28 Март, 2024
0.0278

Русија ќе не цени повеќе кога ќе влеземе во НАТО!

Објавено во: Колумни 05 Октомври, 2018

Добивај вести на Viber

Минатиот петок на ова место  читавте што се случувало кај генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш кому на гости, по традиција, му дошле министрите за надворешни работи на петте земји постојани членки на СБ на ОН. По состанокот Мисијата на Русија при ОН твитна дека меѓу другото биле разгледани состојбите во Сирија, Јемен и Либија, но и на Балканот. Констатацијата беше дека „Што и да било зборувано во Њујорк тоа кажува дека работите на Балканот допрва ќе бидат интересни, а и неизвесни. Разговори на министрите за надворешни работи на суперсилите, на една маса, не е на арно. Но, за кого, допрва ќе дознаеме“.

Помина еден ден и се стана јасно. За тоа се потруди рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Прво во излагањето на Генералното собрание, а потоа и на големата прес конференција со новинарите акредитирани во ОН. Што кажа Лавров? На Генералното собрание зборувајќи за Косово рече дека одобреното од СБ на ОН меѓународното воено присуство таму се претвора во американска база. „Се формираат косовски воени сили. Постигнатиот договор меѓу Белград и Приштина со посредство на ЕУ не се исполнува. И дека Русија ги повикува двете страни на дијалог во рамките на резолуцијата 1244 на СБ и дека ќе поддржи решение кое ќе биде прифатливо за Србија.  Во целост се залагаме да не го направиме Балканот уште еднаш арена за конфронтација, да не го декларираме како нечија дедовина, да не ги ставаме балканските земји пред лажен избор, да се избегнат појави на нови линии на поделби во регионот“, рече Лавров.

На средбата со новинарите по излагањето на Генералното собрание ја спомна и Македонија. Користејќи го искажувањето на американскиот претставник за Украина Курт Волкер  со кое тој повикува, според Лавров, вмешување во Русија, тој продолжи со искажување за американската политика кон сите држави да не комуницираат со Русија, ниту да соработуваат со неа, ни трговски, ни воено...„ Нас не обвинуваат дека се мешаме во внатрешните работи на Балканот. Видете што се случува во Македонија пред референдумот. Лично раководители на влади на земји од ЕУ одат таму и зборуваат дека треа да се направи избор во полза на членство во ЕУ и НАТО. Истовремени и да го сменат своето име...Таму, само што беше и американскиот министер Џејмс Матис. И тој го зборуваше истото. Доколку ние искажевме барем десет проценти од тоа, ние ќе бевме заковани на столбот на срамот. А високата претставничка на ЕУ Фредерика Могерини во еден свој настап месецов дури рече дека Балканот е територија на ЕУ и каде што се наоѓаат тие таму нема место за други“, рече меѓу другото Лавров.  

Сега работите стануваат појасни. Во предвечерието на референдумот кај нас и посетата на српскиот претседател, Александар Вучиќ, на Москва, Лавров зборува за работи од кои уште долго Русија нема да крене раце. Да ги оставиме Србија и Косово на страна. Но коментарот на руското министерство за надворешни работи и изјавата на портпаролот Марија Захарова за референдумот во Македонија зборуваат доволно за руските намери кон неа. Во нив со други зборови и многу поопширно се повторува она што го кажа Лавров за мешање во внатрешни работи. За на крај да се заклучи дека извештајот за спогодбата меѓу Атина и Скопје, според резолуцијата на СБ на ОН број 845 , и точката 3, би требало да биде предмет на дискусија во СБ на ОН. Многумина набљудувачи и дома и надвор ова го окарактеризираа како подготвеност на Русија да стави вето на таа спогодба. Но дали е тоа можно?

Добри познавачи на оваа работа велат дека точно е дека обврската за извештај во врска со спорот за името стои во резолуцијата на СБ на ООН 845, поточно параграф 3, на кој се повикува руското министерство во коментарот. Ова значи дека во најмала рака Москва ќе инсистира извештајот да биде поднесен. Значи ќе мора да има дискусија. А ако има дискусија треба ли да има и формално усвојување на извештајот? Познавачите додаваат дека ова е реална ситуација со која може да се судриме. До нова резолуција тешко да дојде, со оглед на правото на вето, но ако не се поднесе извештај во согласност со Резолуцијата 845, како ќе се утврди материјалната промена на името согласно која Секретаријатот на ООН треба да го нотифицира новото име и да почне да го применува. Алтернатива на резолуција, која во вакви услови никогаш нема да помине е изјава на Генералниот секретар, која е документ кој никого не обврзува и не предвидува никакви правни последици.

Човек не може да се сети на ваква активност на руските дипломати во поглед на Македонија. Да, имаше коментари околу „шарената револуција“, околу развојот на настаните до паѓањето на Никола Груевски, па и потоа со критика врз тогашната опозиција. Но сето тоа се правеше во долг временски период. Сега станува збор за зголемен интензитет на соопштени ставови на кратка дистанца. А да не зборуваме за руските медиуми. Особено оние „ударни тупаници“ на државната пропаганда, како што е Спутњик. Десетици текстови во кои крајно навивачки, па и со цинизам се опишуваат состојбите и актери во нив.  На пример имате наслов: „Русија ја одзеде победата на НАТО со бојкот. Чекаме нови санкции“.

Но за Македонија пишуваат и не навивачки медиуми и експерти, кои се трудат да бидат пообјективни. Па така од московска Карнеги фондација ќе прочитаме дека „За десет години во власта многубројната клиентела на ВМРО-ДПМНЕ широко се распространи во државниот апарат, во бизнисот, војската и полицијата. За една година сите да се заменат не е можно, а и нема со кого. А поради карактеристичните судски процеси многумина од тие луѓе сега сериозно се плашат за својата иднина и не исклучуваат дека  евроинтеграцијата  за нив лично може да значи губење на работата, па дури и затвор. Па затоа на денот на референдумот тие и ако ги користеле административните ресурси, тоа било за негов бојкот“. Ова е многу битно, особено сега кога на видикот се наѕираат вонредни избори. Да се има предвид однесувањето на државната администрација. А исто и корумпираното приватно-државното партнерство и неговата клиентелистичка база. Како да се добие поддршка од нив?

Што се однесува до Русија и идните односи, во Карнеги сметаат дека референдумот е можност таа да извлече од многубројните обвинувања за мешање во внатрешните работи на Македонија искажани минативе години. Москва нема никакви важни интереси во Македонија. Нејзиниот интерес сега се одржува со перспективите Македонија да влезе во НАТО. Но и тој процес, влегувањето во НАТО, не може да се сопре. Ни грубите изјави на Русија, ни нејзините обиди да најде сојузник меѓу македонската елита нема да помогнат. Изборот е направен одамна, и сега се уточнуваат ситните детали, сметаат во Карнеги. И навистина Македонија за НАТО е определена уште во деведесеттите години. И Русите тоа многу добро го знаат. Но никако да се помират дека една мала држава од Балканот сака да се интегрира во евро-атлантските асоцијации.

Надвор од НАТО во моментов на Балканот се Србија, Македонија и Босна и Херцеговина. И трите држави си имаат свои проблеми и предизвици. Србија со преговорите со Косово. Се чини Владимир Путин не му даде „карт бланш“ на Вучиќ во Москва за да може да се однесува како што сака. Босна и Херцеговина на 7 октомври, во недела ќе има општи избори. По тој повод Лавров ја посети БиХ и посебно Република Српска. Милорад Додик и Вучиќ беа кај Путин. Да види народот кој ги поддржува. Едниот пред избори, а другиот пред продолжувањето на преговорите со Косово. Македонија е на прагот на нова политичка криза. Ако не помине спогодбата со Грција во Собранието, тогаш ќе имаме избори. Ќе изгубиме многу време кое ни е потребно да ја завршиме работата со Грција. Само претседателот Иванов да не замине во Москва.

Шегата настрана. Но во сето она што е погоре на некој начин се споменува Русија. Директно, како во случајот на Србија и БиХ, или индиректно како што е со Македонија. Како да ги протолкуваме руските „укажувања“, како она на амбасадорот Олег Шчербак во прошталното интервју дадено за „Нова Македонија“. „Загрижени сме и поради тоа што, според правни експерти, Преспанскиот договор бил потпишан, а потоа и ратификуван спротивно на Уставот и на важечките закони. Од аспект на правото, не е беспрекорна и формулација на прашањето што се предлага за гласање на референдумот, која очигледно им е спротивна на нормите на внатрешното право, Уставот на земјата, препораките на Советот на Европа, одлуките на европските судови по слични случаи“.Ваквите загрижености на Шчербак, односно Русија, уште долго ќе ни бидат „трубени“. Тој не заборава да соопшти дека:„Русија е постојана членка на Советот за безбедност на ООН и континуирано се залага за постигнување заемно прифатлив договор за името меѓу Скопје и Атина без надворешен притисок, договор што би водел сметка за интересите на двете земји и би се базирал врз широк општествен консензус и беспрекорна правна основа“. Но не кажува ништо за скандалот во Грција со протераните Руси, кои наводно неприфатливо се однесувале кон Преспанскиот договор. Впрочем и новиот руски амбасадор, Сергеј Баздникин, во интервјуто за Спутњик, по повод референдумот не беше многу поразличен од Шчербак.

Македонија треба да гради односи со Русија по теркот на оние што ги има Словенија, која е членка на НАТО и на ЕУ. На Русија воопшто не и смета тој факт. Веројатно нема да и смета и ако Македонија е членка на НАТО. Што побрзо, толку подобро. Зашто Русија нема да крене раце од спротивставувањето на таквото решение се додека не се случи. И секако тогаш ќе не цени повеќе, бидејќи ќе сака да има земја пријател, иако таа би била членка на НАТО.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?