20 Април, 2024
0.0254

Русија најавува тензии во Македонија

Објавено во: Колумни 22 Јуни, 2018

Добивај вести на Viber

Договорот меѓу Македонија и Грција потпишан неодамна  со кој треба да се стави крај на проблемите меѓу двете држави наиде на широк одзив и поздрави во голем број земји и меѓународни институции. Некои наши медиуми во наслови напишаа дека го поздравила и Русија, имајќи ја предвид изјавата на рускиот министер Сергеј Лавров дадена во Москва по средбата минатата недела со неговиот грчки колега Никос Коѕиас. Демантот стигна од руската амбасада во Скопје. Немало поздрави.

И нормално е да нема. Како може еден договор, кој го склучуваш од причина што сакаш да влезеш во НАТО и да почнеш разговори за присоединување кон ЕУ, да биде поздравен од држава која последниве години не прекинува да се спротивставува на таквите намери на Македонија. Лавров беше јасен. „Ние секогаш нагласувавме дека се залагаме за наоѓање договор за тој проблем без мешање од надвор, без поставување на вештачки рокови и услови. Зборувавме дека ќе поддржиме решение кое ќе одговара на интересите на Грција и на Македонија и кое ќе се потпира на широка општествена поддршка. Се надевам дека вчера објавениот договор ќе биде токму таков“, изјави Лавров.

Се’ е јасно. Москва ќе  чека да види како ќе се исполнат роковите и условите и дали договорот ќе добие широка општествена поддршка. Дури тогаш ќе може евентуално да се зборува за негово поздравување. А дотогаш? Дотогаш да го читаме и препрочитуваме заменикот на Лавров, Алексеј Грушко, кој на тоа место дојде по враќањето од Брисел каде што беше прв човек на Русија во нејзината мисија во НАТО. Запрашан во средата дали Русија ќе го смета како непријателски чекор почетокот на процедурата за прием на Македонија во Алијансата, Грушко вели:„ Нашиот однос кон проширувањето на НАТО апсолутно не е променет. Тоа во помал степен е поврзано со географијата. Ние поаѓаме од тоа дека проширувањето на НАТО не решава ниту еден од реалните безбедносни проблеми. Напротив, тоа продлабочува и создава нова линија на поделба“. Според него, Русија гледа дека кога тој процес се забрзува од геополитички причини, тогаш тој предизвикува тензии во земјите кои се привлекуваат во Алијансата. Ова значи дека Грушко најавува, а во најмала рака очекува тензии и кај нас.

Ставовите на Грушко се само надополнување на она што го кажа Лавров годинава во јануари на прес конференцијата по разгледувањето на резултатите на руската дипломатија во 2017 година. Според него активирањето на разгледувањето на прашањето за официјалното име на Македонија е поврзано со желбата на САД да ја внесе неа во НАТО. Тогаш тој рече дека преговорите за името на Македонија долго време биле во „полусон“ и се активирале кога  САД решиле дека Македонија треба да биде во НАТО. Исто така и дека на Грција нема да и се предлагаат отстапки, бидејќи е во Алијансата, за разлика од Македонија која треба да се привлече во НАТО.

Русија очигледно ја „боли“ НАТО. Промената на името на Македонија и го отвара патот кон Алијансата. И затоа не може да не се очекува отпор на Русија кон оваа цел на Македонија. Не треба да се заборави што се случи во Црна Гора пред две години кога имаше обид за блокирање на нејзиниот влез во НАТО. Таква опасност постои и за кај нас, но сигурно нема да биде драматично како во Црна Гора.

Што направија Русите кога осознаа дека САД сакаат да ја вовлечат Македонија во НАТО. Во прв ред тие ништо не зборуваат дека американската, па и европската реакција  е резултат на руското однесување на континентот и пошироко. Конкретно по Украина 2014 и Сирија 2015 година. Второ тие понудија план Б-4, некаков воено неутрален регион, кој со влегувањето на Црна Гора во НАТО пропадна. А и Македонија, барем јавно, воопшто не е и ниту била заинтересирана за тој проект. Освен ако не се вртел во нечија глава. Трето повикаа дузина маргинални политичари од Македонија во Москва, кои се испосликаа, ја испофалија Русија, ама Јанко Бачев ги надмина сите. Дури го смени името на неговото Народно движење на Македонија во „Единствена Македонија“, по теркот на „Единствена Русија“. И сега Бачев се буни за промената на името на државата.

Дека Бачев го сметаат за најдобро решение од сите што продефилираа во Москва потврдува и фактот дека му дојдоа луѓе од Москва, блиски до Александар Дугин, кои ги обучуваа припадниците на неговата партија за водење политички битки. Првиот обид на таква битка беше на Бачев. Со руско знаме се искачи на едно од специјалните полициски возила за време на недамнешните протести, со што даде простор за претпоставка дека зад протестите стојат и Русите. Па се сликаше со „повредите“ здобиени од атаката врз специјалното возило. Фотографиите од тој настан сигурно се пратени во Москва. Да видат таму дека народот македонски гине во борбата против власта. Ако за време на Втората светска војна гинел извикувајќи го името на Сталин, денес тоа го прави со руско знаме во рака. Дали Бачев го положил испитот или не? Никој не знае. Тешко на Русите со такви борци.

На Русиве не им доаѓа во глава, дека Македнија уште во деведесеттите години се определи за НАТО.  А тоа мошне добро го знаат. И самите зборуваат дека САД сакаат да ја вовлечат Македонија во НАТО. И јасно им е дека тоа ќе се оствари. Зошто тогаш не ја остават мирно да си дојде до целта, за утре да имаат уште еден пријател на Балканот.

Во сето ова не е јасна уогата на руското лоби во Грција. Неодамна во ZEIT- ONLINEбеше објавена истражувачка сторија во која се зборува на врските меѓу Руси олигарси и луѓе блиски до власта, како што е наводниот идеолог на Кремљ Александар Дугин и грчки политичари, почнувајќи од министерот за одбрана Панос Каменос, па бизнисмени, адвокати...Се споменува и Никос Коѕиас...Имиња кои наводно им служат на руските интереси во Грција. Дали тие можат да направат нешто во поглед на договорот меѓу Македонија и Грција? И дали беше случајна итната посета на Коѕиас на Москва на 13 јуни, веднаш по објавувањето на тој договор? За одговорите ќе треба да се стрпиме неколку месеци.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок