30 Април, 2024
0.7140

Родителите не си ги сакаат децата, ама затоа премиерот ги љуби

Објавено во: Колумни 24 Септември, 2015

Добивај вести на Viber

Егоизам, индивидуализам, егоцентризам обично се карактерни особини не многу посакувани и особини на личности за кои одлика се култните стихови „Ја волим само себе и једино себе“.... Луѓето кои се одликуваат со споменатите вредности се ставаат себе си во центарот на внимание, се сметаат себе си за најдобри, најумни, најпаметни и се нај и другите луѓе, па и нивните ближни не се поле на нивен интерес. Наспроти таквите личности се луѓето кои ги краси алтруизам (не аутизам), космополитизам, и тоа се личности кои колективните интереси и интересите на ближните и драги луѓе ги ставаат пред сопствените, односно, човекољубци во вистинска смисла на зборот. Оваа класификација не случајно ја споменувам бидејќи за родителите се говори дека се посветени на своите деца, дека центарот на нивниот свет се децата, но деновиве слушнав една сосема поинаква кфалификација и добив впечаток дека повеќето родители се егоисти и не си ги сакаат своите деца, напротив, далеку се од она што се вели колективен интерес за потребите и желбите на своите најмили. Мајчината љубов се вели дека е најсветото и најблаженото нешто за едно дете, таа за детето значи поттик и поткрепа во мигови на среќа и радост, но и тага и беспаќе, таа за детето значи бенефит во секој поглед и секоја ситуација, таа за детето значи стимул да се оди напред и да се постигнуваат успеси на разни животни полиња. Поаѓајќи од овие постулати неминовно е да претпоставите дека родителот за сопственото дете го посакува најдоброто и ќе се стреми кон тоа, пред се во воспитувањето и во неговото образование. Искрено, како едукатор, но и методичар кој го проучува образованието од научен аспект, ги согледувам најдобрите и најплодоносни методи за успешно образование и стекнување на знаења на младите и оттука својствено за мене е дека истите тие методи, кои носат успех, да бидат прифатени и стимулирани од страна и на родителите. Научната и стручна јавност полемизираше и укажуваше од лошиот модел на екстерно тестирање Секој родител посакува неговото дете да се образува и воспитува во духот на доброто, позитивното, иновативното, просперитетното. Секој родител сака детето да се надградува постојано и да напредува со знаења и компетенции кои ќе му помогнат подоцна во животот да се осамостои и да си продолжи сам да чекори низ животните премрежија. Оттука ги сфаќам и честите бунтувања на родителите, формирањето на родителските совети, се со цел да се направат реформи кои ќе донесат прогрес, а не стагнација или регрес. Месеци наназад родителите се кивни и говорат против низа небулози и лоши образовни реформи, како што е екстерното и низа други образовни феномени кои катадневно се наметнуваат на учениците. Научната и стручна јавност полемизираше и укажуваше од лошиот модел на екстерно тестирање и непостигнувањето на никакви ефекти, напротив, сето тоа придонесуваше за стресови и кај децата и кај родителите и една негативна атмосфера која се провлекување со месеци. Родители почнете да си ги сакате децата, па не може Премиерот само да ви ги сака, колку љубов ли треба да има за сите Е сега деновиве видете чудо, алелуја, една мудрост чувме и навистина таа не просветли, премиерот рече дека родителите не си ги сакале своите деца, тие не им мислеле добро и сакале децата без труд и знаење да поминат во животот, а тој како вистински алтруист (не аутист да не погрешите) мислел на децата, вистински ги љубел и затоа предложил такви прекрасни и соломонски решенија кои ќе имале бенефит за сите. Леле види си реков па како мене до сега не ми текна, дури сама себе си се прекорив дека и јас не ги сакам децата кога пишувам и говорам против образовните реформи и навистина страм да ми е... Па како можам да пишувам и критикувам екстерно тестирање кое е сведено на ресавска школа, на механичко учење на однапред подготвени прашања и дадени одговори, како може да критикувам таков вонсериски проект преку кој не се развива логичноста и креативноста, туку се стимулира механичноста и напамет изустување и научување на нешто што ти е наметнато, леле како сум била заслепена. А вие родители дајте малку ука и поука земете од првиот човек, добро ве искара, па сакајте си ги децата и учете ги дека не треба да прочитаат ниту една книга, чуму им се Балзак, Толстој, Јаневски, Тодоровски, Поповски, учете ги да се снајдат да препишат, да подметнат, да изберат полесно немасто УКИМ на пример, да отидат на некој друг Универзитет (секако без омаловажување но сепак го преферирам најстариот и најдобро рангираниот), учете ги дека расудувањето, вежбањето, логичкото следство и новите образовни технологии не им се потребни, не им е потребно континуирано учење, туку потребно им е неколку дневно напамет учење на прашања и задачи (кои во голема мера апсолутно не соодветсвуваа со вистинските знаења за соодветната област), учете ги дека во животот е потребно да си снаодлив и бескрупулозен, а никако чесен и доблесен. Навистина родители почнете да си ги сакате децата, па не може Премиерот само да ви ги сака, колку љубов ли треба да има за сите.... Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД