26 Април, 2024
0.0285

Русија и САД 2019 - што со Македонија?

Објавено во: Колумни 29 Декември, 2018

Добивај вести на Viber

Годинава е пред крај. Резултатите од достигнувањата во неа допрва ќе се анализираат. Некои работи се јасни и може да се прават претпоставки за достигнувања во 2019 година. Но и одделни прогнози. Сигурно тие нема да значат и не треба да значат некаква реалност – погледнато од сега, но сепак обидите не се непрепорачливи.

Па така, како ќе се развиваат односите меѓу  Русија и САД во 2019 година? Каде ќе биде Македонија во судирот на нивните интереси на ова мало парче од Балканот?

Ако се суди според годинава што изминува некои руски дипломати ја викаат година на изгубени можности со образложенија дека виновни за тоа се САД. Нормално, ако работите не одат, најлесно е вината да се префрли врз другиот. Па така и Американците за изгубените можности ќе ја обвинат Русија.

Реално гледано во САД од доаѓањето на Доналд Трамп за претседател Русија се претставува како „плашило“. Во одредени моменти „стравот“ од неа прераснува во параноја. Инаку реално пренесена во американски филмови од времето на Студената војна на тема Русија. Оправдано или не ќе видиме наредниве месеци. Специјалниот обвинител Роберт Милер, назначен на таа функција во мај 2017 година, конечно по речиси двегодишната истрага ќе треба да излезе со некакви резултати. Ако работите се влечкаат Трамп сигурно ќе оди на уште еден мандат со шанси да го добие. А истрагата беше поттикната од наводната „руска врска“ на Трамп, која му помогнала да ги добие изборите. Засега освен она што излегува во медиумите и нема некаков доказ за осуда или за отповикување на американскиот претседател. Истрагата како да го менува тежиштето. Па наместо за јасна „руска врска“ Милер можеби ќе открие некакви криминални однесувања на Трамп, што не е за неверување во неговите бизниси. А сето тоа прошарено со некакви руски тантели исплетени од некои руски адвокатки, новинарки, танчерки или медиуми. Се разбира со нагласка дека сите тие работат и работеле за руските специјални служби. 

Политичките односи внатре во САД се длабоко поларизирани. Конгресмените и сенаторите, кога станува збор за Русија се обединети. Што донекаде е оправдано со оглед на тоа што Русија им дава повод за такво однесување. Сирија на пример, Украина, сега чепка во Либија, некои држави во Африка, во Авганистан...Американските проекти за овие држави не се реализираа до крај. Американците дури најавија дека ќе се повлекуваат од Сирија, а делумно и од Авганистан. Трамп лично тоа го најави, а Русите се’ уште чекаат да видат кога, како и колку ќе се повлечат. Трамп деновиве беше во Ирак каде што ќе има две американски бази на границата со Сирија. Од таму даде до знаење дека сепак на некој начин ќе влијае врз борбата со ИД и развојот на настаните во Сирија, но без директно учество. Ќе чека Турците да ја завршат работата. А како сето тоа ќе се одвива на теренот може само да се претпостави. Зашто покрај турски, таму има француски, британски, руски, курдски и сириски интереси...

Најавеното повлекување од Сирија предизвика во САД остри критики и демонстративни оставки на блиски соработници на претседателот. Со препораки тој да си најде истомисленици за соработници. На почетокот на своето претседателствување Трамп беше опкружен од еден куп генерали, но како што одминуваше времето тие еден по еден заминуваа од Белата куќа.  Сега за в.д. државен секретар за одбрана е поставен Патрик Шенахан, човек кој беше заменик државен секретар, а работел и во Боинг.

Во очекување на разврската со истрагата против Трамп, Русите не можат да направат ништо освен да посакуваат подобрување на односите кои се на најниско ниво. И да се молат Американците да не воведуваат нови економски санкции, бидејќи тие, како минува времето, даваат резултати. Руската економија не пропаѓа, но не може да постигне поголем раст и развој. Сегашниве години се споредуваат со периодот на застој за време кога генерален секретар на КП на Советскиот Сојуз беше Леонид Брежњев. Сета среќа е што Трамп освен со Русија, сака да започне економска „војна“ и со Кина и со држави од Европската унија, пред се Германија. Така што отворањето на повеќе фронтови нема да биде добро ниту за самата Америка. Но не значи и дека ќе и биде подобро на Русија догодина.

За слабеењето на руската економија покрај санкциите „вина“ има и се поголемото одвојување пари за вооружување. Путин уште во 2007 година во Минхен најави дека ако не се променат односите со Западот на подобро, светот може да се соочи со нови воени предизвици. И оттогаш почна осовременувањето на руската армија. Милијарди долари се вложени во развој на нови видови оружја кои и претседателот Владимир Путин и министерот за одбрана Сергеј Шојгу не забораваат да ги потенцираат. Путин истовремено признава дека САД се воена и економска сила број еден во светот истанувајќи го фактот дека Русија годишно на вооружување троши 47, а Американците над 700 милијарди долари. Но нескромно додава дека Русија има оружја кои во моментов немаат аналог во светот. Како на пример ракетата „Авангард“ пробно лансирана неодамна, а која има брзина од 27 маха што ја прави недопирлива за американската противракетна одбрана. Ова за Путин повеќе значи да покаже дека Русија не е само регионална сила, како што своевремено ја нарече американскиот претседател Барак Обама. Туку светска сила, која е некаков фактор во светски размери. Ова е разбирливо за Русите, бидејќи сакаат да си ги лечат комплексите кои што им беа набиени пред триесетина години, токму од САД.

Русија си има проблеми и со пензиската реформа, со корупцијата, со децентрализацијата, со ограничувањето на некои слободи и права, со најавите дека ќе сака во одредена смисла да го има под контрола интернет просторот во државата...Послединов месец истражувачите утврдија и паѓање на популарноста на Путин, а на некои регионални избори за прв пат победија претставници на партии кои не се пропутински. Навистина беа малку, но се знаци дека  пораз може да доживеат и на други места. Дури имаше коментари дека при чисти избори пропутинските кандидати ќе ги изгубат изборите токму заради тоа што се пропутински. Во една реченица, во Русија во некои региони почнува преку глава да им е од сегашната власт..

Сето ова зборува дека и САД и Русија ќе имаат доволно внатрешни предизвици кои нивната меѓусебна соработка ќе ја условат со решенијата кои ќе дојдат. Во Америка под број еден – судбината на Трамп. А во Русија економското опоравување. Ако Русите успеат да постигнат економски раст од 4-5 проценти, што  е далеку од реалноста во моментов, тогаш тие спокојно ќе ја чекаат разврската со Трамп. И со него и без него екномскиот подем, пред се, и парите вложени во оружје ќе бидат гаранција за  рамноправен дијалог. А Трамп и натаму ќе биде со врзани раце колку и да сака да соработува со Русија. Освен ако специјалниот обвинител Милер не успее да докаже „руска врска“. Тогаш Трамп ќе се сврти прво кон внатре за да расчисти со сите кои изминативе години го напаѓаат. Доколку, пак, го сменат неговиот наследник, потпретседателот Мајк Пенс, ќе го има истиот проблем. Конгресмените и сенаторите ќе напарават се односите да не бидат како што „му текнало“ на Путин.

Како САД и Русија ќе се однесуваат кон Македонија во наредната година?  Според она како што стојат сега работите нивниот ривалитет нема да престане. Работите се заострија по 2014 година и настаните во Украина. Македонија стана дел од американскиот проект за влез во НАТО, пред се. Тогаш се слушнаа првите изјави кои навестуваа борба на американско-руските интереси за овој дел од Европа. Ако дотогаш на САД и на ЕУ им беше сеедно, па дури и драго дека Македонија го нема решено прашањето со Грција за името, па не ја прифаќаа и одлуката на Меѓународниот суд за нарушувањата на Привремената спогодба  од страна на Грција, со некаков став дека тоа е билатерален спор, а не со НАТО и ЕУ и тн..,сега кога Русија го присоедини Крим и ги поддржа жителите на Донбас во борбата со украинската власт, одеднаш притисокот наместо врз Македонија се засили  врз Грција. Значи можело да се притиска за да се најде решение. И добро е што се најде.

Во меѓувреме Русија со соопштенија го поддржуваше премиерот Никола  Груевски, па по неговото паѓање, неговите приврзаници, па потоа претседателот Ѓорге Иванов и поддржувачите на бојкотот на референдумот. Американците и Западот од петни жили запнаа и запнуваат да помине Спогодбата од Преспа во Парламентот со се она што е предвидено во неа. Русите критикуваат за огромното западно влијание, за притисок Македонија да влезе во НАТО и за наводното присуство на американскиот амбасадор Џес Бејли во Парламентот на 19 октомври кога се гласаше за промени на уставот.

Засега битката на спротивставени интереси се води со соопштенија и со изјави од двете страни кои меѓусебно се обвинуваат. Со оглед на тоа дека на почетокот на јануари измените во Уставот треба да бидат изгласани некому секако ќе му олесни. На Американците, ако се усвојат, а на Русите, ако не се усвојат.  

За многумина оваа битка на интереси е нејасна со оглед на тоа што Македонија уште од независноста се определи за евро-атлантски интеграции. Од неа уште во време на Југославија илјадници Македонци заминуваат на работа во ЕУ. Економски  таа е интегрирана во Западот, што покажуваат и податоците од трговската размена со странство. Русија треба да сфати дека Македонците отсекогаш биле ориентирани кон Западот, па било да е од економски причини. И така воспоставените врски, семејни односи не можат туку така да се прекинат.

Од друга страна САД  ќе мора да се помират дека Русија ќе се противи на македонско интегрирање во НАТО. Не од причина што една држава опкружена со НАТО членки се придружува кон Алијансата, туку од причина што уште едно бело петно на Балканот добива натовска боја. Некои руски експерти, од Карнеги фондацијата, сметаат дека нема никакви гаранции дека Атина и Скопје можат да се договорат Грција да го симне ветото за членство на Македонија во НАТО.  Тоа е точно, бидејќи Спогодбата од Преспа треба да помине и во грчкиот парламент. Меркел ќе оди Атина токму да агитира за поддршка  на спогодбата. Американците исто така постојано во разни форми се присутни таму. Не знаеме во која форма таму се присутни Русите. И конечно што и дали договориле Путин и грчкиот премиер Алексис Ципрас на неодамнешната средба.

Кога се клоцаат коњите страдаат магарињата. Не би било добро ова да се случи и со Македонија. Особено што САД, Германија и други земји се цврсто определени Македонија да ја земат во своите прегратки. Русија молчеше кога Хрватска и Словенија стануваа членки на НАТО, а сега крева врева. Веројатно се во право експертите од Карнеги фондацијата кои сметаат дека сега кога Русија е заглавена на истокот на Украина и кога се обидува да изработи успешна стратегија за повлекување од Сирија на „Москва сосема не и е потребна уште една криза во сферата на безбедноста, која ќе доведе до дополнителна напнатост и на онака сиромашните ресурси и ќе ги направи односите со САД и ЕУ уште повеќе непредвидливи“.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД