19 Декември, 2018
0.2585
    ADIN 660    -5.71%     ALK 8200    -0.24%     GRNT 800    0.72%     KMB 5023.88    -0.5%     MPT 47000    0.61%     MTUR 4900    0%     RADE 1800    -0.88%     RMDEN16 96.2    -0.82%     STB 1285.06    -0.08%     TTK 1245    0%     USJE 23000    -2.13%     ZLRB 6170    0%

Реформите во полицијата нужно треба да започнат со професионализација на професијата

Објавено во: Колумни 05 Април, 2018

Дали некогаш сте се прашале како изгледа да се биде полицаец...секојдневно да сте во униформа, опремен со средства за вршење на полициските работи, со средства за присилба - лисици, палка, пиштол и на сето згора да имате право и обврска да примените некое од посебните полициски овластувања?!
Посебноста на полициските овластувања е во тоа што со примената на кое било од нив, без исклучок се засега во сверата на човековите слободи и права. Но кога станува збор за примена на овластувањата кои значат присилба, или ограничување на слободата на движење, тука работите се уште посериозни. Треба да бидат исполнети законските основи и пропишаните услови за нивна примена за дејствијата да се оценат како оправдани и сразмерни. Посебна е тежината во случаите кога се исполнети основите и условите за употреба на огнено оружје - смртна сила.
Кај нас смртната казна е укината, впрочем како во сите европски земји, но полицискиот службеник, во својата работа има законско право и обврска, кога се исполнети основите за употреба на огнено оружје и кога се исполнети предвидените услови за тоа, да може да употреби и смртна сила, да лиши лице од живот, а за тоа да не сноси одговорност.
Дали има потешка, посериозна и поодговорна работа од таа?! Полицаецот мора да дејствува токму во моментот и на начин кој се пропишани со закон или врз основа на закон. Секоја грешка, сторена со преземање или пропуштање на некое дејствие, може да биде кобна, некој да го загуби животот, а полицискиот службеник да е одговорен за убиство, особено ако дејствувал или не дејствувал во околности кога не се исполнети со закон пропишаните основи или не се исполнети пропишаните услови за тоа.
За разлика од нив, судиите кои за да ја утврдат вината и одмерат казната за обвинетиот кој во судницата задолжително се појавува со бранител, се сослушуваат сведоци, се остварува увид во експертизите од материјалните докази, од вештачењата, со можност грешката на судијата да ја коригира повисокиот суд.
Сепак најстрашното е што полициските службеници, секојдневно се изложени на разни притисоци, од роднини, пријатели, познаници до притисоци од нивни колеги и претпоставени. Сето тоа треба да се издржи, полицискиот службеник да манифестира одважност и интегритет, бидејќи тој е обврзан да го спроведува законот, а секое поинакво постапување, со преземање или непреземање на соодветни дејствија, веднаш го става од другата страна на законот.
Ако направете анализа на статистичките податоци за сериозните случаи на криминал, во најголем дел од нив ќе забележите дека некаде во позадина, директно или индиректно стои и некој полициски службеник со задача да чисти терен или да покрива некој криминалец. Значи има и такви што свесно злоупотребувајќи ја униформата се ставиле во функција на криминалот.

Зошто е тоа така?! Причини има многу, но клучот е во селекцијата на кадрите, нивната едукација; несоодветниот и партизиран полициски менаџмент кој многу често е без соодветно образование и со кариера во чиј раст има многу прескокнати скалила; и секако, не соодветната организациона поставеност која се повеќе се централизира и милитаризира, а бројни политички потези го рушат интегритетот на полициските службеници.
Околу селекцијата на кадрите јавноста се изнагледа театар, склекови, трчање, посета на министри и што уште не, а во Центарот за обука многу малку може да се видат кандидати од тие што се појавиле и ги поминале тестовите на физичка подготовка. Низ јавноста гласно се шпекулира дека уписот чинел од 2 до 5000 евра, во зависност од партиската припадност на кандидатот и линијата преку која се бара влез на курсот. И никој од одговорните не се обиде да ги истражи таквите гласини, а не дека не ги слушнале.
Едукативниот процес се реализира во текот на една година од страна на искусни полицајци...но проблемот е во тоа што тие се без педагошко, дидактичко и методолошко знаење, а нивното искуство го оценувал нивниот партизиран раководител во полициската станица, многу често без јасни критериуми. Последните три месеци кандидатите одат на практична работа во полициските станици, по што полагаат завршен испит и се промовираат во полициски службеници.
Ако некој платил 2000 евра за упис на курсот, што може граѓаните да очекуваат од таков полицаец?! Логичен е заклучокот, за кусо време покрај платата да си ги врати дадените пари и да најде начин да спечали и повеќе од тоа.
Затоа неопходно е да се смени системот на полициска едукација, да се врати средното полициското училиште и теоретскиот дел да го реализираат искусни, стручни и компетентни професори, а практичната работа да ја спроведуваат под надзор на обучени и лиценцирани полициски ментори.
На овој начин, ќе се изградат деполитизирани кадри, кадри со ИНТЕГРИТЕТ, што денес го нема во полицијата. Денес старешините спроведуваат политика, а не закон, што стана очигледно кога и министерот и директорот на БЈБ, застанаа во одбрана на насилник кој нападна полицајка, со што испратија јасна порака - ќе го врзете коњот таму, каде што газдата ќе ви каже...а за тоа што вели законот, за тоа колку понижено се чувствуваат и како реагираат  полициските службеници и граѓаните, за нив се чуваат убаво спакувани шарени лаги за сечии вкус, во форма на амброзија за сечија душа. Грдото чувство е уште поголемо ако се има предвид дека голем број полициски старешини се со несоодветно образование, од Факултети за физичка култура; земјоделски; педагошки, завршени низ земјава, но и со сомнителни дипломи од бившите Југословенски држави и покраини. Секако, несоодветна е и воена академија, бидејки не може да се споредува полициската работа со војничката, станува збор за два различни света во кои пристапот кон работните задачи е различен?!

Во една прилика еден професор од Факултетот за безбедност, коментирајќи ги случаите на пречекорувања на полициските овластувања со употреба на сила, најде оправдување дека раката не била кантар. За жал се почесто слушаме такви коментари и оправдувања од бројни полициски старешини кои даваат официјални оцени за оправданоста и сразмерноста на полициската присилба. Велам за жал, затоа што во времето кога постоеше полициско училиште, слушателите се учеа дека нивниот мерен инструмент не смее да биде во раката, туку во главата.
Тоа што не можеше тогашниот министер сега покоен Чокревски да го види, е токму разликата меѓу генерациите образовани полициски службеници чиј мерен инструмент е во главата, од инстант профилираните полицајци, со мерен инструмент во рацете, факт кој граѓаните секојдневно го препознаваат.
Застрашувачка е помислата дека за десетина години во пензија ќе заминат сите кои станаа полициски службеници низ процес на полициско образование и воспитување во училиште, со вистински професори и воспитувачи, низ процес во кој за најголема вредност и достигнување се сметаше човечноста и професионализмот, а потоа се останато.
Реформи во полицијата под итно мора да се направат, а единствениот начин политиката да се тргне од оваа чувствителна професија и да се афирмира професионализмот, е воведување на средно полициско училиште во кое кандидатите ќе се запишуваат по завршена втора година на некое од средните училишта во републиката.

Воислав Зафировски

Можеби ќе ве интересира

ПА ЛУЃЕ МОИ, ДАЛИ Е ОВА ВОЗМОЖНО?!

ПА ЛУЃЕ МОИ, ДАЛИ Е ОВА ВОЗМОЖНО?!

Сторија за Кинезот

Сторија за Кинезот

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

Ципрас не го убеди Путин за „Преспанскиот договор“

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ

ЗАШТИТА НА ПРИРОДАТА И ЗЕМЈОДЕЛСТВОТО – ЕКОНОМСКИ ПРОБЛЕМИ