Добивај вести на Viber
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски, е избран за нов член на Бордот на директори и потпретседател на Европското тело на регулатори за електронски комуникации (BEREC).
Одлуката за изборот на Орданоски е донесена на пленарната седница на БЕРЕК, што се одржа во изминатите два дена во Рига, Летонија.
На состанокот учествуваше делегација од АЕК, предводена од Орданоски, како и претставници на регулаторните тела од земјите членки на Европска Унија, земјите кандидати за проширување и земјите членки на ЕФТА. Орданоски е избран како претставник од земјите кои учествуваат во работата на BEREC, а не се членки на Европската Унија.
„Ова претставува особена чест за Агенцијата за електронски комуникации и можност за непосредно учество и влијание во креирањето на европската регулатива за електронски комуникации, за која Република Македонија се обврзала да ја имплементира. На тој начин Македонија ќе има можност да учествува во создавање подобри конкуренски услови, со што ќе се овозможат попристапни електронски комуникациски услуги за сите граѓани од европскиот континент. Меѓу другото, на тој начин, преку местото во Бордот на директори, АЕК ќе може да предлага и да заштити, иницијативи и идеи кои се од посебен интерес за граѓаните на Република Македонија“ - се вели во соопштението од АЕК.