19 Април, 2024
0.0316

Русија и Кина водеа дијалог – Западот се дума околу евентуална војна

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2021

Добивај вести на Viber

Минатата недела измина во знакот на два настана директно неповрзани, но секако значајни за меѓународните односи во Европа и светот. Русија на американската дипломатка, Карен Донфрид, помошник на државниот секретар во средата и ги предаде предаде конкретните предлози за изработка на правни гаранции за осигурување на безбедноста на Русија. Истиот ден се одржаа и видео  преговори меѓу претседателите на Русија и на Кина Владимир Путин и Ши Џинпинг.

И додека Западот, посебно САД и НАТО размислуваат околу одговорот на рускиот предлог, кој би можел да значи дури и војна, во преговорите на рускиот и кинескиот претседател доминираа економските теми. Иако и заменикот министер за наворешни работи на Русија Александар Грушко, спомена некакви воено-технички мерки доколку не биде прифатено руското барање за безбедносни гаранции. Белким не е војна со Украина.

Некнешниот разговор на Путин и Џинпинг беше втор годинава. Инаку од 2013 година досега тие имале 37 средби. Тие еден на друг се обраќаа со „драг пријателе“(Путин) и “стар пријателе“(Џинпинг). За Путин односите меѓу двете земји се „вистински пример за меѓународна соработка во 21. век“. Џинпинг, во тие рамки, високо ја цени руската поддршка на „напорите на Кина за заштита на клучните национални интереси и решителното залагање против обидите да се забие клин меѓу двете наши страни“. Самитот Путин – Џинпинг доаѓа една недела по разговорите на Путин со американскиот претседател Џо Бајден, а и речиси еден месец од разговорот на Бајден со Џинпинг. Така што рускиот и кинескиот претседател имаа што да си кажат. А за февруари догодина се договорија за лична средба. Путин му најави на својот колега дека ќе дојде на Зимската олимпијада, па претходно би можеле да се сретнат.

Рускиот претседател овој пат не говореше за некакво стратегиско партнерство меѓу двете земји. Тој спомена „нов модел на соработка“, кој се темели врз неколку основи, како немешањето во внатрешните работи, почитување на интересите на едните и другите, решителност заедничката граница да се претвори во „појас“ на вечен мир и добрососедство. Притоа тој соопшти дека се зацврстуваат трговско-економските врски, а како резултат од тоа од јануари до ноември годинава трговската размена достигна 123 милијарди долари. На тој начин се надминати допандемиските рекордни показатели од 2019 година.

Во блиска перспектива Путин очекува раст на размената до 200 милијарди долари. Во тек се големи заеднички проекти во енергетиката, во тие рамки атомската, потоа во индустријата и во сферата на високи технологии. Кина сега е меѓународен центар за производство на руската вакцина „Спутњик V“ и „Спутњик лајт“. Веќе се потпишани договори со шест кинески компании за производство на 150 милиони дози од вакцините. За Ши Џинпинг  односите меѓу  двете  држави  достигнале виско ниво без преседан. Според него, односите не се сојузнички, но според цврстината тие го надминуваат сојузничкото ниво.

НЕЗАВИСНА ФИНАНСИСКА СТРУКТУРА

За другите детали од раговорите јавноста беше информирана од помошникот на Путин, Јуриј Ушаков. Тој спомена дека лидерите се заложиле за зголемување на уделот на рубљата и јуанот во меѓусебната трговија. На тој начин би се проширила соработката во поглед на обезбедување достап на руските и кинеските инвеститори на пазарите на двете земји. Посебно внимание било посветено на неопходноста за формирање независна финансиска инфраструктура за опслужување на трговските операции меѓу Русија и Кина. Да се направи структура врз која ќе немаат влијание трети страни. Ова е интересно со оглед на најавите од Запад за нови санкции врз Русија, меѓу кои и исклучување од системот SWIFT.

За двете земји, сега, во време на енергетска криза, особено беа важни прашањата за испорака на гориво по гасоводот „Силата на Сибир 2“. Станува збор за гасовод кој ќе минува низ Монголија и ќе има капацитет од 50 милијарди кубни метри гас годишно. За Русија е интересно пласирање на  житни култури во Кина. Кинескиот пазар засега е затворен. Русија по воведувањето на санкциите работеше на развој на земјоделството и денес е еден од најголемите извизници на жито во светот. Вредноста на извозот на земјоделски производи веќе ја надмина онаа од извозот на оружје. Русија е заинтересирана во рамките на кинеската иницијатива „Еден појас, еден пат“ да се вклучат и инфраструктурни планови од евроазиските региони. Па така да се стигне и до Европа.

Нормално во преговорите на двајцата претседдатели станало збор и за нивните разговори со Бајден. Путин го запознал Џинпинг со дијалогот со Бајден. Нагласувајќи дека му ги пренел  на американскиот лидер загриженостите на Москва по повод ширењето на НАТО на исток и му го привлекол вниманието на потребата од преговори за меѓународни, правни, гаранции од Западот. Тие мора да го исклучат натамошното напредување на Алијансата кон руските граници и распоредување на оружје на територијата на Украина и во другите соседни држави што е закана за Русија. Според Ушаков, Џинпинг ги поддржал барањата на Русија за гаранција на нејзината безбедност. А Кремљ ветил дека Кина ќе биде постојано во тек со развојот на работите на тој план.

ЗАБИВАЊЕ КЛИН МЕУ РУСИЈА И КИНА

Една од темите на средбата било и создавањето на блокот AUKUS(Австралија, Британија, САД), кој, според мислењето на двајцата лидери, ја поткопува нуклераната рамнотежа и „раѓа“ напнатост во Азиско-тихоокеанскиот регион. „Искажана е загриженост по повод активностите на Американците за реконфигурација на постојната ситуација во Азиско-Тихоокеанскиот регион. Во врска со тоа од двете страни беше искажана негативна оценка по повод создавањето на нови алијанси од типот на индо-тихоокеанската четворка Quad и сојузот AUKUS“, изјави Ушаков.

Разгледана била и идејата на Путин за самит на „петорката“ од СБ на ОН. „Двата лидера велат дека таа крајно полезна идеја ќе настојуваат да се оствари во идната година“, соопшти помошникот на Путин. За „Самитот за демократија“ на Бајден, Путин и Џинпинг велат дека е контрапродуктивен и дека бил конфронтационен. Според кинеското министерство за надворешни работи Џинпинг рекол дека: „Во моментов под предлог на „демократија“ и „човекови права“ во светот, одредени сили во светот произволно се мешаат во внатрешните работи на Кина и Русија, грубо кршејќи го меѓународното право и општо признатите норми на меѓународни односи. Според него „Кина и Русија треба да преземат повеќе заеднички акции за да обезбедат поефикасна заштита на безбедносните интереси на двете земји“.

Во очекување на западниот одговор на руското барање за гарантирање на безбедноста, кое е најавено за неделава, покрај економските аспекти од средбата Путин-Џинпинг, внимание привлекува и задовлоството на кинескит претседател од путиновото „решително залагање против обидите да се забие клин меѓу двете наши страни“. Многумина експерти тврдат дека САД сега треба да работат на оделување на Кина од Русија или обратно. Како што направиле САД во седумдесеттите години. Кога односите меѓу Кина и СССР беа многу заладени. Но сега времињата се сосема подруги. Кина е велесила, како и САД, а Русија е веднаш до нив. Некои предлагаат САД да ја искористат претпоставката дека Русија е незадоволна од второстепената улога во односите со моќната Кина, па таквото незадоволство и недоверба на Москва би можело полезно да се искористи.

ПОДОБРО СОСЕДИ – ОТКОЛКУ ТЕПАЧКИ

Сергеј Радчено од Центарот за глобални односи Хенри Кисинџер, при Школата за напредни меѓународни истражувања при Универзитетот Џон Хопкинс, вели дека препоставката дека САД можат да забијат клин меѓу Русија и Кина е погрешна. „За разлика од минатото, кинеско-руските односи не се хиерархиски и не бараат несомнено почитување од страна на Русија на желбите од Кина. Двете земји идеолошки се далеку една од друга, и ниту една од нив не очекува дека другата ќе се придржува кон ист поглед кон светот. Конечно, Кина и Русија ги вложуваат сите напори да избегнат кавги, прво, затоа што тие не сакаат тие кавги да се искористат од трети страни, и второ дека тие правилно разбираат дека им е судено да бидат соседи. Ако на нешто ги научила историјата, тогаш тоа е дека многу подобро е да бидат добри соседи, отоклку да се тепаат едни со други“, заклучува Радченко.

Неодамна во списанието „Форин аферс“ се актуелизираше дискусијата затоа каква треба да биде политиката на Западот кон Русија. Особено при растот на ескалацијата во Украина и нанатоста меѓу САД и Русија. Па се зборуваше за проблемот на НАТО и Русија, за погрешните претстави за Русија во Вашингтон. Во тие рамки се прозборе и за совпаѓањето на интерсите на Русија и Кина. Експертката Андреа Кендал Тејлор смета дека со растот на напнатоста на западните граници на Русија се зацврстуваат нејзините врски со Кина. На почетокот тие потсетувале на „брак од корист“, но со текот на времето контактите на двете земји помогнале да се надмине заемната недверба и се претвориле во сериозни односи.

За САД е крајно важно да ја разберат спецификата и двосмисленоста на тие односи и да се фокусираат на проблемите поврзани со нив, пред се’ во сферата на одбраната, напредокот на демократијата и заштитата на човековите права. Експертката смета дека двете земји со сите сили се спротивставуваат на демократијата сметајќи ја неа за прикриен обид на САД да го распространат своето влијание. И Кендал Тејлор смета дека идејата за забивање клин меѓу Русија и Кина е без перспектива. Според неа очигледно е дека влошувањето на односите меѓу Москва и Вашингтон многу е последица на жестоката позиција на САД. „Русија не гледа место за себа во западниот свет, што ја турка кон зближување со Пекинг. Руско-кинеското партнерство е „нешто повеќе од збир на два броја“, и Запад е должен да се прилагоди кон тоа“ смета Кенднал Тејлор.

ВИТАЛНА РАМНОТЕЖА

Димитриј Тренин од Карнеги фондацијата од Москва смета дека обединувањето на Москва со Вашингтон против Пекинг би било стратешко безумие. Претворањето на Пекинг во противник е поврзано со потешки стратешки последици, отколку продолженото спротивставување со САД и нивните сојузници. „Присоединувањето , пак, кон Пекинг во неговото соперништво со Вашингтон во мирно време, би ја лишило Русија од значаен дел од нејзиниот стратешки суверенитет и би ја ставило судбината на земјата во зависност од исходот на борбата меѓу други држави“, вели Тренин. Затоа тој предупредува:„ Може да има надеж дека руските лидери во 21.век нема да ги заборават лекциите од Првата светска војна. Кога Руската империја беше вовлечена во конфликт меѓу Германија и Велика Британија и на крајот од краиштата загина самата“. Оттука и неговата порака:„ Во исто време, за да се одржи виталната рамнотежа во услови на растечки антагонизам меѓу Вашингтон и Пекинг, Русија треба да ги развие својата економија и технологија, како и, не помалку важно, да ги зајакне моралните основи на општеството“.

Конечно и еден поглед на кинескиот англојазичен медиум „Глобал тајмс“, кого го сметаат за глас на партијата. Во редацискиот коментар по повод средбата Путин – Џинпинг се забележува кинеската упорност кон Западот да не се остане без реакција или одговор. Па така еве некој цитат од „Глобал тајмс“: „Во пораките на лидерите се споменуваа билатералните односи и не беа допрени ниту „САД“ ниту „Западот“, кои во меѓувреме внимателно ја следеа средбата“.

„Западот неодамна ги ескалира заканите против Русија и Кина, прикажувајќи ги како деструктивни сили во Украина и во Тајванскиот теснец и опсесивно инсистира да остане внимателен кон нив, бидејќи тие „подготвуваат“ обид за атентат. Тој го засили воениот и политичкиот притисок во обид да ги принуди Москва и Пекинг да се повлечат од нивните суштински национални интереси“.

„Истовременото спречување на Кина и Русија во исто време е премногу амбициозна идеја. Иако Вашингтон има предност во моќта, тие не можат да ја совладаат ниту Москва ниту Пекинг. Стратешки судир со која било од двете земји ќе се претвори во неподносливи трошоци за него. А ако се обединат, тоа ќе се претвори во вистински кошмар за Америка“.

Може ли на средбата на Путин и Џинпинг да станало збор за обединување на Русија и Кина при евентуален стратешки судир со Америка? Или пак тоа е посакување на кинескиот медиум и дел од пропаганда. Светот е пред големи предизвици. Многу глави треба да се стават во кофи со мраз. Пред да почнат да носат одлуки од кои ќе зависи судбината на планетата. Кошмарот за Америка за кого зборува „Глобал тајмс“ ќе биде кошмар за целиот свет. Но, да го дочекаме одговорот на Западот и НАТО на руската порака. Можеби ќе се најде нешто оптимистичко во него. Првите реакции од НАТО и некои држави од ЕУ не даваа таква надеж. Останува да се види што ќе каже Бајден.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок