Руско вето надвиснато над Македонија?
Објавено во: Колумни 18 Јануари, 2019
Вчерашната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград, со голема помпа следена и од страна на нашите медиуми, фрли во сенка значајни факти и настани за нас, а кои допрва ќе ни предизвикуваат неспокојство. Не дека нема да го надминеме, ама нема да ни биде сеедно.
Во годините кога бев дописник од Москва , годините на владеење на Борис Елцин, една колешка, апологета на тогашната власт, ми се јавува еден ден и ме прашува: -што пишуваат за нас во Русија. Велам, ништо. –Како ништо, одговара таа, додавајќи дека во Македонија се случуваат разни работи, кои мора да го привлечат вниманието на руската јавност. Небаре Македонија е центар на Сончевиот систем околу кој се вртат сите планети. Како да кажеш дека за речиси шест години престој во Москва насловите за Македонија во медиумите се бројат на прстите на двете раце. Најмногу околу атентатот на претседателот Киро Глигоров. Дури и официјалните искажување на руски дипломати или политичари во медиумите се броеја на прсти од рацете. Мал дел од нив по моја заслуга кога поставував прашања на редовните прес конференции во руското МНР.
Целиот овој увод го правам за да одбележам нешто ново или поточно инцидентно во поглед на присуството на Македонија во настапите на политичарите и одѕивот во руските медиуми. По сила на приликите, најверојатно, од понеделникот до средата Македонија се најде во коментарот на руското МНР, па во објаснувањето на заменикот министер за надворешни работи Александар Грушко, па на прес конференцијата на министерот за надворешни работи Серге Лавров и на крај на претседателот Владимир Путин во интервјуто за белградските весници „Политика“ и „Вечерње новости“. За само три дена лавина од искажувања. Можеби во сето ова има и совпаѓања на роковите, но излезе дека „без Македонија не се може“.
Коментар веднаш по усвоените амандмани
Во понеделникот излезе коментарот на руското МНР. Даден по усвојувањето на уставните амандмани во македонскиот парламент. „Видливо е продолжувањето на процесот наметнат однадвор со цел Скопје форсирано да се вовлече во НАТО. Тоа се прави со нарушување на македонското законодавство. Позицијата на првиот човек на Република Македонија и мислењето на мнозинството од населението, кои ја отфрлаат „преспанската зделка“ се игнорираат“, се вели во коментарот. По ова се споменуваат протести во Скопје и во други градови, поларизација во општеството.. Па се споменува експлозивна ситуација која може да ги подрие стабилноста и безбедноста на Балканот, поврзана со настаните во Грција, излегување од владината коалиција на „Независните Грци“, кои се противат на Преспанската спогодба...И се заклучува дека: „ Позицијата на Руската федерација за проблемот со македонското именување на државата останува непроменета – стабилно решение треба да се најде без надворешен притисок, наметнувањето на рокови и услови од надвор, со потпирање на широка општествена поддршка, како во Република Македонија, така и во Грција и исклучително во рамките на правното поле. Поаѓаме од тоа што даденото прашање треба да се разгледа во СБ на ОН во согласност со членот 3 од резолуцијата на СБ број 845“.
Веќе утредента, во вторникот, по реакција од Атина на руските коментари, се јави заменикот министер Александар Грушко со изјава дека „Ние не се мешаме во внатрешните работи на Грција, но во тие прашања кои влегуваат во компетенции на СБ на ОН, Русија ќе ја кажува својата точка на гледање“. Според него оценките во коментарот на руското МНР се принципиелни и се поврзани со целата историја за тоа како течеа преговорите, под каков меѓународен притисок, на мешањето без преседан од страна на Запад за постигнување на целосно геополитички цели.
И сето ова како да беше малку, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, на годишната прес конференција посветена на резултатите на руската дипломатија во 2018 година, одговори на прашање, веројатно поставено од грчки новинар. Со оглед на честото споменување на резолуцијата 845 на ОН, новинарот се интересираше дали таквиот интерес на Русија за резолуцијата значи дека Русија сака да ја спречи Преспанската спогодба или пак не е задоволна од неа? И што се случува во реалноста кога Русија ги критикува САД и НАТО за раширување на нивните позиции на Балканот и на други места, а тие пак ја критикуваат неа за нејзини агресивни дејства во регионот.
Русија тврди не е против името
Рускиот министер за надворешни работи во својот одговор истакна дека ниту еднаш не чул дека „исполнувањето на резолуции на СБ на ОН може да се смета како обид за спречување на решавање на прашањето, на кое му се посветени резолуции – во случајов за усогласување на прашањето за името на Македонија, меѓу Скопје и Атина. Ние секогаш активно сме го поддржувале тој дијалог и сме се залагале за наоѓање на решение кое би било прифатливо за јавноста, народите и секако владите на Грција и на Македонија“. Според него Русија не е против името кое е објавено. Но има прашања за легитимноста на процесот и колку тој бил условен со стремежот да се најде консензус меѓу Атина и Скопје, или пак со стремежот на САД побрзо да ги „втурне“ сите балкански земји во НАТО и да прекрати какво било влијание на Русија во тој регион. „Ние сакаме позицијата на СБ секогаш да се почитува. А тоа е дека решенијата треба да бидат законски, рече Лавров. Тој тука нагласи дека кај Русите предизвикуваат прашања нарушувањето на Уставот, било од страна на Парламентот, било од страна на претседателот Иванов. Лавров потсети и на нечистата кампањата и агитацијата од страна на Запад и НАТО спроти референдумот за името. Како да била за усвојување на новото име, ам повеќе за влегување во НАТО со промена на името. Оттука и неговата констатација дека САД и неговите сојузници сега имаат тенденција терминот и значењето меѓународно право да се промени со некаков поредок заснован врз правила. А тоа се однесува и за резолуцијата на СБ на ОН која е дел од меѓународното право, кое бара почитување на уставите и на Грција и на Македонија. Лавров смета дека и во случајот со усвојувањата на спогодбата, на уставниот закон и промените во уставот на Македонија наместо правен приод се користи „правилен“.
И конечно, Путин за белградските весници. Споменувајќи ја Црна Гора и начинот на нејзиното зачленување во НАТО, таа сега „преживејува период на политички нестабилност“, рече тој. А потоа нагласи дека „лани заради форсирано вклучување на Република Македонија во состав на НАТО бил започнат процес на носење уставни промени и преименување на државата, преразгледување на основата на македонскиот национален идентитет. Притоа е игнорирана волјата на македонските избирачи – референдумот за промена на името на државата пропадна, но притисокот од надвор продолжи“. За Путин за овој дел од Балканот „безусловен приоритет е соработката за зацврстување на регионалната безбедност и стабилност. „Ние сме за тоа, правата и интересите на балканските земји и народи да се почитуваат да се почитува меѓународното право.
Што по сето ова искажано за три дена?
Во прв ред Македонија треба да бара од своите спонзори во СБ на ОН да се подготват за, во најмала рака, битка со аргументи со Руската Федерација. На овие страници веќе пишувавме дека според резолуцијата 845 во извештајот до СБ на ОН треба да стои дека разликите за името се надминати, проблемот е решен и дека се препорачува да се прифати новото име и тоа да биде прибележано во системот на ОН со цел да почне да се употребува. Со оглед на сегашниот став на Русија, во дискусијата во СБ Русите можеби ќе не направат нас и нашите спонзори партал за начинот на кој е постигнат договорот. Може да се случи да не се усвои нова резолуција, со оглед на руското право на вето. Иако мислам дека прашањето и не е толку важно за да се стави вето. Но имајќи го предвид искуството со Тајван и кинеското вето, по што во Македонија имаше и воен виор, вето може и сега да се случи. А ако не се усвои извештајот тогаш нема како да се утврди материјална промена на името за да може Секретаријатот на ОН да го прибележи новото име и да почне да се применува. Алтернатива на резолуција, која нема да помине, е изјава на Генералниот секретар, која, пак, е документ што никого не го обврзува и не предвидува правни последици.
Во таков случај како би реагирале Грците кои инсистираат на правно обврзувачки документ? Ќе се отвори нова игра меѓу големите сили. И одново се ќе се прекрши врз малите. Многу е тешко да се претпостави во која насока ќе се развиваат работите.
Како и да се заврши работата јасно е дека во идните неколку години односите меѓу Македонија и Русија, по се што се случи и беше изречено од обете страни, иако и сега се замрзнати, нема да бидат затоплени. Некои сметаат дека во тој случај не’ чека судбината на руско црногорските односи. Згора на ова ако се покажеме како „врли“ НАТО-вци и кандидати за ЕУ, па воведеме санкции кон Русија, кои досега не ги воведовме, тогаш студенилото во односите ќе прогресира уште надолу. Па можеме да очекуваме драстично намалување на извозот, проблеми со катедрата за македонски јазик на МГУ „Ломоносов“...
Македонија ќе мора да ја плати цената на остварувањето на своите долгогодишни стремежи за членство во НАТО и ЕУ. Дали сето ова можеше да биде направено поинаку? Како Словенија и Хрватска на пример. Мислам дека не. Ова поради фактот дека руската надворешна политика не е доследна во тој поглед кога се работи за Балканот. Како може да не се крева толку врева за Бугарија, Романија, Унгарија, некогашни членки на Варшавскиот пакт, ниту за Словенија и Хрватска, а се крена за Црна Гора и Македонија.
Дали зад ова не стојат некои внатрешни прашања на Русија. На пример, кој ја води и ја креира нејзината надворешна политика. Во смисла на таков пресврт во поглед на зачленувањето на Македонија во НАТО. Дотолку повеќе што со години Русите изјавуваа дека ним не им е сеедно ако Македонија да се зачлени во НАТО и ЕУ, но тоа е нејзин избор.
Сметам дека ако се прашаат руските дипломати тогаш тие, вистински професионалци, не би се однесувале така ригидно кон Македонија. Но дали надворешната политика не се креира во Советот за безбедност на Руската Федерација или пак од специјалните служби. Во декември Советот за безбедност заседаваше, а на дневен ред беа и приликите на Балканот.„Учесниците на советувањето подробно разменија мислења за ситуацијата на Балканот“, гласеше краткото соопштение од тој настан. А чим разгледале и дискутирале, секако дека дале и некакви насоки за натамошно делување. А министерот Лавров,кој е член на Советот ќе треба да ги спроведе.
Русија со својот однос кон Македонија, а тоа не еднаш овде е речено, и покрај тоа што оваа ќе стане членка на НАТО, наместо да гради односи да има утре пријател во Алијансата, како што е Словенија на пример, ги урива мостовите на соработка. Независно што и Македонија е мала колку Словенија. Русија добро знае дека Македонија ќе биде само товар за Алијансата и нема да даде некаков стратешки придонес со оглед на тоа што НАТО преку Бугарија, Полска, Романија и Балтичките земји се многу поблиску до Русија. Се сеќавате на изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп за Црна Гора? Дека нема да им помогне на некои „лесно запалливи“ глави ако влезат во конфликт со Русија!
Русија, знаејќи дека Македонија од своето осамостојување е определена за НАТО и ЕУ требаше да знае што се ќе направи таа да ја оствари својата цел. Русија немаше други алтернативи освен да ја остави Македонија да оди по својот пат. Русија знаеше дека народот од Македонија бега поради системот кој се изгради од стекнувањето на независноста досега. Над 400.000 луѓе ја имаат напуштено. Една петтина од населението. Избегаа од систем кој е легално коруптивен, од систем кој влева страв кај населението, систем на покорност и непотизам, систем кој не нуди перспектива. Систем кој е сличен на рускиот. Избегаа млади, цветот кој требаше да ја краси државата. И сите заминаа на Запад. Некои во Европа, некои преку океанот. Не знам дали некој замина во Русија.
Конечно за оние од почетокот на текстот. Македонија не е ниту сонце околку кое се вртат планетите, ниту пак е папокот на светот. Ова што сега се случува е само дел од, како што рече некој, „хибридната војна“ меѓу Русија и Западот за влијание врз Балканот. А „актуелноста“ на македонското прашање за руските политичари да ја сметаме за случајна. Барем до усвојувањето на Преспанската спогодба во Атина, потоа и до седницата на СБ на ОН, доколку во Атина работите поминат на грчко-македонско задоволство. Да се надеваме дека во Њујорк сепак ќе нема руско вето.
Мирче Адамчевски
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.