16 Мај, 2024
0.0459

Саакашвили поопасен за Грузија од Русија

Објавено во: Колумни 04 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Постсоветското пространство е ненадминливо. Човек да се чуди дека и по распадот на Советскиот сојуз таму има поединци кои во битката со власта прават самоуништувачки потези. Дисидентите се своевидна приказна. Тие опстојуваа на своите идеали и покрај сознанието дека ќе бидат затворени во Сибир или во подобар случај протерани.
Новите времиња немаат дисиденти, но затоа има поединци со идеали коисе сметаат за револуционери. Еден од нив е Алексеј Наваљни. Човекот едвај преживеа, но не остана во Германија каде што го лечеа од труење, за кое тој ја обвини руската власт. Пукна да се врати назад, иако знаеше дека може да биде затворен. Дека тешко ќе се најдат илјадници следбеници кои ќе го спасат од затвор. Тоа се оствари. Власта не го остави ни неколку часови на слобода. Веднаш го уапсија и го ставија во затвор. Треба да лежи две и пол години. Сега му се закануваат нови дела, ќе го уривал поредокот во земјата. Згора на тоа организирал и „војска“ за таа цел. Сигурно ќе биде осуден и кога ќе излезе од затвор за сегашната пресуда, може веднаш да го вратат назад, за новото дело.

Веројатно водејќи се од постапката на Наваљни, патем, кому не може да му се фати на малиот прст, поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, сега државјанин на Украина, реши да внесе малку оган во изборите. Инаку тој е веќе осуден во Грузија, на три и шест години затвор за две кривични дела, а наводно можат да го товарат за вкупно 13. Претседател беше од 2004 до 2013 година. Во 2014  година почнаа истраги и судски процеси на кои тој не се јавуваше. Сметаше дека судските процеси се наместени. Саакашвили има(ше) високи покровители на Запад. Него не го екстрадираше ниту Украина. Саакашвили се откажа од грузиското државјанство во Украина. Но и тамубеше обвинет за заговор со олигарсите и организација на масовни немири. Го уапсија во Киев и го депортираа во Полска. Се врати кога Владимир Зеленски стана претседател. Го назначија дури и директор на извршниот комитет за реформи. Од Киев постојано ја критикуваше грузинската власт. Со закани дека ќе се врати и ќе воведе ред во државата.

ЗАЛОЖНИК НА БРОЈКИТЕ

Огнот на Саакашвили беше најавен неколку дена пред локалните избори. Тој изјави дека веќе купил карти за Тбилиси и дека на 3 октомври ќе има големмарш и митинг во главниот град на Грузија. Нему се’ уште му верува голем дел од населението во земјата. Тој постојано се јавува пред избори, нонеговата партија постојано губи. Па почнуваат закани со револуции, со политичка криза. Така беше и лани на парламентарните избори, кои опозицијата ги прогласи за нелегални. Политичка криза почна да ја тресе земјата. Парламентот заседаваше без опозицијата. А таа протестираше под ѕидовите на парламентот. Се вмеша Европа. Дојде делегација предводена од Шарл Мишел, претседателот на Европскиот совет. И беше најден компромис.

Грузија, како и Македонија со Охридскиот договор, стана заложник на бројките. Двете страни се договорија да ги дочекаат резултатите од локалните избори на 2 октомври. Ако владејачката „Грузинска мечта“ освои помалку од 43 проценти од гласовите, тогаш веднаш ќе се одржат предвремени избори. Кај ги најдоа овие 43 проценти знае само Шарл Мишел и „експертите“ кои го придружуваа. Опозицијата ги прифати овие услови, но не го потпиша договорот. Извесно време пред изборите и владејачката партија се откажа од договореното. Но Европа заѕвони и предупреди дека договореното мора да се почитува.

Сето ова беше добредојдено за Саакашвили и тој во петокот , ден пред изборите, се појави во Грузија. Во текот на денот го уапсија и го сместија во затвор. Оттаму тој почна да бара помош од Украина, чиј државјанин е, прогласи и штрајк со глад. Украинските власти, претседателот Зеленски, на пример, вети дека ќе направи се’Саакашвили да се врати во Украина, но додаде дека самиот не знаел за намерите на Саакашвили да замине пред изборите во Грузија. Во саботата Саакашвилиод затвор се јави со писмо до приврзаниците. Па вели дека кога заминувал од Киев знаел дека, најверојатно, ќе го уапсат, според „фабрикувани, лажни осуди, изречени по наредба од Путин. Ниту една земја во светот не ја признава таа казна, но јас  сепак дојдов бидејќи верувам во својата земја и во секој од вас“. Тој ги повика сите да излезат на избори. „Мојата слобода и слободата на Грузија, што е поважно, зависат од вашите дејствија и боева способност. Од тоа исто така зависи меѓународната поддршка“, напиша тој.

ОСУДЕН, А НЕ ОБВИНЕТ

Очигледно, Саакашвили, како и други постсоветски држави игра на антируска карта и на поддршка од меѓународната заедница. Дали некој му ветил такво нешто во сегашниот случај? Реакциите на некои западни дипломати беа дека не му требал таков луксуз на поранешниот грузиски претседател, па да оди пред избори во земја која е поделена, која е во непрекината политичка криза. И навистина Саакашвили како намерно да замина за Тбилиси, да пали оган, најверојатно без аминување од Запад. Со што ќе и нанесе штета на својата партија, но и на Грузија. Тој со својот однос ќе ја подели уште повеќе Грузија. Ќе направи поголема штета отколку Русија. Таа колку и да сака не може да предизвика поделба во општеството, како што може да направи Саакашвили. Еднаш, во август 2008 година, тој донесе одлука на своја рака,па Русите дојдоа на десетина километри пред Тбилиси. Мораше да се ангажира цел свет, а Грузија дефинитивно за вечно или за долги години остана без Јужна Осетија и Абхазија.

И така, во Грузија во саботата се одржаа локални избори. Граѓаните требаше да избираат пратеници за градските и регионалните собранија, а и 64 градноначалници. Изборите беа според мешан модел, пропорционален и мнозински.На нив учествуваа 43 партии. Според првите резултати победува владејачката „Грузинска мечта“ со речиси 47 проценти од гласовите. На второ место е опозиционата партија „Единствено национално движење“ со околу 30 проценти од гласовите.  Останува втор круг за дваесетина градоначалници, меѓу кои и Тбилиси, каде што сега е градоначалник поранешниот фудбалски репрезентативец на Грузија, КахаКалаѕе. „Грузинска мечта“ освои над 43 проценти од гласовите. Сега останува да се види што ќе кажат набљудувачите на изборите. И што е многу важно, дали договорот за 43 проценти од гласовите добиени на локални избори ќе остане како вечна мерка за тоа дали има потреба од предвремени парламентарни избори или не?

А што се однесува до Михаил Саакашвили, ако се слуша грузиското обвинителство, таму не гледаат потреба од покренување ново обвинување. На пример незаконско преминување на границата. Затоа што тој веќе е осуден. Тој е уапсен и се наоѓа во затвор. Обвинувањето за незаконско минување на границата може да почека, велат во обвинителството. Затоа што Саакашвили е уапсен како осуден, а не како обвинет. Претседателката на Грузија СаломеЗурабишвили, уште во петокот изјави дека нема намера да го помилува Саакашвили.А за изборите рече дека народот на Грузија покажал дека избира мир и стабилност, а не немири и спротивставеност. Можеби е владејачко претерување, но премиерот на Грузија ИраклијГарибашвили изјави дека Саакашвили и неговите соборци планирале убиства на неколку опозиционери, за да ја делигитимираат грузинската власт. Убиствата би се извршиле доколку Саакашвили не бил задржан од полицијата. Доколку се дозволело на митинг на опозицијата на 3 октомври да дојде Саакашвили, тогаш би почнале немири при негово апсење, а според една верзија и со убиства на опозиционери.

БЕГАЛЕЦОТ ОД БУДИМПЕШТА

Што се однесува до враќањето на Саакашвили во Украина или ослободување, грузинската власт тврди дека тоа ќе може да се направи откако ќе си ја одлежи казната во затвор.А тоа не е малку. Досега има пресуди од три и шест години затвор. Сега кога е во Тбилиси, ќе можат да му ги активираат и другите обвиненија. Тој, по смирување на политичката криза во земјата и покрај изјавите дека ќе го одлежи целиот затворски рок, може да биде екстрадиран во Украина, таму да ја одлежи казната, што би значело и негово ослободување. Тој може да очекува сега Запад да се заземе за него. Грузија, сепак не е Русија, па Наваљни лежи во затвор и покрај сите повици и притисоци од Запад. Грузија е многу позависна од странците, особено од Западот, па ќе мора „да води сметка“ и за тоа, кога станува збор за Саакашвили. Па затоа има шанси за негово ослободување или нешто слично.

Сето ова што го направи поранешниот грузиски претседател личи на театар со него во главна улога. А неговите соборци или сопартијци засега се само декор. Вчера немаше ништо од марш во Тбилиси. Може да има ново незадоволство на опозицијата и пак нова политичка криза. А може однесувањето на Саакашвили да им даде поттик на политичките сили во Грузија кои се наклонети кон Русија да го искористат однесувањето на Саакашвили во своја полза.

Кај нас локалните избори се закажани за 17 октомври. Можеме ли да замислиме бегалецот од Будимпешта да се јави и да дојде пред избори? Да и помогне на опозицијата! Прво да се најави, „чекајте ме доаѓам пред избори“. И така тој, до ден денес, се јавува оттаму и и’ суфлира на опозиционата партија. Или пак неговите соборци одат таму по совети. Сметам дека тоа не е можно. Прво тој е уплашен, има страв да не лежи еден ден, а не две години затвор. Зад него има и други дела. Второ нема идеали, како Наваљни , на пример. Зашто Наваљни се бори против корупцијата, а нашиов ја потхрануваше. И конечно нема никој да излезе на улица во негова поддршка.  Се разбира се’ е можно, па и Груевски да се појави, но за тоа да се оствари би му бил потребен договор со власта.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка