18 Април, 2024
0.0244

Русија почна да го возвраќа ударот

Објавено во: Колумни 30 Март, 2018

Добивај вести на Viber

Лавината предизвикана од труењето на двојниот руски агент Сергеј Скрипаљ во Велика Британија и натаму набира сила. Меѓусебните препукувања на Западот, Главно САД и Велика Британија со Русија не стивнуваат. Вчера Русија го повика американскиот амбасадор во Москва Џон Хантсман да му ја соопшти одлуката за потерување на 60 американски дипломати и за затворање на американскиот конзулат во Санкт Петербург. Возвратен удар од руска страна на американското протерување на руски дипломати и за затворање на рускиот конзулат во Сиетл. Но Русија нема да остане на овој чекор. Се подготвува протерување и преземање на друг мерки против други 32 држави, ако не се смета Британија чии дипломати беа протерани неделава.

Скандалот од Солзбери, англискиот град каде што се случи труењето се повеќе добива обележје на руско-американски дуел, иако инициран од страна на Велика Британија. Тони печатарска хартија, илјадници часови телевизиско време се потроши изминативе повеќе од две недели за да се објасни суштината на конфликтот, но се уште вистината лебди во воздухот. Британците никако да ја завршат истрагата, а на обвинителна клупа ги ставија Русите. Но, како што одминува времето има се повеќе најави дека работата и не е така едноставна за да може печатот на виновник да се удри врз Русија.

Интересно е што од една вербална војна која ја започна премиерката Тереза Меј, со терцирање од страна на нејзиниот министер Борис Џонсон, сега се премина и на уметничко поле. На полето на литературата. Џонсон сакајќи да покаже колку го познава делото на Фјодор Достоевски напиша дека „Случајот Скрипаљеви“„ повеќе личи на почетокот на „Злосторство и казна“ во таа смисла што ние сите сме уверени по повод виновникот, и прашањето е само во тоа дали тој ќе признае или ќе го фатат“. Рускиот одговор на оваа реченица вчера дојде од устата на Марија Захарова, портпарол на Министерството за надворешни работи, и тоа со прашање: „Борис Џонсон, кажете, вие „Злосторство и казна’ сепак до крај сте го дочитале или така, сте останале само на почетокот“. За потоа да посочи цитат од Достоевски од истата книга :„ Од сто зајаци никогаш не можеш да направиш коњ, од сто сомнежи никогаш не можеш да направиш доказ“, алудирајќи на британскиот сомнеж дека  е „голема веројатноста“ зад труењето да стои Русија, што не е и доказ за да се преземат мерки кои не се знае, во крајна линија, до каде ќе доведат.

Во продолжение на разработката на „Злосторство и казна“ Захарова спомена дека ако се прават литературни паралели тогаш на улогата на Родион Раскољников претендира поранешниот британски премиер Тони Блер. Тој во 2003 година по долго убедување со американскиот претседател Џорџ Буш донесе одлука за воена агресија врз Ирак, под измислениот повод дека Ирак има оружје за масовно уништување. А сите знаеја дека такво оружје немаше што се покажа подоцна, а последиците од таа воена агресија се чувствуваат и денес 15 години по нејзиниот почеток. Токму Блер, по долгите истраги и демантирања на крај мораше да се соочи со вистината. Па побара да му се прости, изрази каење и признание: „Јас ја носам целата одговорност,  без исклучок за кои било грешки, без какви било оправдувања... Изразувам најдлабоко жалење во врска со жртвите и давам поддршка на нашите вооружени сили...“. Се ќе минеше и без ова признание да не беше покрената истрага, не за ирачките жртви, за последиците од војната, туку за британските војници кои загинаа во Ирак. А Марија Захарова, завршувајќи со литературните пасажи, побара од Џонсон да собере сила и смелост да се покае за тврдењата дека има какви било докази за вина на Русија за можно учество во труењето што се случи на британска територија.

Развојот на настаните со „Случајот Скрипаљеви“ тешко може да се предвиди, иако има најави дека тој ќе оди се подлабоко, а главни актери ќе бидат САД и Русија. Веќе вчера на веста дека Русија ќе протера 60 американски дипломати и ќе го затвори конзулатот во Санкт Петербург, од Белиот дом изјавија дека протерувањето не е изненадување и дека САД ќе се разберат со тоа прашање. Американците уште пред протерувањето на нивни дипломати од Москва велеа дека доколку тоа се случи ќе значи ескалација на работите, а за која ќе биде виновна Русија! Од Стејт департментот, пак, тврдат дека протерувањето е без мотив и нема никакви законски основи.  Наспроти американските потези за кои се вели дека биле мотивирани со нападот во велика Британија врз британски државјанин и негова ќерка. „Запомнете дека тоа е прв случај кога военото нервно-паралитичко соединение „Новичок“ е користено не во војна и против наши сојузници“, рече вчера Хизер Нојерт, претставникот на Стејт департментот. Сето ова значи дека и на рускиот контра одговор ќе има американски контра-контра одговор. Амбасадорот на САД во Москва Хантсман веќе најави можност од заплена на руски активи во САД. Со тоа борбата ќе се префрли во друг сектор. Од дипломатско политички на економско политички.

За некои аналитичари ваквиот развој на настаните зборува дека започнала нова студена војна со сите можни последици од неа. Други пак тврдат дека не може да стане збор за нова студена војна, бидејќи сега немаме биполарен свет со два воено-политички блока, туку дека светот сега е станат повеќеполарен. Дури и Европската Унија не е единствена кон британско-американскиот приод во соочувањето со Русија. Бројот на протерани руски дипломати од членки на ЕУ и од кандидати за членки и поддржувачи, гледано по држави поединечно е симболичен. Колку да се рече дека сите тие се солидарни со Британија. Сосема друга ќе биде приказната доколку се докаже вина на Русија, а уште подруга доколку таа не се докаже.

И токму околу докажувањето на вината допрва ќе се води дипломатско-политичка битка, околу улогата на Организацијата за заштита од хемиско оружје. Затоа нејзината одлука ќе биде од големо значење. Но тешко е да се верува дека Русија може да биде оправдана, затоа што процесот на докажување на нејзина вина е започнат, и тоа добро подготвен со медиумска помпа и каква таква поддршка од триесетина држави. Сето ова мене ми личи на подготовките за војната во Ирак, кога се направи некаква коалиција, во која учествуваа десетици држави, меѓу нив и Македонија. Со таа разлика што сега не може да се претпостави дека овие сојузници ќе ја нападнат Русија. Иако не е исклучен и судир меѓу Русија и САД, на пример околу Украина. Белким тогаш кога ќе се најдат на чекор од нуклеарна војна двете воени велесили ќе седнат да разговараат пред нависнатата опасност од неа.

Како да се однесува Македонија во сето ова? Ај што протеравме руски дипломат протеравме, иако за потешки аргументи за таквиот чекор мораше да се вклучи и министерот Никола Димитров кој го дополни официјалното соопштение на нашето МНР во кое отсуствуваше некаква субверзивна активност на протераниот дипломат. Но каква е добивката од таквиот чекор. Мојот прв емотивен коментар беше „барем да не примат во НАТО и под референцата“. А зошто да не, ако веќе бевме сојузници во Ирак во војна без повод, тогаш сега со вклучување во некаков солидарен тим, без доказ за нечија вина, даваме уште поголем придонес под итно, уште во јуни во САД да не вклучат во Алијансата. И треба ова постојано да се труби насекаде.

Минатата недела на оваа страница напишав дека пропагандната војна во и околу Македонија сигурно нема да сопре набрзо. Во наредниот период сигурно ќе бидеме сведоци на про и контра ставови...Стануваше збор за македоноските амбиции за влез во НАТО, руското спротиставување со најава на „негативни последици“, плашењето од страна на британскиот амбасадор Чарлс Гарет со употреба на хемиско оружје од страна на Русија и кај нас! И така бидна.  Протерувањето на рускиот амбасадор го искористја маргиналците за марш низ центарот на Скопје во знак на поддршка на дипломатот и дружба со Русија. Вчера се јави и рускиот амбасадор Олег Шчербак со укажувања што може да очекуваме од влегување во НАТО. Човекот има право на тоа, бидејќи истата пракса се користи и за земјите во кои се инсталираат американски оружја или се стационираат НАТО војски. На сите ним им се вели дека ќе бидат легитимна цел во случај на војна меѓу НАТО и Русија. Што е и вистина. Но, мене впечаток ми остави делот во кој амбасадорот ни вели дека одлуката за вклучувањето во Алијансата треба да се носи со референдум на кој би се изјасниле граѓаните. Мислам дека овде абасадорот не е во право. Сепак за тоа дали ќе се оди на референдум или не одлучува самата држава, и не е потребно мешање во оваа длабоко внатрешно прашање.Колку и да е сугестијата добронамерна, не е прифатлива.

За некој ден ќе ја дознаеме и одлуката на Русија за протерување на наш дипломат од Москва. Кога работев јас таму ги имаше само двајца до тројца...

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?

Ерменија оди во прегратки на Западот – до каде ќе стигне?