20 Април, 2024
0.0255

Религијата, верниците и совремието

Објавено во: Колумни 29 Август, 2014

Добивај вести на Viber

Дваесет и осми август, лето Господово две илјади и четиринаесетто, Голема Богородица празник посветен на жената која ја има најголемата улога во православното христијанство, а тоа е мајката божја. Во храмовите низ целата земја, посебно оние кои се посветени на Богородица и чие име го носат, врие како во кошничка, џагор се слуша од сите страни, но мелодичен и весел, извици и изблици на радост, среќа и восхит може да забележите во и околу храмовите. Фасцинира глетката на среќни лица, лица блажени и обдарени со насмевка, лица весели и во исчекување на некој нов миг или дејание кое дотогаш било за нив непознато, а сега со посебен интерес го исчекуваат. Она што посебно е интересно и возбудливо е мирнотијата и трпението со кое се обдарени верниците, и за разлика од други моменти во кои нервозата преовладува и секој сака преку ред да добие нешто, на овој ден, во храмовите секој мирно си стои и чека да практицира одреден религиски ритуал. И се е спокојно и се е релаксирано и се изгледа како една убаво вклопена и идилична слика на среќни и блажени луѓе. „Правото да го мерите не со кантар или меч, туку со чувство на одговорност“ “Блажени се бедните по дух зашто нивно е царството небеско, блажени се оние што плачат оти ќе се утешат, блажени се кротките зашто тие ќе ја наследат земјата, блажени се гладните и жедните за правда оти тие ќе се наситат, блажени се милостивите зашто тие ќе бидат помилувани, блажени се чистите по срце оти тие ќе го видат Бога, блажени се миротворците зашто тие ќе се наречат синови божји, блажени се гонетите за правда оти нивно е царството небеско...”- Нов Завет, Евангелие по Матеј. “Правото да го мерите не со кантар или меч, туку со чувство на одговорност...Да не го следите и проследите слепо тоа што не го знаете и секогаш слушајте го оној што знае повеќе од вас...Не одете по земја со грди и лоши стапала, туку со сигурни и убави чекори” -сура El-Isra,Куран.Овие стихови, како дел од Светата книга Библија и Светата книга Куран, често си ги поимам, посебно во време на верски недоумици, двојби околу религијата и нејзиното место и улога во современите општества, во денови кога се празнуваат и чествуваат религиски празници, во мигови на духовни и ментални бури кои се креваат како плод на одредени религиски тези, размисли и дејанија, искажани и практицирани од признати и познати дејци, кои на директен или индиректен начин се врзани за религијата. Улогата на религијата во мултиконфесионални и мултиетнички општества Овој период од годината е период кој изобилува со многу верски празници, празници кои имаат големо значење за верниците кои ги чествуваат. Во овој период од годината напросто уживам бидејќи меѓурелигискиот соживот испливува на површина и во вистинска смисла на зборот и во секојдневието може да се доживее. Навистина се радувам кога ќе го чујам радосниот глас на мојот пријател муслиман во мигот кога му упатувам честитка по повод неговиот верски празник, едноставно тоа не може да се одглуми, искреноста и радоста која се искажува во моментите кога им честитате може да се види и преку фацијалната еспресија на нивните лица. Хедонистички можеби од моја страна, но навистина со посебна сладостраст ги вкусувам баклавите приготвени од вештите раце на домаќинките при мојата посета во домовите на моите пријатели муслимани. Но, со истиот жар им возвраќам и кога тие ми ги упатуваат милните зборови за Спасовден, Петровден, Голема Богородица и сите верски празници кои како верник ги почитувам и чествувам. Празниците се нижат еден по еден, религиски празници кои се значајни и за христијаните и за муслиманите, празник до празник и секој со посебен белег за себе. Но едно е заедничко, сите се чествуваат и празнуваат со ближни и драги луѓе, се сплотува семејството, се интегрираат луѓето, едноставно се слави и празнува. Убоста е распослана меѓу нас во тие мигови и празнични славења и секој ужива на себе својствен начин...барем во тие мигови надвладува доброто и позитивното и во тие денови секој искрен добронамерник и верник му честита на својот сосед и  пријател, кој е со различна религиска определба, со зборовите-за многу години да ни се овие празници и со радост да си ги празнуваме. Во тие моменти  на среќа и вознес се навраќам на светите книги и гледам колку тие во суштина се етички дела и колку морални вредности и мудрости кријат во себе. Но и си ја разрешувам дилемата околу улогата на религијата во мултиконфесионални и мултиетнички општества - да и те како таа може да биде носител на позитивен дискурс, соживот, дијалог и толеранција. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет - Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок