25 Април, 2024
0.0285

Репресивната машина на Лукашенко го чисти патот за негов нов мандат

Објавено во: Колумни 19 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Не помина ни една недела од зборовите на белорускиот претседател, Александар Лукашенко: „И јас сакам тој да излезе на избори. Но, нема да го направиме затвореник на совеста“, а човекот за кого беа изречени овие зборови вчера се најде зад решетки. Станува збор за Виктор Бабарико, најсериозниот противкандидат на Лукашенко на претстојните избори за претседател на Белорусија. Изборите треба да се одржат на 9 август. Очигледно Лукашенко не може без својата репресивна машина. Таа е докажана и на неколку претходни избори за претседател. И овој пат сигурно ќе ја користи за да го добие својот шести мандат.

„Последниот европски диктатор“, како што милуваат да го наречат на Запад Лукашенко, пред неколку дена при посетата на Гровно, го обвини Бабарико за корупција. Бабарико е поранешен директор на локалниот огранок на руската „Гаспромбанк“,  „Белгазпромбанк“, чии канцеларии неодамна беа претресени, како дел од истрагата за затајување данок. При што петнаесет вработени се најдоа во притвор и се под истрага. Бабарико тогаш рече дека истрагата е дел од политичкиот притисок врз него. Лукашенко негира дека случајот има врска со изборите, но рече дека Бабарико не може да ги измие рацете од обвиненијата и да ги обвинува другите службеници во банката. „Тоа што најмногу ме нервира е што овој никаквец, бидејќи не можам да поинаку да го наречам, вели: јас немам никаква врска со тоа, другите се виновни, рече Лукашенко.

Според истражителите, Виктор Бабарико е уапсен под сомнение дека водел „организирана група“ на вработени и поранешни вработени во „Белгазпромбанк“, подружница на руската голема гасна компанија „Гаспром“, во која претходно работел како претседател на одборот. Групата е одговорна, велат надлежните, за измама и перење пари во вредност од 60 милиони долари. Иван Тертел, претседател на Комитетот за државна контрола, изјави дека Бабарико „сакал да изврши притисок врз сведоците и да ги прикрие трагите на злосторствата и дека неодамна повлекол голема сума пари од сметките што ги контролира, а постои сомневање и за перење пари“. Покрај Бабарико е успсен и неговиот син Едуард, кој ја води кампањата на својот татко. Тие се уапсени кога носеле дел од списоците со потписи во поддршка на Бабарико во Централната изборна комисија.

Како се'започна?

Во петокот на 11 јуни во главниот офис на „Белгазпромбанка“, која 20 години ја водеше Бабарико и ја напушти поради учеството во претседателската изборна кампања, а и други компании, беа направени претреси. На 12 јуни Александар Лукашенко изјави дека Комитетот за државна контрола ја проверува банката по негова препорака. Притоа тој изјави дека во тоа нема никаква политичка позадина.

Бабарико, пак, она што се случуваше го поврза со неговата политичка активност. „Обемот на акцијата е без преседан“, рече тој на 16 јуни во интервју за телевизискиот канал „Белсат“. „Таа се спроведува како дел од предизборната кампања и од моја гледна точка, очигледно е дека таа има политичка природа“, изјави Бабарико. Во средата на 17 јуни екипата на Бабарико соопшти дека неговата сметка од формираниот изборен фонд е блокирана. А средствата се запленети. Документи за заплена не биле покажани, ниту пак други основи за ограничување на располагањето со средствата од изборниот фонд.

Без оглед на тоа што Бабарико засега официјално не е осомничен, тој во една изјава рече дека прогонот на неговите пријатели покажува дека власта нема компромитирачки материјали за него, па затоа сака преку апсењето на неговите соработници некој нешто да каже. Бившиот банкар веќе има подготвена изјава во случај на негово апсење. Треба да почекаме деновиве како ќе се развиваат работите, па дали таа изјава ќе го види светлото на денот.

Анкетите ја прелеаја чашата

Се чини дека одлуката на Лукашенко да се притворат таткото и синот Бабарико, беше донесена кога претседателот ги виде резултатите од анкетите. Првите независни анкети за изборите покажуваат дека Бабарико го „растура“ Лукашенко. Моменталната позиција на актуелниот претседател во некои медиумски анкети не ветува ништо добро за него. Фаворит е Бабарико, човекот кој до 12 мај, кога најави дека ќе се кандидира за претседател беше познат само во потесни бизнис  кругови. А сега за него зборува цела Белорусија. И така на прашањето за кого би гласале на изборите за претседател доколку се одржат сега, Бабарико, меѓу девет предложени имиња,  добил 50 проценти од гласовите. А гласале 15 илјади учесници во анкетата. Лукашенко, не бил ни втор, ни трет, туку четврт со само 3 проценти од гласовите. На оваа анкета можеби можат да и се најдат методолошки маани, но сепак индикативно зборува дека на народот му е доста од претседателствувањето на Лукашенко.

Впрочем и собирањето потписи го покажа тоа. Само за неколку денови екипата на Бабарико собра речиси 500 илјади потписи во негова поддршка, а неопходни се 100 илјади. Извори од власта велат дека за Лукашенко се собрани, дури 1,5 милиони потписи. Но зад нив стојат  административните злоупотреби, поточно користењето на администрацијата и нејзините ресурси во акцијата за собирање потписи. Инаку Бабарико во едно интервју изјави дека му предложиле да се откаже од учество на изборите и за тоа му ветиле премиерска функција.

Бабарико не е единствениот уапсен. Кон крајот на мај и почетокот на јуни беа уапсени и двајца други сериозни кандидати за претседател. Над Сергеј Тихановски, блогер, кој успева да ги убеди луѓето да излезат на улица, надвиснато  е кривично дело. Негови приврзаници носат во притвор низ цела Белорусија. Спонтаните митинзи кои се случуваат за време на собирањето потписи власта ги оквалификува како „несанкционирани акции“. За што во најмала рака следи притвор од две недели. За таква работа пред некој ден беше притворен на 15 дена друг „уличен борец“ – бившиот политички затвореник и противкандидат на Лукашенко на претходни избори, Николај Статкевич. Човек кој е жив доказ за репресијата на Лукашенко.  Откако Тихановски беше затворен неговата сопруга Светлана и приврзаниците продолжија со собирањето потписи, но заканите си го направија своето. И во изминатиот вторник Тихановскаја објави видео обраќање во кое изјави дека неа и на нејзините деца им се закануваат, барајќи да прекинат со учество во претседателската кампања. Таа навести дека ќе се откажува од изборите: „Пред мене е избор – децата или натамошна борба. Мислам дека мојот избор ќе биде очигледен“.

Што ќе кажат Москва и Запад?

Однесувањето на Лукашенко и потезите на власта наидоа на критики од страна на претставниците на ЕУ во Минск. Тие со сувопарен јазик велат дека следат што се случува и бараат почитување на демократските права. Официјална Москва засега молчи, иако в медиумите му се потсмеваат на Лукашенко. Тој последниве години води чудна политика. А се’ се сведува на паразитизам во однос на Русија. Кога му треба нешто ќе дојде во Сочи или во Кремљ, кај рускиот претседател, Владимир Путин. Ќе моли, па ќе замине со мал подарок. Но тој е прочитан од Москва. Па често пати е „откачуван“. Тогаш почнува кокетирањето со Запад. Де ќе земам поефтин гас од САД, де ќе земам и нафта од таму. Засега нема ништо од продлабочената интеграција за која двете земји се договараат со години. На Лукашенко очигледно му одговара таквата состојба, бидејќи на тој начин може да „уценува“ до некој степен. А на Русите не им е сеедно дали покрај Украина и Белорусија ќе се „одметне“. А за двете сигурно би било подобро да се на чисто за нивната меѓусебна иднина.

Лукашенко не е подготвен за Запад. Како може таков државник, кого Запад го смета за диктатор да очекува дека таму ќе го пречекаат во прегратка. Иако практиката покажува дека такво нешто е можно. На пример авторитарниот  Мило Ѓукановиќ од Црна Гора. Донекаде и лидерите на Унгарија и на Полска. Па во битката за намалување на руското влијание да се замижи и пред „диктаторот“ Лукашенко. Инаку, реално, перспективите за доближување на Минск до Западот ќе бидат влошени, ако апсењата на кандидатите за претседател ЕУ и Вашингтон ги прогласат за политички. Не е исклучено и воведување санкции. А колку ќе му биде тешко на Минск во западна насока, толку е подобро за Москва, и се зголемува веројатноста Лукашенко да биде попустлив. Конечно, голема е веројатноста на белоруската економија да и затреперат нозете поради отсуството на вообичаениот руски допинг  и притисокот од коронавирусот.

Белорусија - неутрална држава

Рускиот опозиционер, Сергеј Алексашенко, некогашен втор човек во Националната банка на Русија смета дека ако Кремљ го поддржи, тогаш Лукашенко ќе покаже добра волја, па, ако не длабока благодарност, ќе има чувство на длабоко задоволство. Доколку, пак, Москва не го поддржи или подржи друг кандидат тогаш, таа може да очекува „громови и молњи“. „Доколку Кремљ отворено или тајно, што е полошо, поддржи друг кандидат, тоа Лукашенко нема никогаш да им го заборави ни на Путин, ни на Кремљ. Тој не е злопамтило, но има добра памет“, коментираше деновиве Алексашенко.

До Кремљ сигурно допреле изјавите на Бабарико дека тој сака Белорусија да биде неутрална држава. И да не биде држава-паразит. Според него Белорусија сега с обидува да живее за сметка на Русија. Интересно е дека Бабарико во поглед на интеграцијата со Русија е многу внимателен. Наспроти Лукашенко кој во последните години ја укорува и обвинува Москва. Згора на ова белорускиот претседател својата стратегија ја темели и на оцрнувањето на „промосковските“ кандидати за претседател, како што ги смета Бабарико и Тихановски.

Што и кого ќе одбере Кремљ наредниов период до 9 август? Денес Сергеј Лавров, министерот за надворешни работи на Русија треба да допатува во Минск. На 24 јуни се најавува дека Лукашенко ќе биде во Москва на парадата заедно со Владимир Путин. Можеби и ќе поразговараат. Не се знае што ќе бара овој пат од Путин. Работите ќе станат појасни после овие средби.

А затвореникот Бабарико дотогаш ќе моли бога да остане читав во затворот. Зашто Лукашенко сега не може да го спречи да се кандидира за претседател, иако тој е или ќе биде уште во завор. Спречување би можело во случај Бабарико да биде осуден. Но никој не верува дека до 9 август би можело да се подготви судење. Иако кога е во прашање Лукашенко ништо нема да изненади. Па дури и да најде некакво нарушување на изборниот закон од затворот. Што би повлекло исклучување на Бабарико од претседателскиот натпревар.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД