19 Март, 2024
0.0278

Руската карта одново во американската игра

Објавено во: Колумни 13 Јули, 2020

Добивај вести на Viber

На помалку од четири месеци до претседателските избори во САД во таа земја одново се разигрува руската карта. Како адут во дуелот меѓу кандидатите за претседател. Доналд Трамп од републиканците и Џо Бајден од демократите, кој во август треба да биде и официјално номиниран за претседателски кандидат. Трамп се фали дека „ги сотрел“ Русите со санкции во однос на неговиот претходник, Барак Обама. Бајден, пак, навестува дека ќе биде немилосрден кон Русите.

Американците не можат да играат во меѓународната политика ако немаат непријател. Долги години тоа им беше Советскиот Сојуз. По распадот на комунизмот наместо соперник Русија ја претворија во нов непријател. Додуше во моментов и во САД се повеќе се зборува за Кина „како непријател број еден“, а Русија „број два“, но сепак за обичниот Американец традиционалниот непријател е Русија.

Тоа го покажа и една анкета направена од  Ipsos, по статијата во „Њујорк тајмс“ во која се тврдеше дека Русија ги поткупувала Талибанците да напаѓаат и убиваат американски војници. Над 60 проценти од испитаниците одговориле дека информацијата во весникот е сигурна или до некој степен сигурна. 21 процент од нив не ја сметаат за сигурна или не знаат дали можат да му веруваат на медиумот. Ваквите резултати доведоа над 50 проценти од испитаниците да речат дека САД треба да воведат санкции кон Русија, 9 проценти се искажале за удари врз руските војски, а помалку од 30 проценти не знаела каква треба да биде американската реакција. Само 9 проценти од испитаниците се изјасниле дека сакаат да видат како САД одат напред и се обидуваат да ги подобрат односите со Русија.

Веста за Талибанците и руските нарачки за убиство на американски војници, беше демантирана директно од претседателот Доналд Трамп, од државниот секретар за одбрана Марк Еспер, а доведе и до раскол во разузнавачката заедница. ЦИА и други агенции тврдеа едно,  додека Агенцијата за национална безбедност друго. Но политичарите, попрецизно демократите, на неколку месеци пред избори сакаат да ја искористат оваа вест како еден од адутите во изборите. Демек Русија плаќа да ги убиваат нашите војници, а на Трамп око не му трепнува за тоа. Трамп во врска со ова на твитер напиша:„ Историјата со руските плаќања е уште една склепана од лажни вести, неа ја раскажаа само за да ми наштетат мене и на Републиканската партија“.

Но ова не ги сопира конгресмените да почнат парламентарна истрага. И да бараат санкции против Русите за „заговор“ со Талибанците. Некои луѓе веќе дадоа изјави. Претседателот на Комитетот на началниците на штабовите на вооружените сили на САД, генералот Марк Мили истапувајќи на слушања во Конгресот вети дека ќе се докопа до суштината на разузнавачките податоци за тоа дека Русија наводно им нудела пари на Талибанците за напади врз американски војници во Авганистан. Притоа тој додаде дека докази засега нема, што не значи дека нема да се бараат. Претходно и државниот секретар за одбрана изјави дека и до него не е дојдена информација дека Русија ги плаќала Талибанците. Но додаде дека во Пентагон е почната истрага за протекување на информации поврзани со Русите и Талибанците.

Паралелно со ова слушање во Конгресот се подготвуваат слушања за мешањето на Русија во изборите во 2016 година. И покрај официјалната истрага на специјалниот обвинител Роберт Милер за мешањето на Русите во изборите и наводниот договор меѓу нив и Трамп,  и неговиот извештај, демократите никако да се помират со она што тој го најде во истрагата. Па сега се подготвуваат нови слушања на кои ќе се повикаат педесетина луѓе. Се очекува од овие слушања да се подготви извештај до октомври годинава. Како се’ да е темпирано да се случи во предвечерието на изборите на 3 ноември.

Наводното плаќање на Талибанците го подзеде и најверојатниот противник на Трамп, демократот Џо Бајден. Тој на еден предизборен собир директно го обвини американскиот претседател дека се обидел да скрие што реално се случува во Авганистан и дали можела Москва да ги финансира талибанските операции против американските војници. Бајден на истиот собир вети дека во случај на избор за претседател тој со Москва ќе разговара од позиција на сила. „Јас имав многу директни,отворени разговори со претседателот Путин, кога бев потпретседател, и тоа, се чини, е една од причините поради кои тој не сака да ме види како претседател на САД“, рече Бајден. Реакциите на Трамп на ваквите потези на законодавците и на неговиот противник можат да се прочитаат на твитер, а во нив тој се’ негира и смета дека станува збор за заговор против него.

Има еден факт. Главните американски весници „Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ беа и се’ перјаници во текстовите насочени против Трамп. Тој не еднаш ги нарече нив „извори на лажни вести“. Дури и го избрка известувачот на „Вашингтон пост“ од Белиот дом. Но деновиве се случи чудо. Трамп даде интервју за „Вашингтон пост“, кое беше пласирано во два дена. Кој е мотивот на „Пост“ за ваквиот чекор? Веројатно некои ставови на Трамп, блиски до уредувачката политика на весникот, а поврзани со она што сега се случува во САД – протестите ширум земјата. Но да го оставиме тоа настрана. Речиси една третина од интервјуто е посветена на односите со Русија. Па така според него заедничката работа со Русија околу контролата на вооружувањето е најзначаен аспект на двостраните односи меѓу Вашингтон и Москва. „Од тоа што можеме да го направиме, нема ништо, позначајно од контролата врз нуклеарните оружја“, рече Трамп во интервјуто, објавено во саботата. Овде веројатно мисли за договорот СТАРТ-3, кој истекува во февруари идната година. Тој сака во преговорите да се вклучи и Кина. Но тоа е сметка без крчмар. Кинезите деновиве преку еден свој функционер изјавија дека, парафразирам, сакаат да чујат бројки. Дали САД ќе го намалат својот нуклеарен арсенал или пак Кина ќе треба да го зголеми, па да се разговара на рамна нога.

Трамп нагласува дека тој и претседателот на Русија Владимир Путин „всушност имаат многу добри односи“, без оглед на тоа што „секоја недела ние воведуваме се повеќе санкции против Русија“. Зборувајќи во контекст на темата за Авганистан, Трамп изјави дека Русија не сака да биде вовлечена во тој конфликт. „Тие беа таму долго време. Советскиот Сојуз стана Русија поради Авганистан, затоа што тие таму претрпеа сериозен удар“, смета Трамп. Во интервјуто Трамп првпат кажа дека во 2018 година дал наредба за почеток на таен сајбер напад врз руската Агенција за интернет истражувања од Санкт Петербург. Оваа агенција се смета за лидер во распространување на информации, кои се сметаа за мешање во претседателските избори во САД во 2016 година. Според Трамп, Барак Обама знаел за работата на руската агенција, но не преземал ништо сметајќи дека Хилари Клинтон ќе победи на изборите. Американската операција, преземена врз основа на податоци од разузнавањето,  го сопрела мешањето на Русите во изборите за сенатот и конгресот во 2018.

Но Трамп не застанува тука во набројувањето на антируските потези. „Никој не бил пожесток во однос на Русија од мене“, му вели тој на уредникот на весникот. Додава дека има 30 примери за тоа. „Јас пратив во Украина воена техника, а Обама не прати ништо. Оружјето е против Русија. Јас ја направив нашата земја број еден во светот по производство на нафта. Ние сме број еден, а тоа е лошо за Русија“, набројува Трамп. Тој го нагласува и притисокот врз Германија за гасоводот „Северен поток-2“,„Германија и плаќа на Русија милијарди и милијарди долари. А ние треба да ја заштитуваме Германија од Русија“. Трамп додава дека и неговото инсистирање секоја членка на НАТО да одвојува два процента од БДП за финансирање на Алијансата, исто така е насочено против Русија. Конечно тој смета дека најзначаен чекор е обновувањето на американската воена моќ. „Сега имаме најнова армија од кога и да било...И тоа е лошо за Русија. Трамп ја користеше армијата не само во сајбер просторот. Според американски медиуми во февруари 2018 година во судири на истокот на Сирија американските војници убија неколку стотици руски наемници.

Кој е одговорот на Русија на најновиот бран антируската реторика во САД? За Владимир Путин станува збор за „несреќна антируска реторика“. Тој смета дека руско-американските односи зависат од внатрешно политичката состојба во Соединетите Држави, а не од Русија. Путин ја нарече анти-руската реторика за жалење. „Фактот дека тоа се случува таму - во најголемата економија во светот, во најголемата нуклеарна, воена моќ, е секако за жалење, затоа што тоа влијае врз целиот систем на меѓународни односи. И, се разбира, тоа негативно влијае врз руско-американските односи “, рече претседателот. „Не мислам дека, заштитувајќи ги нашите интереси, ние треба да изгледаме како приглупи, луди, кои во рацете имаат брич, и трчаат и мафтаат со него, па дури се расфрлаат со пцости“, смета Путин.

Односите со САД ги прокоментира и неговиот прес секретар Димитриј Песков. Според него односите на Русија со САД се на најниско ниво. И во обостраните односи и на планот на одговорноста за многу работи, а во прв ред за контролата над вооружувањето и стратешката стабилност. Контактите на експертско ниво се несигурни. А бидејќи двете земји имаат најголеми нуклеарни арсенали, ниту една друга земја, ни Кина, која Американците сакаат да ја поканат кон такви преговори, не може да се спореди со својот арсенал ни со САД, ни со Русија.

Сергеј Лавров, рускиот министер за надворешни работи, вели дека вревата која ја кренале САД околу врски на руската страна со Талибанците, се заснова врз многу недобросовесни шпекулации, без никакви конкретни факти. „Сето тоа повторно е впишано, а веројатно е така, во внатреполитичката борба во САД спроти изборите, смета Лавров. Според него таквите вести се дел од кампањата на политичките противници на Трамп, кои сакаат да дискредитираат се’  што прави тој и неговата администрација, „особено во поглед на Русија“.  Што се однесува до договорот СТАРТ-3, за кого се водат експертски консултации, Лавров вели дека Русија нема да ги наговара САД да останат во него. „Ние знаеме и во тоа сме тврдо уверени, дека со гаранција ќе осигураме безбедност на долг рок, дури и во отсуство на тој договор“, вели Лавров, додавајќи дека Русија нема да се откаже од дијалогот со САД.  

Во сите овие искажувања погоре, испливуваат две работи. Прво, Русите многу не ги ни споменуваат демократите и Бајден. Второ, меѓу редови тие како да се наклонети кон Трамп. Но како ќе му помогнат да добие уште ден мандат. Дотолку повеќе што сега со кризата со коронавирусот неговиот рејтинг опаѓа. А има само уште четири месеци до изборите. Кои се интересите на САД и на Русија, каде што се совпаѓаат, па Трамп да може да собери поени на меѓународен план. Договорот СТАРТ 3? Тоа е една работа. Но САД инсистираат на Кина во него. Може ли Русија да посредува на тој план?

Втора работа е идејата на Путин за самит на „нуклеарната петорка“, држави постојани членки на СБ на ОН. Според него во меѓународните односи има многу прашања кои бараат итни решавања од страна на водечките држави во светот. Средбата од таков вид е навремена и полезна. Идејата на рускиот претседател беше поддржана од лидерите на нуклеарните држави. Сега треба реализација. Трамп со таква средба, доколку заврши со резултат би можел да добие некој поен во предвечерието на изборите. Дотолку повеќе што таа средба би можела да се одржи во Њујорк во октомври, во Обединетите нации. И така во тој месец годинава, на 24 октомври, ќе се одбележат 75 години од формирањето на ОН. Убав јубилеј за уште поубав резултат. Кој би бил надеж за целиот свет, но и за Трамп во неговата битка за втор претседателски мандат.

Мирче Адамчевски 


Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?