19 Март, 2024
0.0235

Русија и Украина ги испишаа „црвените линии“ - Донбас ќе замрзнува

Објавено во: Колумни 12 Април, 2021

Добивај вести на Viber

Донбас продолжува да биде во центарот на вниманието. Иако се чини дека напнатоста се намалува никој не може да каже, кога и дали таа ќе биде отстранета. Или пак ќе бидеме сведоци на заострување кое некои го толкуваат како подготовка за војна. Најголемата заслуга за сето тоа ја имаат Русија и Украина.

Последниве денови имаше неколку настани кои потврдуваат дека и Украинците и Русите не отстапуваат од своите ставови. А тоа значи дека Донбас за кој сега се глуми дека се водат преговори, со голема веројатност ќе стане уште еден замрзнат конфликт на постсоветското пространство. Украинскиот претседател Владимир Зеленски, отиде на линијата на делба во Донбас да ги види украинските војски. Од земјите од  Балтикот и Полска доаѓаат отворени поддршки и солидарност со Украина. Да не зборуваме за поддршката од САД и Британија.

Рускиот претседател Владимир Путин имаше телефонски разговор со канцеларката Ангела Меркел. Германската влада соопшти дека покрај другото се разговарало и за засиленото руско воено присуство во реонот на Источна Украина. Исто така дека Меркел побарала да се прекине военото засилување со цел да се постигне деескалација на ситуацијата. Од Кремљ, пак, соопштија дека во текот на преговорите со Меркел, Путин обратил внимание на провокационите активности на Киев, кои во последно време се насочени со намена за заострување на ситуацијата на линијата на делба. Исто така лидерите „изразиле загриженост во врска со ескалацијата на напнатоста на југоистокот на Украина“.

МЕРКЕЛ ГО ОСТАВА ДОНБАС НА НАСЛЕДНИКОТ

Што се може да стои за овие дипломатски флоскули може само да се нагаѓа. И Путин и Меркел се дел од т.н.„Нормандска четворка“, во која покрај Русија и Германија се и Франција и Украина. Така што Меркел е многу добро запознаена со се’ она што се случува на теренот во Донбас, на преговарачкиот процес, меѓу помошниците на претседателите и разговорите на Тројната кризна група во која се вклучени и претставници на ОБСЕ и на териториите од Украина под контрола на проруските сили. И таа знае дека работите не одат како што треба веќе со години. Со оглед на тоа што за некој месец  ќе замине од канцеларската функција зачудува што не вложува напори да даде придонес во решавањето на ова прашање. Барем да и’ биде како круна на нејзината долгогодишна политичка активност. Или пак нејзиниот однос покажува колку е комплицирано и тешко решението за Донбас. Што значи дека потрагата по него ќе ја остави на нејзиниот наследник.

Секако решението за Донбас не зависи само од Меркел. Тука е нејзиниот истомисленик Емануел Макрон, па човекот кој ја бара германската поддршка, Зеленски, а можеби најважен е Путин.  Нему заминувањето на Меркел и не му предизвикува некој проблем. Нејзиниот наследник ќе се зафати со Донбас, а за тоа ќе му треба време додека навлезе во финесите на решавањето. Па така уште долго време ќе имаме настани кои одвреме-навреме ќе ја вознемируваат јавноста со она што се случува на Донбас. Под услов сегашниве да спласнат. Зашто тие предизвикаа сериозни реакции кои се граничеа со закани од многу страни.

Човекот од Кремљ, задолжен за Украина и воопшто за постсоветското пространство, заменикот на раководителот на администрацијата на претседателот, Димитриј Козак имаше јавен прес на кој искажа работи за кои некои други официјални лица само бегло се изјаснувале. На почеток тој вината за сегашната ескалација ја префрли на Киев, изразувајќи сомнение  дека заострувањето ќе прерасне во нешто поголемо. За него потезите на Украина се „ПР-активности, следени со имитација на воена закана, а речиси нема реални намери за почеток на вистинска војна“. Според него заострувањето е последица од внатрешно политичката ситуација во Украина, паѓањето на рејтингот на владејачката партија ( на претседателот Зеленски) во парламентот.

ДЕЦА СО КИБРИТ

Опкружувањето на претседателот, поранешен комедијант од студиото “Квартал 95“, вели Козак, „решило да постави драма под наслов „Воена закана““. За него опкружувањето, кое нема политичко искуство е како деца со кибрит. Тешко може да се претпостави кога случајно нешто ќе се запали.

Димитриј Козак си дозволи да каже дека Русија може да биде принудена да ги заштитува своите државјани во Донбас и таа тоа ќе го направи.  Тој ја исцрта „црвената линија“ на Русија.  “Денес се зависи од тоа колку голем ќе биде пожарот. Ако таму биде, како што вели нашиот претседател, Сребреница, ние, очигледно ќе бидеме принудени да заштитуваме“, рече Козак. Со други зборови Русија нема да дозволи да загине многу народ, како што беше во Босна, при западни мировници. Тој беше уште покатегоричен па нагласи дека, ако Киев почне со борбени дејства, тоа ќе биде „почеток на крајот на Украина. Овде некои колеги потсетија дека Козак ја искористи изјавата на Путин, уште од 2018 година, кога пак се говореше дека Украина може да направи нешто, да го засени почетокот на Светското првенство во фудбал во Русија. Тогаш Путин предупреди дека „Тоа ќе има многу тешки последици за украинската државност во целост“.

Жалејќи што договорените меѓу преговарачите чекори често или не се исполнуваат или се толкуваат од украинска страна толку слободно, што се губи секоја врска со тоа за што се договориле, Димитриј Козак предложи необично решение за тој проблем. Имено, преговорите да се водат јавно на сите „да им е јасно, кој каква позиција зазема“. Да има, на пример, интернет пренос на преговорите!  Тој како да го копира претседателот Путин. Неодамна американскиот претседател Џо Бајден го нарече неговиот руски колега „убиец“. А овој посакувајќи му добро здравје на Бајден го повика на преговори кои би биле јавно пренесувани.

МИНСКИТЕ ДОГОВОРИ БЕСПОЛЕЗНИ И ШТЕТНИ!

Козак ваквиот чекор го предлага за да се види што зборуваат неговите украински колеги на затворен состанок, а кога ќе излезат од него зборуваат сосема други работи. Се разбира дипломатијата е токму за да се работи зад затворени  врати, а резултатите да се соопштат по постигнат договор. Но Козак сака да докаже дека Украинците на преговорите ги прифаќаат Минските договори од „А до Ш“, а  политичарите и медиумите  во јавноста тврдат дека тие се јамка на украинскиот врат.

И ова не е далеку од вистината. „Црвената линија“ на Украина се Минските договори. Барем во јавноста. Во еден текст од Карнеги фондацијата – Москва, Владимир Соловјов вели дека може да се изведе една закономерност: Донбас почнува да протресува, кога пропаѓаат преговорите. А за да се разбере што се случува во преговарачкиот процес треба да се види не само неговото лице, туку и опачината. Да се види дека веќе договорени работи меѓу претставниците на претседателите на Русија, Украина, Германија и Франција, обнародени во јавноста не може да се реализираат. Зашто веќе по излегувањето од разговорите се’ паѓа во вода. Соловјов тврди дека неофицијално во Украина признаваат дека исполнувањето на Минските договори не е само бесполезно, туку и штетно. Исто така е распространето мислењето дека Украина ги потпишала договорите не да ги исполни, туку да избегне голем воен пораз, а во тоа време нејзините воени сили беа во многу тешка ситуација.

Очигледно на Украина не и одговараат Минските договори, ниту Комплексот мерки, усвоен во ОН за спроведување на договорите.  За Русија пак договорите се како заповеди кои не може да се нарушуваат. Засега нема шанси за вистински преговори или најава за некаков компромис. Украина тоа го нејќе поради внатрешно политички причини. Секој што ќе ги спроведе Минските договори во Украина ќе се смета за предавник, а ќе му биде крај и на политичката кариера. Ова во најблага варијанта. Можна е и поделба на државата и нови внатрешни судири.

ДИПЛОМАТСКА ПОБЕДА НА РУСИЈА

Нема да им е лесно на украинските власти да им дадат автономија на Доњецката и на Луганската област, па јазик, па амнестија...Зашто тоа утре ќе може да го побараат и други региони од Украина. Можеби сметаат дека со одолговлекување работите ќе одат во нивна полза. Дека со текот на времето ќе станат воено способни да ги повртат териториите. Се надеваат на влез во НАТО, во ЕУ.  А забораваат дека Доњецк и Луганск можат да организираат референдум за присоединување кон Русија.  За што има чести искажувања. Русија од друга страна не сака да ја испушти диломатската победа поткрепена со Резолуција од ОН.

Украина сега наместо да се занимава со прашањата од нејзиниот југоисток од Донбас се зафатила со враќање на Крим во нејзин состав! Киев подготвува таканаречена Кримска платформа, околу која сака да обедини голем број  земји од Запад и други. Тоа да биде формат кој  ќе работи за притисоци врз Русија за да го врати Крим. Кога и како би се вратил Крим? Владимир Путин не еднаш рекол дека прашањето за Крим е затворено. А Сергеј Лавров има истакнувано дека Крим засекогаш ќе остане во Русија. Поранешниот претставник на НАТО во Русија Гари Табах во разговор за еден украински портал изрази мислење дека за да може Украина да го врати Крим во свој состав ќе треба да дочека „Русија сама да се распадне“. „Русија може утре да се распадне, што не би било лошо и за самите Руси и Крим може да стане независна држава, пријателска кон Украина, а можеби би се вратил како дел од Украина“, изјави Табах. Тој вели дека „додека Русија зазема агресивна поза, тогаш ситуацијата е сложена и опасна“, додавајќи дека Европа и САД се однесуваат кон Русија со „меки ракавици“.

ИСКУСТВОТО ОД ГРУЗИЈА

И додека Украина дочека распаѓање на Русија, треба да гледа кон сегашноста.  Според се' на сите им е јасно дека Русија од ред причини, надворешни и внатрешни, нема намера воено да ја нападне Украина. Од Киев минатата недела најавија разговори на Зеленски со Меркел и Макрон. Веројатно ќе му дадат поддршка, ако се оствари средбата, но и ќе го посоветуваат за чекорите што треба да ги преземе. Во прв ред Минските договори. Нивно спроведување. За релаксирање на ситуацијата.  Иако сигурно и досега тоа го зборувале, ама без резултат. Не е јасно што ќе одговори украинскиот претседател кога за украинската јавност тие договори се „црвената линија“.

И Русија се изјасни со „црвената линија“. На Украина сега и е јасно до каде може воено да оди на Донбас. И да се потсети на сличната ситуација од август 2008 година. Тогаш грузискиот претседател Михаил Саакашвили почна напад врз Јужна Осетија во која имаше руски мировни сили и други руски државјани. Непосредно во деновите пред нападот Русите имаа воени маневри блиску до границата со Грузија. Можеби и провоцираа. Но Саакашвили се одважи и нападна. Одговорот следуваше веднаш. Трупите што беа до границата се свртеа кон Грузија. Да не беше францускиот претседател Николас Саркози тие ќе влезеа и во главниот град Тбилиси. И денес - Грузија е без Јужна Осетија.

Ако Русија не оди на „грузинското сценарио“ нејзиниот однос во сегашната ситуација може да се смета за повик на посериозен дијалог со Западот на тема Украина. Тие ќе го убедуваат да ги повлече војските од близината на границата, а тој од нив ќе може да бара Украинците конечно сериозно да пријдат кон Донбас и договорите. Во спротивно мраз ќе доминира уште со години. Со неизвесни последици за сите учесници.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?