19 Јануари, 2022
0.0220

Русија и Западот ќе бараат „рамнотежа на стравот“

Објавено во: Колумни 27 Декември, 2021

Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот ја одржа традиционалната годишна прес конференција.Седумнаесетта по ред. Овој пат во скратен формат. Со присуство на „само“ 500 новинари. Во 2019 година беа акредитирани речиси 1.900 новинари. Данокот на коронавирусот го прави своето. За безбедност на присутните сите тие при влезот во просторијата на Мањеж беа “збогатувани“, минуваа низ систем кој ги обработуваше со честички сребро. Конференцијата траеше речиси четири часа, а Путин одговори на 50 прашања.

Прес конференциите на Путин не секогаш се интересни за набљудвач од страна. Надвор од Русија. Но оваа се очекуваше и надвор од границите на Русија. Причина. Неодамнешните настани, видео самити, со американскиот претседател Џо Бајен и кинескиот, Ши Џинпинг. Потоа десетината точки испратени од Русија до САД, а преку нив и до ЕУ и НАТО. Со кои меѓу другото се бараат безбедносни гаранции за Русија, правно обврзувачки. Поконкретно- стоп на ширењето на НАТО. Конференцијата беше обраќање на Путин до Русија и светот. Секако не како она Urbi et Orbi наПапата. Но не помалку важно за Русија и за светот.

Конференцијата покажа дека како и порано Путин умее со часови да одговара на новинарски прашања. Знае да преземе улога на модератор, да се покаже, да ги бира соговорничките. За разлика од него други политичари зборуваат само за внатрешни проблеми и успеси на државата, а ако проговорат за светски проблеми тогаш конференцијата се сведува на тематско ниво. Кај нас политичарите од времето на Никола Груевски, кога сакаа да го избегнат новинарското прашање, тврдеа дека пресот е тематски! Глупости. Подобро не излегувај пред новинарите, ако не си подготвен да одговараш на интересот на новинарите.

Како и претходните години, на вакви големи прес конференции не може да се помине беа нарачани прашања, кои служат за загревање на говорникот. Но, понекогаш и за создавање розова стварност на внатрешен план. Успеси, успеси... Вложувања, вложувања. Пот до колена. За потоа да се премине кон конкретиката и ставарноста која засега  многумина. Па следат прашања за еклогијата, за Алексеј Наваљни, за медиумите и навладините организации т.н. „странски агенти“. За убиства на активисти. Сето тоа Путин мудро го поминува, се разбира,  без доволно убедителност за присутните. Но тие и не се целната публика. Тоа се луѓето кои се зјапнале во екраните и го следат преносот на пресот на неколку национални телевизии.

ГАРАНЦИИ ЗА БЕЗБЕДНОСТ

А после ова почна обраќањето до светот. Најнапред – Украина. Американското разузнавање очекува руска офанзива во јануари. Путин коментирајќи го ова рече дека Русија цело  време „мора да мисли на перспективите за својата безбедност“. „Сега ни викаат војна, војна, војна. Се стекнува впечаток дека можеби, подготвуваат трета воена операција(на Донбас) и нас однапред не предупредуваат, не се мешајте, не ги заштитувајте тие луѓе, а ако го направите тоа, вакви и такви, нови санкции ќе добиете. Можеби треба да се подготвуваме за тоа, рече Путин. Според него се создава чувство дека во Донбас сакаат да создадат „анти-Русија“, која ја билдаат со современо оружје. „А ние што, треба да чекаме да не чукнат“, праша тој, додавајќи дека „конфликтите – не се наш избор“ и дека Москва не сака таков развој на настаните.

„Токму затоа јас и одговорив на предлозите од претседателот Бајден, кој во телефнскиот разговор ми предложида назначам одговорни претставници за да водат преговори за стратешката стабилност...Ние треба да разбереме како ќе биде осигурана нашата безбедност. Па затоа без секакви итрини ние едноставно и директно го поставивме прашањето, дека веќе не треба да има ширење на НАТО на исток. Топката е на нивна страна. Тие се должни да ни одговорат на ова“, рече Путин. Тој додаде дека засега гледа позитивна реакција од американска страна и дека очекува да почнат преговори за тоа на почетокот од јануари во Женева.

По ова следеше прашање дали може Русија да гарантира дека нема да ја нападне Украина или друга држава или пак тоа зависи од текот на преговорите? Путин одговори дека дејствијата на Русија нема да зависат од текот на преговорите, туку од безусловното осигурување безбедност на Русија денес и во историска перспектива. „Во врска со ова ние јасно и гласно дадовме до знаење дека натамошното движење на НАТО на исток е неприфатливо. Што е овде неразбирливо? Ние ли ставаме ракети на границата на САД? Не. САД со своите ракети дојдоа кон нашиот дом, веќе се на прагот на нашиот дом. Зарем ваквото барање е одвишно? Да не се ставаат повеќе никакви ударни системи пред нашиот дом. Што е овде необично? Како ќе се однесуваат Американците ако ги ставиме нашите ракети на границите на САД со Мексико или со Канада? А, Калифорнија кому припаѓаше порано?. А, Тексас. Заборавиле ли? Ништо, се’ се стиша, никој тоа не го спомнува, како што нам ни го споменуваат денес Крим. Но ние се трудиме денес тоа да не го споменуваме. Денес прашањето не е за историјата, туку за осигурување на безбедноста. Па затоа нам не ни е важен текот на преговорите, туку ни се важни резултатите“, рече Путин. Тој го потсети новинарот на американските ветувања дека НАТО „нема да оди ниту еден инч на исток“. „Но не измамија. ..Пет бранови на проширување. Ние не сме закана за никого. Ние ли дојдовме до границите на САД. Или на Велика Британија? Дојдоа кај нас и ни велат сега и Украина ќе биде во НАТО. За тоа станува збор. А вие барате од мене гаранции. Вие треба да ни дадете гаранции. И веднаш. А не да се дрдори за тоа десетлетја со оправдување дека е неопходна безбедност на сите да го прават она што го наумиле. За тоа станува збор“.

ЈАСНИ ДОГОВОРИ СО САД

 Во поглед на разбирањето на САД за  Русија Путин посочи дека во руските нуклеарни објекти во 90-тите години седеле специјалисти на американски служби. Тие не оделе на работа таму. Во руската влада работеле многу советници, во тие рамки и кадровки соработници на ЦИА. Што сакале повеќе Американците. Зошто ги поддржувале терористите на Кавказ-Чеченија. „Како бивш директор на ФСБ(Федерална служба за безбедност) јас знаев за тоа. Ние работевме со двојни агенти. И тие ни раскажуваа, какви задачи им давале западните служби. Зошто требаше да се прави сето тоа? Ние велевме дека не треба да се шири НАТО, а тие одгвараа дека такво нешто нема на хартија. Велеа дека плукаат на нашата загриженост. И така од година во година.  Зошто требаше така да се работи? Обратно требаше. Да се има однос кон Русија како кон можен сојузник, да се зацврстува. Не, се’ обратно, обид за натамошен распад“, одговори Путин.

Барањето на Русија за гаранции е примено насекаде на Запад и в НАТО. Генералниот скретар на Алијансата Јенс Столтенберг изјави дека на 12 јануари очекува да заседава Советот Русија-НАТО. Русите одговорија дека се подготвуваат, но за нив е многу битно таму да одат офицери. Очигледно не веруваат многу на политичари. Има одредена скепса кај некои руски политичари во поглед на заседанието на Советот. Сенаторот Алексеј Пушков смета дека тоа ќе биде собир на 30 членови од Алијансата против еден-Русија. Членките на НАТО се различно настроени кон Русија. Па некои од нив ќе се обидат да влијаат врз, САД. Затоа Пушков смета дека на Русија и требаат јасни договори со САД. Од НАТО членките тој сега очекува отпор. Инаку и други сметаат дека САД се битни во овој случај. Бидејќи сите други ќе  ја наведнат главата кога тие ќе заземат определен став.

Во пресрет на планираните средби на почетокот на јануари Русија вчера објави дека се повлечени десетина илјади војнци од Крим и од границата со Украина. Можеби тоа е некаков знак за намалување на напнатоста, но не сметаат сите така. Бившиот претставник на Стејт департментот во Украина Курт Волкер предложи минатата среда да не се чекаат преговорите меѓу Русија и НАТО, туку веднаш да се воведат нови санкции против Москва. Како превентива дека таа ќе се откаже од воени дејства. Други, пак, предлагаат да не се разговара со Русија додека не го врати Крим на Украина. Се јави и претседателката на ЕУ Урсула фон дер Лајен. Таа рече дека санкциите кон Русија веќе се подготвени. Во интервју  за Journal du Dimanche таа изјави дека ЕУ „може да натера да ја почитуваат“ во прашањето со кризата околу Украина, мислејќи на тоа што Москва сака да води дијалог со Вашингтон, а не со Брисел. „Појаснувам дека секоја агресија против Украина ќе биде проследена со санкции со големи последици. Тие се веќе подготвени. Европските земји се обединети, дејствуваат во координација со САД и НАТО. Ние сме за добри односи со Русија, но тоа зависи од нејзините постапки. Русија мора да престане со провокациите“, рече фон дер Лајен во интервју за францускиот неделник. Одделни мдиуми се’ уште тврдат дека Русија не ја напуштила намерата да интервенира во Украина.

СПЕКТАКЛ ПРЕД ОЧИТЕ НА СВЕТОТ

Ќе успее ли Путин да ги протурка своите барања до САД и НАТО? Мошне тешко. Путин дава приоритет на дипломатијата, но таа да не ги развлекува работите на десетлетја, а во меѓувреме да бидат завршени сите работи на кои Русија се спротивставува. Треба да е јасно дека „црвените линии“ нема да  раздразнуваат само некои Американци, туку и членки на НАТО и ЕУ. Но како и да ги вртиш работите главни во се’ ќе бидат САД. И нормално Џо Бајден заедно со Владимир Путин. Реченицата „Токму затоа јас и одговорив на предлозите од претседателот Бајден..“, искажана од Путин, фрла подруга светлина во целата работа со „црвените линии“. Путин и Бајден во својот разговор договориле теми за разговор. А Бајден побарал од Русија да каже нешто конкретно во своето незадоволство од Западот. Па на 17 декември следеа јавно објавените барања. Два дена претходно дадени на американската дипломатка Карен Донфрид во Москва. Барањата на Русија за гаранции за бебедност,  некои ги толкуваат како враќање кон политиката на „сфери на влијание“. Има зачудени поединци и држави, како тоа САД не ги отфрлаат руските барања. Советникот на Бајден  Џејк Саливен за барањата изјави дека конкретните предлози од Русите ги споделиле со нивните сојузници. И дека се подготвени да ги разгледаат. „Во тие документи има работи за кои Русите знаат дека се неприфатливи. Но има и други работи за кои треба да поработиме и кои заслужуваат разгледување“, рече Саливен. Засега нема ништо конкретно од САД, освен најави дека и тие ќе подговат свои гледања за руските закани кон безбедноста.

Андреј Иларионов, некогаш близок соработник на Путин, потоа вработен во КАТО институтот во САД, од каде што му го раскинаа договорот, по еден текст дека на 6 јануари при атаката врз Белиот дом работите не стоеле така како што ги кажува официјалната власт, смета дека постои договор меѓу Бајден и Путин. Тој смета дека пред очите на светот се одигрува спектаклот:„ Претседателот Бајден го спасува светот од голема европска војна , наводно започната од Путин“. И дека главните улоги ги играат тајните служби. Конкретно директорот на ЦИА Вилијам Барнс и секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев. Вилијам Барнс во својата книга „Невидлива сила“ пишува за американската диломатија, па на едно место и препорачува на американската дипломатија: „отказ од натамошно ширење на НАТО, а наместо тоа консолидација на блокот, зацврстување на суверенитетот на Украина, надвор од рамките на какви било формални воени структури“. Во книгата има и други делови за американската дипломатија во Европа. Иларионов смета дека предлогот на Русија се темели токму на гледањата на Барнс за НАТО. Дека станува збор за плагијат на тие гледања. Инаку во 90-тите години Бајден, како сенатор бил убеден приврзаник на ширењето на НАТО, но сметал дека ширењето на Алијансата е поврзано со различни проблеми. Па во 1997 година изјавил дека најдобра варијанта, веројатно, би била сочувувањето на Партнерството за мир, кое наспроти сите очекувања се покажало многу поцврсто и поуспешно.

ОПАСЕН СУДИР НА СЛОБОДИ

Ако се работи за договор меѓу Бајден и Путин, и ако тие мерки и потези донесат долготраен и стабилен мир во Европа тогаш двајцата треба да добијат Нобелова награда за мир. Во моментов Бајден, Путин и Џинпинг се најискусните и највлијателни политичари во светот. Путин и Бајден со досегашната соработка изненадуваат. За разлика од Доналд Трамп, кој повеќе креваше врева, отколку што работеше конкретно, Бајден и дава предност на „невидливата“ дипломатија. Експерти од двете земји подолго време работат на конкретни работи. Но без да се фрла светлина врз нив. Ќе се видат кога ќе бидат готови работите или кога тоа ќе го кажат двајцата претседатели.

По повод политичкото искуството на Путин. Пред некој ден на ФБ сретнав постови со коментари во кои најмногу го фалат Путин, а други лајкнуваат или се лутат. Путин ја искористи својата конференција, и искажа став кој задоволува голем дел од луѓето со исламска вероисповест. Но тој главно беше насочен кон внатрешната публика. Затоа што Русија не е имуна на дефицитот на комуникација меѓу стотиците националности. Ова веќе раѓа и меѓунационални проблеми. „Зошто ни е нам тој дефицит, како имунодефицит, да го пренесуваме во нашата средина, во нашето општество“, рече Путин.

Рускиот претседател го прашаа за слободата на творештвото. Тој се заложи за слобода, но се’ до оној момент кога не се судира со слободата на друг човек. Па посочи пример од пред неколку години. „Навредите на сметка на пророкот Мухамед – што е тоа? Дали е тоа слобода на творештво? Јас сметам дека не е. Тоа е нарушување на слободата на вероисповест и нарушување на светите чувства на луѓето, кои исповедуваат ислам, и тоа во животот кај други предизвикува уште поголеми, поостри и екстремистички појави. Еве, во „Чарли Ебдо“ влегоа и ја растрелаа целата редакција. Зошто треба да дозволиме такви работи? Таа слобода треба да е внатрешна и должна да произлегува од почитување кон сите, кон кои се однесуваат едни или други дејства“, рече Путин.

Политичарите засегнати од развојот на настаните меѓу Русија и Западот ќе имаат време да се подготват за сериозни дебати. Само да не се дозволи некаква провокација во Украина. Тогаш се’ ќе отиде во воздух. И добри намери и напори. И светот во Новата 2022 ќе се најде пред уште поголем предизвик за барање на „рамнотежа на стравот“.

Мери Елиз Сарот, професор по историја во Школата за напредни меѓународни односи при Универзитетот Џонс Хопкинс во еден текст во „Форин Аферс“, произлезен од нејзината книга:„ Ни за инч: Америка, Русија и излезот од ќорсокакот по студената војна“, ќе напише: „Во целата оваа историја на проширување на НАТО има еден поважен момент, кој е актуелен за односите на САД не само со Русија, туку и со Кина, како и со другите конкуренти. Како што покажа повлекувањето на војниците од Авганистан, неправилното извршување може да саботира дури и адекватна стратегија, а тоа се однесува и на времето и на самиот процес. А кога реализацијата на стратегијата се мери не со месеци, туку со години, грешките може да доведат до акумулација на штета и формирање на нездрава „лузна“. Успехот на долгорочната стратешка конкуренција бара правилно разбирање на деталите“. Бајден и Путин со своето искуство би требало добро да владеат со деталите.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Проценката на вредност на еден бизнис е точна колку што се точни претпоставките на кои се темели истата?

Проценката на вредност на еден бизнис е точна колку што се точни претпоставките на кои се темели истата?

Чекајќи ги Бајден и Путин

Чекајќи ги Бајден и Путин

Глобалниот деловен гигант - групацијата ТРАФИГУРА, мега инвеститор и во Македонија???

Глобалниот деловен гигант - групацијата ТРАФИГУРА, мега инвеститор и во Македонија???

Казахстан – нова главоболка за САД и ЕУ

Казахстан – нова главоболка за САД и ЕУ