19 Април, 2024
0.0263

Ревија „Париз на мраз“

Објавено во: Колумни 23 Февруари, 2019

Добивај вести на Viber

Со скепса и скоро со неверување ги слушавме сеќавањата на најстарите наши сограѓани дека во далечните 30-тти имало толку лути зими што со пајтон се минувало од едниот на другиот брег на Вардар по неговото смрзнато и сковано од дебел мраз корито.Научна фантастика ни беше објавата, нешто пред земјотресот, дека во Скопје гостува ревијата „Париз на мраз“.Просто не ни влегуваше во нашите не толку учени пубертетски глави како сред лето во објектот на Сајмиште(смалена копија на куполите на Белградскиот саем) ќе се формира ледена површина, по која лизгачките вештини и вратоломии пред подзинатите гледачи ќе ги изведуваат членовите на патувачката дружина, која директно од градот на светлината  на лизгалки,туку речи,стаса и на забитиот Балкан,па и во Скопје.

Ќе да беше  некаде година-две пред земјотресот,лето изгор.Со неколкумина кошаркари на „Трговски“ го завршуваме кондициониот дел од тренингот во градски парк, кај сегашното мовче кај Жабар,на Официрска плажа.Ние два-тројца бевме најмладиот дел на тимот кој според рангот беше како посвојче покрај Вардар,Работнички и Слога,а просториите,односно само една соблекувална, ни беа под северната трибина на градски.Трениравме со Шпире,Томче Димишковски,Крка,Рамуш,Вули и Владо Адамов и лудо ентузијатски баравме место на кошаркарското небо на кое светеа трите скопски ѕвезди со познати мајстори на играта под кошевите, која земаше замав,посебно откако во сајмиште се играше дел од балканското првенство.

Седиме изморени и испотени на брегот на реката,капачи се уште нема,а откаршија во плитката вода се брчкаат неколку синокоси убавици со извајани тела и во дводелни бикини костими за капење, за кои само читавме и замаглени слики гледавме по ретките списанија за филм и разонода.Мирно е и се слуша, покрај подвриснувањето од задоволство и восхитеност од убавиот поглед по Вардар низводно накај Официрски,Стариот театар и Камениот мост и на запад накај градска и руска плажа, убав француски,изворен и за нас неразбирлив иако го учевме како единствен странски во осмолетка и во гимназија(подоцна дојде модата да се учи англиски).Којзнае како сме им изгледале на разголените и весели лизгачки кои мразот и лизгалките ги замениле со бикини и бистра вардарска вода и на уште двајца „мисири“-нивни придружници, на кои бескрајно им завидувавме што се со нив како соиграчи на ревијата,подзинати и ококорени како да не сме виделе женско,па уште од странство, кое едвај да знаевме каде се наоѓа на карта.....

Како и повеќето циркуски претстави,мајсториите на моторџиите на  ѕидот на стравот,возењата на електричните аутца од патувачките луна паркови, ни ревијата “Париз на мраз“ не ја гледав од една единствена причина-се немаше пари за ретки задоволства(мајка ми ги викаше “шоегодлоци недомаќински“)што се паметат за цел живот.Ја паметам сликата на прекрасните синокоси капачки на Вардар пред Дизел централа појасно отколку уметничката слика  „Купачица“ на Јован Бјелиќ, познатиот сликар од бившата држава.....

Mojсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок