците веднаш посегнаа со пласирање на песимизмот, но од другата страна, иако малкумина во тој момент, денес, оптимистите победија. Имено, да се биде песимист или оптимист во врска со животот во голема мера се определува од начинот на функционирање на мозокот, и би додал дека тоа е под влијание на нашите гени. Има многу вистина во тезата: „Човештвото е поделено на два дела - песимисти и оптимисти, лево-ориентирани и десно-ориентирани, мажи и жени“. Практично, како и да ја дискутираме поделбата, на верска, расна, политичка, класна, полова... таа е реалност. Природата на нештата создала различност или со други зборови создала разновидна реалност, на која мора да гледаме како на предност, а не како на начин за меѓусебни поделби. Ова особено е важно за македонското општество. Ако научиме да се поврзуваме едни со други на начин со заемно надополнување, тогаш сите нијанси и разлики ќе се спојат во убав баланс.

Како од -4 проценти до +4 проценти раст на БДП?  

Во контекст на ова, би се навратил малку назад. За таа цел, се сеќавам, насекаде во регионот, па и кај нас, се соочувавме со песимизам на стручната јавност во поглед на економските мерки. Според мене, на почетокот на 2020 година, ако не беа спроведени економските мерки во домашната макроекономија, ние, минатата година ќе ја завршевме со двоцифрен пад од нешто повеќе од 10 отсто на БДП и последиците ќе беа многу поголеми. Во криза, покрај другото, важно е да има поттикнување на личната потрошувачка. Овде, може да се забележи дека јавниот долг се зголемил како процент од БДП, но таквата состојба треба да се оправда, ако се има во предвид стопираниот пад во економијата, кој, на крајот не беше двоцифрен, туку беше умерен и на ниво на просекот на земјите од еврозоната (4,5 проценти за 2020). Од ова, мора да се согласиме (барем повеќето од нас) дека со имплементацијата на мерките на државата и централната банка (со политиките на монетарната стимулација), се направи еден вид на бафер или заштитен слој кој го ублажи падот на економијата од двоцифрен на едноцифрен. Во спротивното сценарио, закрепнувањето на економијата ќе траеше од три до пет години (читај: да се вратиме на растот на економијата од пред кризата во 2019). Тука, во такво неповолно сценарио, би дополнил дека експертската јавност, во своите анализи ќе заборавеше на позитивни - комодативни состојби во македонската економија. Но, за жал на деструктивците, уште на почетокот на годинава состојбите на домашната економија навестуваат раст во БДП, кој, согласно априлските проекции на меѓународните релевантни институции (како што се ММФ и СБ), за 2021 година, би се движел од 3,6 до 3,8 проценти.  

Според ова, сум на мисла дека треба да преовладуваат три сценарија или проекции за македонската економија во 2021 и 2022 година.

Првото, би го нарекол оптимално сценарио, и истото се темели на поголема внимателност при давање на оценките за домашната економија. Имено, таа треба да се движи во рамките на априлските проекции дадени во извештаите на ММФ и Светска банка, каде се проектира раст на македонскиот БДП од 3,6 до 3,8 проценти во 2021 година, додека пак, за 2022 година, таквиот раст би бил од 3,5 до 4 отсто

Второто сценарио, треба да биде оптимистичко и истото да проектира раст на македонската економија во согласност со априлските проекции на Народната банка и Министерството за финансии, од 3,9 отсто до 4,1 проценти

Третото и последно сценарио го нарекувам песимистичко и најмалку го сакам неговото елаборирање. Но, доколку се остварат ваквите претпоставки за него, може да очекуваме побавно закрепнување на македонската економија, со особен осврт на послабиот економски раст кој би се движел од 2,5 проценти во 2021 година, до 3 отсто во 2022 година. 

Растот на економијата, без разлика на трите сценарија погоре, во 2021 година се очекува да биде подложен на неколку клучни работи. Имено, оваа година, во некои меѓународни писанија може да се сретне и како „транзициска година“ или година за масовна имунизација. Оттука, од дивергенцијата и динамиката при процесот на одвивање на имунизацијата ќе зависат многу работи и во економијата. Може да се каже, иако здравствената криза доведе до продолжување на мерките за заштита на граѓаните, како и до воведување на нови ограничувања, сепак тие се помалку рестриктивни во споредба со оние од почетокот на пандемијата. Тоа е силен охрабрувачки фактор дека пандемијата се става под контрола или почнува фаза (состојба) на т.н. контролирана пандемија. 

Понатаму, друга клучна работа на која е подложен домашниот раст е германската економија. Таа, иако се оценува со карактеристики на побавно закрепнување на услужните дејности, сепак, за нас најважно, германската економија се очекува силно да расте во индустријата, посебно автомобилската индустрија, при зголемени извозни нарачки од источните пазари. Ова, за македонските компании во зоните, кои се поддршка на германската автомобилска индустрија ќе значи силен раст во производствените капацитети, а со тоа и раст во извозот на државата за 2021 година. На крајот, тоа ќе има одличен импакт во компонентите на БДП. Исто така, во услови на недостиг на понудата и силен раст на побарувачката на метали, особено кај индустриите за автомобили и изградба на енергетска инфраструктура се очекува раст на извозот од металната индустрија. Ова, претставува уште еден, од сетот фактори подложни за раст на БДП, при оптимистичкото сценарио за македонската економија од 3,9 до 4,1 проценти на крајот од 2021 година. 

Дополнително на тоа, давам уште еден фактор во функција на растот на БДП, а тоа е зајакнувањето на надворешната позиција на македонската економија. За таа цел, се очекува силен придонес да имаат приватните трансфери од странство. Тоа е така, ако се има во предид дека значајно се засили процесот на имунизација во развиените земји, како и се зголемија очекувањата за олабавување на мерките за движење на патниците од втората половина на 2021 година. Оттука, сум на мисла дека брзо ќе се вратиме на добрите денови кога приватните трансфери од странство изнесуваа близу 2 милијарди евра или над 20 проценти од БДП.

На крајот, ќе завршам со бруто-инвестициите како фактор во функција на растот на домашната побарувачка, а со тоа и на БДП. Согласно проекциите, се очекува раст на приватните инвестиции, како резултат на враќањето на довербата глобалната економија во новите оптимистички т.н. услови на контролирана пандемија од една, и најавите од страна на банките за засилена кредитна поддршка, од друга страна.

P.S. Во наредното писание ќе го анализираме растот на домашната економија и проекциите за состојбите во банкарскиот сектор, како мотор на таквиот развојот. 

проф.д-р Синиша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?