12 Мај, 2024
0.2690

РЕКТОРЕ: не можете со незаконски решенија да отстранувате незаконски дејствија

Објавено во: Колумни 24 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

И додека Почитуваниот Ректор не се срами јавно да признae дека се релаксира по грчките песочни плажи, додека неговите тројца вработени 14 дена штрајкуваат со глад и учествуваат во „претставата за јавноста “, во Регионалната канцеларија на СОНК и понатаму остануваме Ние, тројцата професори и низ Републикава 50 - те синдикалци зад кои стои 35 илјадно членство, кои го земаа „луксузот“ да го стават сопственото здравје на коцка, да се одделат од сопствените семејства, и сето тоа без рок до кога. Впрочем, рокот е јасен, до крај, додека не се реализира единственото барање, кое е јасно, просто и едноставно. На потег е Ректорот. А, тој Ректорот, „режисерот на претставата“ кој не нè посетил 14 дена, затоа што пред два дена заминал на одмор, се потруди и како што го личи еден „сериозен Ректор“ пред да замине да понуди решение, и тоа „небулозно“ од кое секој разумен човек останува без зборови. Имено, кога го добивме предлогот на Ректорот Саша Митрев за „надминување на случајот со тројцата професори кои штрајкуваат со глад“, едноставно останавме вџашени и без зборови. Ни на крај на памет не ни паѓаше дека таков предлог е можен, уште помалку дека таков предлог ќе понуди Ректорот. Во чиста правна ситуација, тој нуди преговори со кандидатите, без никаква правна основа, за да се разреши случајот. Предлогот е надвор од постојната регулатива за избор во повисоки звања на Универзитетите. Па, дури и кога би го прифатиле, тој нема правно дејство и може да се оспорува. Меѓутоа, за волунтаристите таквото решение би станало преседан со кој се „гиљотинира“ постојната законска регулатива и би им се отворил простор за самоволно, автократско однесување на Универзитетот. Симптоматично е што во отфрлањето на предлогот некои гледаат слабост на позицијата на тројцата професори и вината за своевидниот скандал се сака ним да им се припише, божем тие не сакаат брзо решавање на „спорот“ и дека им одговара да „глумат маченици“, како што впрочем Ректорот милува да каже. Се чудат како може да не се прифатат преговори кои ги нуди Ректорот со предлог да се формира нова „покомпетентна“ рецензентска комисија, по желба на тројцата професори (како дар од ректорот), која ќе ги ревидира оценките на легално избраните рецензенти. Значи во великодушноста на Ректорот се нуди решение во стилот „над владиката се бара да се постави поп“ и сето тоа надвор од сите законски рамки. Замислете! На Ректорот, наеднаш, воопшто не му е важно дека рецензентите на постојните рецензии се избрани од страна на наставно-научниот совет на факултетот, а во нив има и членови од факултетот, а рецензиите, во законската процедура никој не ги доведе во прашање со ниту еден аргумент. На Ректорот наеднаш воопшто не му е битна законската одредба според која изборот во повисоко звање се врши врз основа на предлог на рецензентската комисија, чија работа е прецизно определена и со време и со критериуми кои треба да ги остварат кандидатите за да бидат избрани во повисоко звање. Навистина сум „воодушевен“ од „великодушноста“ на Ректорот. Неговиот предлог го третирам како „правен пронајдок“, без оглед на тоа што со него се сака да се отстранат незаконски дејствија. А за добронамерните, за оние што разбираат што значи високо образование и кои се вредностите кои треба да се негуваат во овие институции, очигледно е дека нема потреба од нови „правни пронајдоци“ за да се надмине волунтаристичката одлука на Наставно-научниот совет на факултетот. Тоа значи дека безпоговорно „ние тројцата професори“ треба да бидеме избрани во повисоки звања, затоа што нашите кандидатури од никого, со ниеден аргумент, не се оспорени во легалната процедура. А како можат да се оспоруваат кога остварените поени во петгодишното работење се неколкукратно поголеми од пропишаниот број, за да бидеме избрани во повисоко звање, а зад предлогот стојат и афирмирани редовни професори од областите во кои се избираме. Впрочем, таквиот избор треба да претставува свеченост за факултетот. Со напредокот на доцентите во вонредни професори се афирмира и факултетот, а со тоа и Универзитетот. Самоволието (гласањето без аргументи) никому не му оди во прилог. Тоа е срам за сите. Недопуштено е да се казнува без вина. Особено не им доликува на високообразовни институции, чии односи се земаат за пример во другите средини. Оттука натаму Ректорот не треба да бара нови решенија. Треба само да постапи (како одговорен за остварување на законитоста во работењето на Универзитетот) според решението од Државниот просветен инспектор - да преземе мерки и активности за повторување на постапката за избор во наставно-научно звање вонреден професор, почитувајќи ги постојните законски прописи. Секое заобиколување на ова решение значи несовесно работење и злоупотреба на службената позиција и претставува кршење на Законот, со сите последици што произлегуваат од тоа. Доц д-р Крсте Шајноски  

Можеби ќе ве интересира

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка