02 Мај, 2024
0.0777

Русија во Сирија: „Блиц криг“ или заглавување?

Објавено во: Колумни 16 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Воената операција на руските сили во Сирија продолжува веќе трета недела. Се изнагледавме сижеа од нападите на воените авиони врз цели на територијата на таа земја. Се чини дека руската авиација во преден план ја има поддршката на владините сили и нивните сојузници кои почнаа копнена операција. Од резултатот на таа операција ќе зависи дали Русите ќе заглават во Сирија или пак може да се зборува за своевиден „блиц криг“. „Блиц криг“ или „молненосна војна“ е израз настанат од времето на Втората светска војна, кога германските воздухопловни сили нанесуваа удари, еден до два дена, врз цели, пред се аеродроми, во земјите кои сакаа да ги окупираат, а потоа настапуваа со масовни копнени напади. Најдобри нивни следбеници беа Израелците во време на Шестдневната војна со Египет, Сирија, Јордан и Ирак, кога за еден ден успеаја да ги уништат речиси целото воено воздухопловство на тие држави, а потоа нивните авиони даваа поддршка на копнените опеерции на израелската војска кои, да не дојдеше до прекин на војната, можеа да влезат во Каиро, Дамаск или Аман. Израелците дојдоа на 50-тина километри од Дамаск и Аман, а на 100 од Каиро. Тогаш тие окупираа големи делови од трите земји, а последиците од таа војна се чувствуваат до ден денес. Навраќањето на историјата не е никогаш на одмет. Тогаш Израелците имаа помалку од 200 авиони , а Арапите над 800. Но, резултатите од војната беа во полза на Израелците. Денес тешко може да се оствари „блиц криг“. Бомбардирањето на СР Југославија од страна на НАТО алијансата траеше седумдесетина дена. И војната не заврши се додека НАТО копнените сили не стапнаа на тлото на Косово. Така веројатно ќе се одвиваат работите сега и во Сирија. „Блиц криг“ во вистинска смисла на зборот ќе нема. Самите Руси се свесни за тоа. Во интервју за телеканалот „Россия 1“ рускиот претседател Владимир Путин изјави дека воената кампања во Сирија „ќе биде временски ограничена во периодот на офанзивните операции на сириската армија“. „Нашата задача е да ја стабилизираме законската власт и да создадеме услови за потрага на политички компромис“, рече Путин. Стабилизацијата треба да произлезе „по воен пат“ бидејќи властите во Сирија се под опсада, смета рускиот претседател. Тој исклучува учество на руски војници во копнените операции. Ова зборува дека Русија не очекува долготрајна воена операција во Сирија. Некои воени експерти, пак, сметаат дека силите што ги користи Русија денес во Сирија се доволни за водење воени дејства во текот на четири месеци. -Сегашната авијациона група е недоволна за да се промени текот на битките. Ефикасноста може да се добие со распоредување на војска и сили кои можат да се споредат со бројноста на сириската армија. Сега може да се има надеж само на „блиц криг“, вели за „газета.ру“, Константин Сивков, воен експерт, а порано офицер во Генералштабот на Русија,. Ако Сивков смета дека за успех во војната се потребни дополнителни околу 100.000 војници, колку што се смета дека сега брои сириската армија, тогаш се поставува прашањето каде да се најдат. Борците од Хезболах и некои ирански единци, за кои се тврди дека се борат во Сирија се недоволни за такво нешто. А Путин вели „ не праќаме копнени сили“. Тогаш како понатаму? Дипломатија. Целта на Русија е да се направи голема коалиција за борба против терористите. Пред се за борба против ИД. За нејзино остварување тој побара и се сретна со американскиот претседател Барак Обама во Њујорок за време на Генералното собрание на ОН. Но, договор немаше. Целта на САД е борба против ИД, но и истовремено отстранување на сирискиот претседател Башар ал Асад од власт. Сега, Русите и Американците соработуваат само на технички план. Да се спречи евентуален, несакан судир меѓу американски и руски авиони. Нов обид на Русите беше и предлогот што пред три дена го кажа Путин на бизнис собирот „Русија повикува“, а според рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, даден уште на средбата меѓу Обама и Путин во септември. Да дојде во Русија американска воено-политичка делегација, да се договорат некои заеднички чекори, а потоа руска делегација предводена од премиерот Димитриј Медведев, придружуван од претставници на армијата и специјалните служби, да го посети Вашингтон. Но САД го одбија глатко овој предлог. Според портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест, причина за одбивањето е неподготвеноста на Москва да даде "конструктивен придонес" во меѓународната борба против "Исламска држава", кога веќе има сопствената агенда. Николај Злобин, претседател на Центарот за глобални интереси од Вашингтон за БиБиСи изјави дека врз одлуката на Американците влијаеле неколку фактори. Прво, предлогот на Русите бил неочекуван и му се чини дека Американците биле пикнати во ќорсокак од него. Второ, тие се исплашиле дека доколку се согласат на таков предлог, би се сметало дека, како да го одобруваат учеството на Русија во она што се случува сега во Сирија. Освен тоа, тие не сакаат да се создаде впечаток дека Русија се договорила со САД за деталите за нејзино учество и дека меѓу двете влади активно соработуваат на високо ниво. И трето, дека би излегло оти Американците носат решенија во името на целата коалиција што ја предводат, дека другите земји не значат ништо. Тие сакале да покажат дека ако Москва сака да зборува со коалицијата, треба да се создаде некоја меѓународна група и да се почнат разговори, а не само Москва и Вашингтон. Иако сите знаат дека Вашингтон е главен, сепак Американците сакале да го поддржат реномето на коалицијата. Според Злобин, станува збор за пропуст на американската дипломатија, дека тие не биле готови кон тој руски чекор. И наместо да ја искористат ситуацијата во своја полза тие и ги дале добитните карти во рацете на Москва. Тој смета дека Сирија за Американците е само една епизода во борбата со тероризмот. Епизода од глобалната американска контрола на светското пространство. Поточно, дневен проблем. Додека за Русија, Сирија е сосема друга работа. Меѓу другото и обид да се покаже дека таа не е регинална држава , како што еднаш ја нарече Обама, туку оди во региони кои се далеку од неа. Злобин смета дека САД и Русија тешко ќе се договорат сериозно за Сирија. Веројатно Американците играат на картата Русите да заглават во Сирија. САД знаат дека економски ослабената Русија ќе има проблеми да води подолготрајна војна. И сакаат да се истошти и во Сирија. Да ја остават сама да ја води битката за таа држава. А тие во меѓувреме ќе ги помагаат силите – противници на Асад. Тоа значи дека нема ништо од заеднички декларираниот став дека ИД е најголемиот проблем во регионот. Но, во случај на успех на Русија адутите ќе бидат на нејзина страна и во некоја наредна прилика таа ќе ја диктира играта. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина