19 Април, 2024
0.2077

Русија – ништо од новото, ако не беше старото

Објавено во: Колумни 12 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Точно пред десет дена рускиот претседател Владимир Путин ја потпиша Стратегијата за национална безбедност на Руската Федерација. Станува збор за документ кој ја заменува досегашната стратегија, усвоена во декември 2015 година. Усвоена во време кога Русија беше на тапет поради настаните во Украина и кога настанаа промени во однесувањето кон неа од страна на Западот. Нормално тогашната стратегија одговараше на тоа време, но сега имаме нов документ кој не ја гледа само актуелната состојба, туку се обидува да ѕирне подалеку. А на тоа е поттикнат од промените во светот што се случија и се случуваат. Документ кој на прв поглед ја враќа Русија дома кон традициите, а надвор ја тера да се повинува на  новите линии на делби. И таму да си го бара своето место.

Во документот од 43 страни, јасно се наброени стратешките национални приоритети во наредниот период. Почнувајќи од грижата за народот во Русија и развојот на човековиот потенцијал, па одбраната на земјата, државната и општествената безбедност, информационата безбедност , економската безбедност, научно технолошкиот развој, еколошката безбедност и рационалното користење на природата, заштитата на традиционалните руски духовно-морални вредности, култура и историски сеќавања и стратешката стабилност и меѓународната соработка од заемна полза. Стратегијата од 2015 година, горе долу, според  определувањето на приоритетите е иста, но сега е назначена заштитата на  духовно-моралните вредности, научно-технолошкиот развој, а наместо меѓународна соработка од заемна полза, како сега, тогаш се зборуваше за рамноправно стратешко партнерство. Многу битна разлика. Очигледно Русите веќе не веруваат во рамноправно стратешко партнерство. Особено со Западот, бидејќи во сегашната Стратегија за такви партнери се споменуваат Кина, Индија и други земји...

Во Стратегијата се вели дека „Стремежот на земјите од Западот да ја сочуваат својата хегемонија, кризата на современите модели и инструменти на економски развој..., стремежот на транснационалните корпорации да ја ограничат улогата на државите се придружени со заострување на внатрешно политички проблеми, засилување на меѓудржавните противречности, ослабување на влијанието на меѓународните институции и намалување на ефикасноста на системите за глобална безбедност“. Па се додава дека „Во услови на растечка геополитичка напнатост, надворешната политика на Руската Федерација треба да придонесува кон зголемување на стабилноста на системот на меѓународни односи, потпирајќи се врз меѓународното право, принципи на севкупна, подеднаква и неделива безбедност, продлабочување на многустраната соработка без линии на делби и блоковски приоди со цел за заедничко решавање на глобалните и регионалните проблеми, со централна и координирачка улога на ООН и нејзиниот Совет за безбедност“.

ЗА ПРАВОТО, ПРАВАТА И ПРАВИЛАТА

Димитриј Тренин од Московскиот Карнеги центар во свој коментар за Стратегијата  нагласува дека: „Авторите на Стратегијата сликаат свет кој претрпува тешка трансформација. Хегемонијата на Западот, велат тие, е при крај, но тоа е она што доведува до побројни и поинтензивни конфликти. Оваа комбинација на историски оптимизам (очекување на крај на западната хегемонија) и длабока загриженост (Западот ќе се спротивстави уште пожестоко) донекаде потсетува на познатиот сталинистички постулат дека класната борба ќе се интензивира додека се движиме кон социјализмот“.

Но за односот на Западот пишуваше неодамна и рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров. Поводот за текстот „За правото, правата и правилата“, беше средбата на претседателите Џо Бајден и Владимир Путин, но и средбите на Бајден на европската турнеја, како и некои резултати од неа. Па така Лавров нагласува дека по Самитот во Женева Европјаните почнаа да ги искажуваат однапред договорните работи. Поточно да ја „предупредуваат“ Русија. Предупредувањата проследени со закани од типот доколку Москва во текот на неколку месеци не ги прифати „правилата на игра“ утврдени во Женева ќе биде подложена на нов притисок.  Лавров во текстот сугерира дека таквата солидарност меѓу ЕУ и САД не е случајна. „Западот сакаше да им биде јасно на сите дека : „тој, како никогаш порано, е обединет и ќе го стори само она што го смета за правилно на меѓународната сцена и ќе ги принуди другите - пред се Русија и Кина - да го следат неговиот зацртан курс“. Тој ја споменува и новата англо-американска Атлантска повелба, одобрена од Џо Бајден и Борис Џонсон, која „е замислена како еден вид почетна точка за градење на светски поредок, но исклучиво според западните„ правила “. Русија и Кина се сметаат за главни пречки на западниот курс како „носители на авторитаризам“, напиша Сергеј Лавров. 

Според него, „Поредокот заснован на правила“ е олицетворение на двојни стандарди. Кога е од полза, правото на самоопределување на народите се признава како апсолутно „правило“. „Меѓу нив се и Малвините, на 12 илјади километри од Велика Британија, или далечни поранешни колонијални имоти на Париз и Лондон, кои и покрај многуте одлуки на ООН и Меѓународниот суд на правдата, никој не се подготвува да ги ослободи,  како и „независното“ Косово , со кршење на резолуцијата на Советот за безбедност на ООН. Кога принципот на самоопределување е во спротивност со геополитичките интереси на Западот - како во случајот на слободното изразување на волјата на жителите на Крим во корист на заедничката судбина со Русија - тие забораваат на тоа и луто го осудуваат слободниот избор на луѓето, ги казнуваат со санкции“, пишува Лавров. Уцените со санкции веќе не поминува во Русија. Лавров нагласува дека Запад не може да смета на еднострани отстапки од страна на Русија. Како што всушност се прави уште од крајот на деведесеттите години.

ЗАПАДОТ ВЕЌЕ НЕ Е ПРИОРИТЕТ

Иако прашањата за надворешната политика во Стратегијата се наброени без некое детализирање, јасно е, барем според документот, дека односот со Западот веќе не е приоритет. Со него ќе се соработува кога ќе има заемна полза. Стратешкото партнерство е оставено за  Кина и Индија. За првата сеопфатно партнерство и стратешка интеракција, а за  втората особено привилегирано стратешко партнерство. Ќе се продлабучува соработката со членките на групата БРИКС, Шангајската група за соработка, Азиско – тихоокеанскиот регион. Првостепено е продлабочувањето на соработката со земјите-членки на ЗНД, Република Абхазија и Република Јужна Осетија на билатерална основа и во рамките на интеграциските здруженија, пред се на Евроазиската економска унија, Организацијата на договорот за колективна безбедност, Сојузната држава(се мисли на Русија и Белорусија на чие обединување се работи веќе со години, ама се’ уште без конечно решение). Не изостанува и поддршката за реформи на СБ на ОН, во насока на давање повеќе значење на државите од Азија и Латинскаа Америка, за сметка на „староседелците“ од Западот. Што значи поддршка за проширување на СБ на ОН. Се разбира ова е само желба на Русите, бидејќи не може да помине без одобрување од „староседелците“ кои имаат право на вето.

Русија не се откажува од обезбедување поддршка на сонародниците што живеат во странство во остварувањето на нивните права, вклучувајќи го и правото да се зачува серускиот културен идентитет, за да се обезбеди заштита на нивните интереси. Овде пред се’ треба да се земат предвид рускојазичните граѓани во државите од Балтикот , но и во други постсоветски држави. Да не зборуваме за Украина. Исто така во Стратегијата се зборува за „зајакнување на братските врски меѓу рускиот, белорускиот и украинскиот народ“. На оваа тема неодамна се осврна и Путин, кога најави дека ќе напише статија околу тие прашања, со оглед на тоа што многумина мислат дека и тие не се толку „братски“.  Конечно Русија се спротивставува на „обидите за фалсификување на историјата, заштита на историската вистина, зачувување на историската меморија“.

Кога сме кај „историската меморија“ министерот Лавров во погоре споменатиот текст вели дека: „Во низа напори за замена на меѓународното право со западни „правила“ - најопасна е линијата за ревизија на историјата и резултатите од Втората светска војна, одлуките на Нирнбершкиот трибунал - темелот на современиот светски поредок“, Па набројува руски инцијативи кои ги отфрла Западот во ОН да се донесат резолуции и декларации за недопуштеноста на величењето на нацизмот, за уривање на споменици од Втората светска војна, за периодот на колонијализмот, а наместо тоа „поранешните колонизатори сакаат да ги избришат сеќавањата“, па набрзина измислуваат церемонии , како што е клекнување во спортот, „во обид да го свртат вниманието од нивната историска одговорност за злосторствата од колонијализмот“.

МОРАЛНИ ВРЕДНОСТИ

Во рамките на заштита на традиционалните руски духовни и морални вредности, култура и историска меморија во Стратегијата се нагласува дека: „Основните морални и културни норми, верските темели, институцијата брак, семејните вредности се подложени на уште поуништувачки ефект. Слободата на индивидуата се апсолутизира, се спроведува активна пропаганда на попустливост, неморал и себичност, се всадува култ на насилство, потрошувачка и задоволство, легализирана е употреба на дрога, се формираат заедници што негираат природно продолжување на животот. Проблемите на меѓуетничките и меѓуконфесионалните односи стануваат предмет на геополитички игри и шпекулации кои генерираат непријателство и омраза“.  Па се додава дека :„Традиционалните руски духовни, морални, културни и историски вредности се активно напаѓани од Соединетите Американски Држави и нивните сојузници, како и од транснационални корпорации, странски непрофитни невладини, верски, екстремистички и терористички организации. Тие имаат информативно психолошко влијание врз индивидуалната, групната и јавната свест со ширење на социјални и морални ставови кои се косат со традициите, убедувањата и убедувањата на народите на Руската Федерација“.

За ова пишуваше и Лавров. Повторно во контекст на западниот концепт на правила. Според него:„Концептот на „правила“ се манифестира и во напад не само на меѓународното право, туку и на самата човечка природа. Во училиштата во голем број западни земји, децата, како дел од нивната наставна програма се убедуваат  дека Исус Христос бил бисексуалец. Обидите на разумните политичари да ги заштитат децата од агресивна ЛГБТ пропаганда наидуваат на воинствени протести во „просветлената Европа“. Во тек е напад врз темелите на сите светски религии, врз генетскиот код на клучните цивилизации на планетата. САД поведоа во отворена државна интервенција во работите на црквата, отворено сакајќи да го поделат светското православие, чии вредности се сметаат за моќна духовна пречка за либералниот концепт на неограничена попустливост“.

Добро би било Русите кога пишуват за моралните вредности да се свртат кон себе. Па да ги прочитаат анкетите  во кои испитаниците зборуваат за моралните вредности на богаташите во Русија. Па и на црковните достојници и на политичарите. Излегува по она народното „не ме гледај што правам, туку слушај што ти зборувам“. Деновиве во Русија и Црквата е вклучена во агитација за вакцинирање од коронавирус со оглед на фактот дека таму мал е бројот на вакцинирани, а во тек е нов голем бран  на новозаразени. Па поповите укажуваат дека тие што нема да се вакцинираат ќе одат во пеколот. А прашање е колку од нив се вакцинирани? Особено ако се има предвид дека на почетокот на пандемијата некои од Црквата беа против почитувањата на мерките за заштита од коронавирус.

ПРЕДОЗИРАНА СЛОБОДА – СМРТ ЗА ДРЖАВАТА!

Во поглед на тоа дека „слободата на индивидата се апсолутизира“, не е на одмет да се цитира Владислав Сурков од неговото неодамнешно интервју за „Фајненшел тајмс“ во кое тој вели дека „Предозирањето со слобода е смртоносно за државата. Се’ што служи како лек, може да биде отров. Работата е во дозирањето“. Во интервјуто Сурков го спореди претседателот Путин со основачот на Римската империја Октавијан Август. „Октавијан дојде на власт кога нацијата, луѓето , се плашеа да се борат. Тој создаде држава од друг тип. Тоа веќе не беше република...Тој ги сочува формално институциите на републиката, имаше сенат, имаше трибунал. Но сите одговараа пред еден човек и нему му се потчинуваа“, рече Сурков. Според него Путин го направил истото со демократијата во Русија. Не ја укина, ја смеша со „монархистичкиот архетип на руското владеење“. „Тој архетип работи. Во него има доволно слобода и доволно поредок“, вели Сурков. Него го сметаат за главен идеолог на „путинизмот“. Го сметаат за архитект на руската „суверена демократија“, отворен систем со предвидлив исход.

Во Сратегијата бегло се споменува брбата со корупцијата. Како да не постои. А како два и два е јасно дека богаташите околу Путин или нивни блиски се најголемите корисници на државните пари добиени преку разни тендери на коруптивен начин. Тука како да не се гледа голема закана за безбедноста на Русија. Веројатно се очекува на тој план да помогне дигитализацијата, вештачката интелигенција и други работи кои ќе треба да се развиваат со поголеми пари за науката, како што се тврди дека ќе се доделат. Можеби ќе помогне и борбата со американските интернет компании кои го имаат монополот во информациониот простор. Може да дојде и до затворање на рускиот интернет простор. Шегата настрана, корупцијата е доминантна кај владејачката класа. И кај политичарите и во полицијата и во војската...Милионски афери само го потврдуваат тој факт. Милијарди рубљи кај полковници или генерали...Тоа што е откриено, а уште колку останува да се открие. И тоа токму кај оние кои го црпат буџетот.   

Очигледно Стратегијата е подготовка за нов чекор на Русија во неизвесноста со која ќе се соочи наредните години. Неизвесност бидејќи нејзините сметки не се знае дали ќе бидат исти како  оние на светскиот пазар. Било политички, било економски, било воен. Инаку за содржината на Стратегијата може да се искористи едно искажување на Русите, позајмено пред многу години од Французи.  Всё новое это хорошо забытое старое, буквално, се ново е добро заборавено старо. А во слободен превод: нема ништо од новото, ако не беше старото.

Мирче Адамчевски

Ставовите изразени во рубриката колумни се лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика на Фактор




Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок