18 Април, 2024
0.0238

Русија и САД пред сериозни преговори

Објавено во: Колумни 11 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Четири месеци по средбата на претседателите Владимир Путин и ЏоБајден во Женева двете земји, Русија и САД, одново се наоѓаат пред сериозни преговори. Руското министерство за надворешни работи, портпаролот Марија Захарова,  соопшти дека заменичка на американскиот државен секретар за надворешни работи, Викторија Њуланд е тргната од „црниот список“ на американски личности иќе допатува денес во Москва, каде што ќе остане до среда.  Посетата е на американско барање. За возврат Американците симнаа од нивниот список на санкции руски личности. Тоа беше услов за да може Њуланд да допатува во Москва.

Ова е потврда дека кога има интерес, за се' може да се најде решение. Особено кога интересот е обостран. Вклучувањето на Њуланд во разговори на САД со Русија зборува дека станува збор за сериозна работа или работи. Засега двете земји, по средбата на Путин и Бајден водат консултации во Женева за стратешкото оружје. Од преговорите доаѓаат позитивни одгласи. Веројатно сега се работи за деликатни прашања за кои треба да се разговара на повисоко ниво. Инаку, нов договор треба да се донесе најмногу за една година. Дека е така се потврдува и со фактот дека главен руски преговарач околу стратешкото оружје е Сергеј Рјабков, заменикот министер за надворешни работи, со кој Њуланд ќе има посебна средба.

Која е Викторија Њуланд? Таа во Стејт департментот работи, со прекини, од 2010 година. Во администрацијата на БаракОбама беше задолжена, меѓу другото и за Украина и постсоветските држави. За време на настаните во Украина во 2013 и 2014 година беа снимени и ставени на Јутјуб нејзини разговори од кои се добива впечаток дека таа е „главна“ во тие политички превирања. Позната е од тогаш од неа искажаната реченица, „кој ја е*е ЕУ“, во поглед на развојот на настаните во Киев и кадровските решенија, за што подоцна и забележа дури и канцеларката Ангела Меркел.

ПРИОРИТЕТНИ СФЕРИ

За време на претседателствувањето на ДоналдТрамп таа го раководеше Центарот за нова американска безбедност, а по доаѓањето на Бајден на претседателска функција, се врати во Стејт департментот. Во Конгресот на САД мај 2019 година се застапи за засилување на санкциите кон Русија. После тоа и било одбиено барање руска виза, затоа што била вклучена во списокот на непожелни  личности за Русија, направен како одговор на санкции од страна на САД против редица руски официјални лица.

Викторија Њуланд во јуни во Женева присуствуваше на средбата меѓу Бајден и Путин во поширок состав.По таа средба Њуланд зборуваше на еден собир,каде што истакна дека во односите меѓу САД и Русија приоритетни се неколку сфери на соработка. Прва е стратешката стабилност, втора се киберопасностите, а трета е хуманитарната соработка меѓу двете држави околу Сирија и Авганистан.  Се разбира има мноштво и други теми за соработка. На пример Украина, Кавказот, Централна Азија, Либија...Особено сега, по повлекувањето на САД од Авганистан.

Во Русија, многу, многу, не ја „мирисаат“ Њуланд. Ја сметаат за директен извршител на, според Москва, пучот во Украина. Исто така и во настани во Молдавија, каде што таа е директно вклучена. Но, во политиката нема „ја сакам или не ја сакам“. Таа е официјален претставник на меѓународниот партнер и така ќе се однесува кон неа. Впрочем не случајно е избришаа од „црниот список“.Њуланд во Москва треба да дојде денес. Ќе се сретне со дипломати и официјални лица во други ресори за „разгледување на редица двострани, регионални и глобални прашања“, соопштија од Стејт департментот:

ПРАВИЛА ШТО НЕ ВАЖАТ

И покрај се’, Русите сигурно се задоволни што доаѓа американски заменик на државниот секретар. Тоа покажува дека најавите од Бајден во Женева, дека наредните неколку месеци ќе покажат дали постои интерес за соработка, како да се потврдуваат. И тоа соработка на конкретни теми. Покрај стратешката безбедност, на пример Украина. Оваа држава има нееднозначен однос кон САД. Таа знае дека ако не се Американците за 24 часа ќе се случат лоши работи со неа. Па во прашање ќе биде доведен дури и нејзиниот опстанок. Но и покрај тоа Претседателот Владимир Зеленски остро реагираше на епилогот од средбата на Бајден со канцеларката Ангела Меркел, кога се донесе решение Американците да не ја блокираат изградбата на гасоводот „Северен поток – 2“. Од Белиот дом дури го предупредија многу да не рипа, да не шурува со конгресмените. Тогаш паднаа во вода изричитите барања на властите во Киев да не се носат одлуки кои ја засегаат Украина, без да ја прашаат неа.Њуланд летоска, веднаш по средбата на Путин и Бајден, разговараше со Димитриј Кулеба, украински министер за надорешни работи и го уверуваше дека за Украина ќе нема никакви договори без Украина, било да се преговара со Русија или која било друга земја. Но како што се покажа околу „Северен поток – 2“ тоа правило како да не важи.

Викторија Њуландденес и утре секако ќе разговара за Украина со нејзиниот соговорник, Димитриј Козак, заменик на раководителот на администрацијата на рускиот претседател. Тој е задолжен за работата на Москва кон бившите советски републики. А тоа значи и за Украина и за Молдавија. И во двете земји во моментов работите не одат по волја на Русите. Така што со својата соговорничка, која е исто експерт за постсоветското пространство ќе има што да разговараат. А, секако главна тема ќе биде украинската.

Њуланд веќе се подготвува за неа. Таа минатата недела имаше разговор со Андреј Јермак, прв човек на претседателовата канцеларија на Украина. Како што се пофали Јермак на Твитер:„ Имав конструктивен разговор со заменикот државен секретар. Ја разгледавме ситуацијата со безбедноста околу Украина, перспективите за дијалог во форматот на „Нормандската четворка“, важноста од засилувањето на  улогата на САД во преговарачкиот процес за мирни решавање на истокот на Украина“. Не еднаш желба за вклучување на САД во преговарачкиот процес за Донбас има изјавувано и претседателот Зеленски. Било во „четворката“ било во некој друг формат. Но САД не даваат потврда дека ги поддржуваа тие иницијативи на Киев. Во Украина, некои официјални лица изјавуваат дека „САД имаат намера да учествуваат во решавањето на конфликтот на Донбас и ја гледаат својата клучна улога во тоа прашање“. Германија и Франција, пак, не се за менување на форматот. Ниту пак Русија.

ПАРАЛЕЛЕН КАНАЛ

Во очекување на разјаснување на ова прашање треба да се каже дека и во Женева, самитот Бајден – Путин, и во Вашингтон на средбата Бајден – Меркел, се спомнаа „Минските договори“. Рускиот претседател, повикувајќи се на Бајден  соопшти дека „Минските договори“ треба да се основа за решението за Донбас. Ова го соопшти и Меркел, но Бајден, барем во присуство на Меркел не го демантираше овој став.Работите на тој план стојат во место, веќе седма година. Се чини дека и Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, како членови на „четворката“, како да не гледаат брзо решение. Но нема да е лошо да има паралелен канал за преговори создаден од Русија и САД, како што имало во 2015 и 2016 година, а од американска страна во него учествувала токму Њуланд. 

Ваквиот приод зборува во полза на Русија. Од една страна таа ќе тврди дека се покажува европската јаловост во решавање на сериозни прашања. Не само околу Украина, туку воопшто. И од друга, дека ако не се замешаат САД во некои процеси, работите остануваат незавршени. Ако САД и Русија се договорат, и покрај постоењето на „нормандската четворка“, тогаш ќе излезе дека ЕУ навистина е „вишок“ во политичките процеси на меѓународен план. Да не зборуваме за Украина. Дека Унијата, како и Украина е објект, а не субјект во меѓународната политика. Американците прават што сакаат. Со создавањето нови сојузи, тие ја поделија Европа. А од ЕУ постојано повикуваат да не се дозволи Русија да создава делби во неа. Наместо да се офанзивни Европјаните се во постојана дефанзива. Главно офанзивно оружје се санкциите, кои и не се покажаа толку „уништувачки“ кон Русија. Сега прашање е дали ќе воведат и санкции кон САД, поради делбите.

СТРАТЕШКИ КОМПАС НА ЕУ

За тоа дека Унијата станува објект во глобалната меѓународна политика вчера зборуваше и Жозеп Борел, првиот дипломат на ЕУ. Тој повика создавање на сопствени вооружени сили на ЕУ и определување на конкретни услови за нивна примена. Се разбира не како конкуренција на НАТО. А главен стратешки партнер би биле САД. Нему му боде очи и повеќеполарноста. САД со сојузниците, против Кина, Русија која е активна во Сирија и Африка. А Европа со нејзините интереси ја нема никаде. Дури и со Русија не може да води никакви односи. За разлика од САД за што сведочи посетата на Њуланд на Москва. Слепо следејќи некои политики на земји надвор од Унијата, таа како субјект веќе не постои за Москва.  А Русија соработува билатерално со нејзини членки. И многу успешно. Борел најави нов стратешки приод кон глобалната политика, а основните патишта кон  неговата реализација ќе бидат формулирани во концепцијата „Стратешки компас на ЕУ“. Таа ќе биде претставена во ноември, а усвоена во март идната година.

Со оглед на тоа што предвидено е Њуланд да разгледа во Москва и некои глобални прашања, нема да изненади ако се прозбори за Кина, за новиот американски воен сојуз AUKUS во тој дел на светот, па за некои состојби во Европа. Русите во овие преговори ќе влезат со ставот на нивниот претседател Владимир Путин дека нема никакви илузии за подобрување на интересите со САД и дека не може и да ги има. Веќе има некои консултации, но допрва ќе има консултации и на дипломатски план. Затоа што таму има многу урнатини. А Американците се настроени да бараат решение. Но се' ќе се води од интересите. И на едните и на другите. Посетата на Њуланд покажува дека има нешто позитивно на тој план. Независно какви ќе бидат конечните резултати.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок