19 Април, 2024
0.1678

Русија и Авганистан – кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко

Објавено во: Колумни 19 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Додека во Доха, Катар, се водат преговори меѓу авганистанската влада и претставници на Движењето „Талибан“, околу иднината на земјата, за неа се заинтересирани и редица други држави. Меѓу нив САД, ЕУ, Британија, Русија, Кина, Иран, Пакистан, Индија,Турција, но и редица помали, но битни држави од Централна Азија, некогашни републики во рамките на Советскиот Сојуз, а кои граничат или се блиску до Авганистан.

На последната рунда преговори водени во Доха викендов двете страни се договорија да ги продолжат мировните преговори, да се најдат допирни точки за да може земјата да се извлече од сегашната состојба. Но нема ниту збор за некаков прекин на огнот или намалување на насилството во земјата. Најголема пречка е што не може да се најде заедничка визија за иднината на земјата, околу која сите ќе се обединат. Дваесетте години американска и НАТО окупација на земјата, деценија претходно советска , а пред тоа и британска сигурно оставиле траги во сеќавањата и во градењето на карактерите на луѓето од Авганистан. Непокорни за надворешните освојувачи, но и со племенски и лични егоизми, интереси и амбиции. Сето тоа не дозволува да зацари мирот во таа геостратешки, но и суровински,  многу важна земја во Централна Азија.

На 14 април годинава американскиот претседател Џо Бајден најави повлекување на американските војски од Авганистан до крајот на август. Дваесет години по влегувањето во таа земја. Поводот беа терористичките напади во САД на 11 септември 2001 година кога загинаа над 3.000 Американци. Претседателот Џорџ Буш, помладиот, подржан од своите советници ја донесе одлуката за тоа, но сигурно ни на крај памет не му беше дека војските ќе останат таму две децении. Бајден во април не водеше сметка за отпорот на советниците, раководители на специјалните служби кои отворено велеа дека Авганистан тешко ќе може да ги сопре припадниците на „Талибан“. И го оствари решението на неговиот претходник, Доналнд Трамп.  Џорџ Буш пред некој ден изрази несогласување со одлуката на Бајден со коментар дека дури сега ќе биде тешко за авганистанските жени и девојки. Можеби мислел дека Американците треба да бидат таму уште некоја деценија. 

ЗАДОВОЛСТВО СО КИСЕЛ ВКУС

Некои аналитичари го нарекуваат Авганистан „гробница на империите“. Овој пат американските и војските на НАТО заминаа или заминуваат после поразот. Не воен. Туку пораз на една политика. Повлекувањето на окупациските војски како да треба да предизвикува некаде или некому задоволство. Ќе рече некој кај Русите. Но тешко дека е така. Задоволството е со кисел вкус. Повеќе би се рекло дека Русија е загрижена од хаосот кој го оставаат силите што се повлекуваат од Авганистан. Впрочем Сергеј Лавров пред некој дена во Ташкент на конференција посветена на Централна Азија изјави дека станува збор за брза деградација на ситуацијата во Авганистан. „Во светлото на избрзаното повлекување на контингентите на САД и НАТО, неизвесноста за развојот на воено-политичката ситуација, во и околу оваа земја, нагло се зголеми. Авганистанската криза ја влошува терористичката закана и проблемот со нелегална трговија со дрога, која достигна невидени нивоа. Очигледно е дека во сегашните услови постојат реални ризици од „прелевање“ на нестабилност кон соседните држави“, рече Лавров.

Загрижена е Русија што нестабилноста може да се прелее кон нејзините сојузници и членки на Организацијата на Договорот за колективна безбедност, Таџикистан и Киргистан, но и две поранешни републики на СССР, Узбекистан и Туркменистан. Прелевањето на нестабилност во земјите членки на ОДКБ значи и реакција на таа организација. Ако се работи за влез на авганистански или талибански трупи, тогаш според договорот членките на ОДКБ ќе ги земат во заштита нападнатите земји. Земањето во заштита значи и употреба на оружје. Употреба за која не знаеш кога ќе заврши. А во Русија и другите поранеши републики од СССР сигурно не се избледени сеќавањата од советската инвазија од 1979 година, која траеше до 1989 година. Со илјадници советски и десетици илјади авганистански жртви.

Опасната игра што започнува во Авганистан може да доведе до долга граѓанска војна, која како и секоја војна освен жртви е проследена со бегалци, уништувања, закани за соседите. А бегството од војната води токму кај нив, а оттаму кон Русија. Никој не знае кој и како бега и зошто бега, па се отвора можност и за префрлување на исламски борци од Исламската држава, кои прогонети од Сирија и Ирак, најдоа уточиште во Авганистан. Тоа ја плаши Русија. Па затоа таа води преговори и со Талибанците, чие Движење е забрането во Русија. Некои ја осудуваа за фактот дека води преговори со некој кој е забранет, но од Москва велат дека контактите со Талбанците се остварени уште пред седум години.  „Можете да замислите доколку ние пред седум години не почнавме да градиме мостови со Талибанците, да контактираме, да им ја пренесуваме нашата загриженост, нашите интереси, и ако одевме по стапките на Западот и ги етикетиравме, со кого сега ќе разговаравме? Тие имаат проблеми, а Русија може да разговара со било која сила во Авганистан“, изјави неодамна специјалниот претставник на претседателот Владимир Путин за Авганистан и директор на вториот департмент за Азија при руското МНР, Замир Абдулов.

РУСКИ ПРЕДЛОГ ДО САД

Затоа Русија ќе направи се’ што е можно да ги поддржи некогашните свои братски републики, паралелно со преговорите со силите од Авганистан. Ова особено по најавите од Вашингтон дека САД ќе се обидат своите војски кои ги повлекуваат од Авганистан да ги разместат во негови соседни земји. Но, според првиот разузнавач на Русија, Сергеј Наришкин,  тие се надеваат дека нејзините сојузници од ОДКБ нема да им излезат во пресрет на Американците. Според американски медиуми САД сакаат да разместат војници во Узбекистан и Таџикистан, на за тоа се’ уште нема договор. „Очигледно носејќи решение за повлекување на војските од Авганистан, владата на САД не би сакала да ја загуби контролата врз таа територија и искажува намери да размести барем дел од тие ресурси, кои се’ уште се на територијата на Авганистан, во соседните земји“, изјави Наришкин, додавајќи „ разбираме и дури имаме информации за тоа дека такви обиди се преземаат и ќе се преземаат“.

Според Лавров, пак, во поглед на американските планови Пакистан и Узбекистан веќе официјално одговориле дека исклучено е разместување американска воена инфраструктура на нивна територија. Но имало и друга американска иницијатива. А тоа е разместување на Авганистанци кои соработувале со Американците, времено или трајно на териториите на централните азиски републики. Најнапред, според Лавров, во разговорите со неговите колеги од тие земји, се зборувало за десетина илјади, но подоцна слушнал и за бројка од стотина илјади до крајот на годината. Тој очекува тие земји да донесат „вистинско решение, поаѓајќи од нивните интереси“.

За намерите на САД да разместат свои војски во соседните земји на Авганистан, станало збор и на средбата во Женева, меѓу претседателите Џо Бајден и Владимир Путин. Тогаш, според московски „Комерсант“, Путин му предложил на Бајден алтернативна варијанта. Заедничка координација на активностите кон Авганистан со Русија со можност за користење во практични цели на руските бази во Таџикистан и Киргистан. Освен тоа може да се зборува и за размена на информации добиени со користење на дронови, бидејќи на тие бази веќе има разместено руски беспилотни летала. „Ако Американците беа заинтересирани само да внимаваат на ситуацијата во Авганистан, тие би ја прифатиле оваа дарежлива понуда. Но засега нема јасен одовор од нив, што наведува на помисла дека, можеби, тие имаат други цели“, изјавил неименуван соговорник на „Комерсант“. Да не заборавиме дека во 2001 година, по терористичкиот акт, Путин беше првиот кој изразувајќи сочуство за жртвите им предложи на САД, на претседателот Џорџ Буш, логистичка поддршка за интервенцијата во Авганистан со користење на руските бази во некогашните советски републики, но и залагање Американците да добијат свои бази во тие земји. Тоа и се оствари.

ГЛАВНИОТ ДОБИТНИК - КИНА

Доколку работите добијат несакан тек за Русија, може ли да дојде до директна интервенција во Авганистан? Според досегашните изјави од Москва, такво нешто тешко може да се очекува. Русите после горчливото искуство од осумдесеттите години на минатиот век тешко дека би се навратиле по втор пат во „гробницата на империите“. Зашто, кој еднаш се изгорел ќе дува и на ладно млеко. Русија има и други проблеми. Пред се’ Сирија. Ангажирана е околу Нагорно Карабах. Ангажирана е во Либија и во некои држави во Африка. А да не зборуваме за големиот ангажман околу Украина. Москва ќе даде сесрдна поддршка на земјите од Централна Азија, посебно сојузничките од ОДКБ. А најмногу ќе се посвети на дипломатијата. Лавров во еден разговор истакна дека „Русија нема да се меша се’ додека судирите се на територијата на Авганистан“. На преговорите во Москва Талибанците ветија дека нема да им фали влакно на главата на руските дипломати кога ќе се вратат во конзулатите во приграничните авганистански градови, дека нема да ја нарушуваат границата со соседите.

Ако така се развиваат работите тогаш Москва би можела да биде спокојна. Но кој ќе го посака залакот – Авганистан? Земја која е мостот кон топлите мориња, кон кои мечтаела дури и Руската империја. Авганистан е порта кон Азија и со големи рудни богатства. Земја посакувана и од Запад, посебно од Британија, но и од Пакистан, Иран, па и Турција. Да не ја заборавиме Кина. Многумина сметаат дека таа ќе биде главниот добитник од поразот на САД и НАТО во Авганистан. „Дејли меил“ деновиве пишуваше дека Авганистан е огромна награда за марсистичката влада на Ши Џинпинг. Затоа што Авганистан ги нуди вратите низ кои кинеската армија може да дојде до Арапското море, преку Иран и Пакистан. „Измачената од војна земја на Кина може да и предложи уште две работи. Кои таа очајно ги посакува: достап по копно до Иран и Блискиот Исток, а исто така и пат до Индискиот океан и натаму кон Африка“, пишува „Дејли меил“. И додавајќи дека Пекинг е уверен дека може да победи онаму каде што со векови губеа Вајтхол, Кремљ и Белата куќа, едноставно затоа што нема интерес за промена на авганистанското општество. Тој научи од грешките на руските комунисти. Кинеските комунисти не сакаат да го направат Авганистан (или кој било друг) по свој лик и подобие.

По се ова Русите и покрај вековните желби „да ги измијат чизмите во топлите мориња“ ќе чекаат нова прилика за тоа. Што е и реално во современиот распоред на силите во светот.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок