20 Април, 2024
0.0347

Саатот наречен чика Столе

Објавено во: Колумни 29 Јуни, 2020

Добивај вести на Viber

Наскоро, поточно, на први септември ќе се навршат 50 години од моето стапнување во Радиото во Нерези, во кое поминав 43 години.....години што ги паметам до детали, а и сите луѓе учесници во заедничките мигови на борбата за вистината што сакаа да ја дознаат слушателте, кои безгранично ни веруваа!....

Понеделник е, убав ден за почетокот. Влагаме со Брада (најзаслужниот заедно со Хари грчето, мојот прв учител по новинарство, но и по сите други придружни елементи) во просторија каде што беше срцето на куќата - Дневната редакција. Некаква преградувана канцеларија на приземјето без никаква форма и симетрија. Биро за дежурниот уредник, до неа помало и понеугледно за новинарот (десна рака на семожниот уредник на денот) до него масичка на дактилографката и под прозорецот уште едно биро за лекторот или за некого што требаше накусо да престојува тука, да заврши работа и да си излезе. На чело веднаш зад дескаџијата шалтерче со рајбер низ кој телепринтеристите ги доставуваа вестите што ги добивавме од Танјуг (ако се со назнака итно ги даваа на рака)......

Ах да. На доминантно место виси часовник марка Јунгханс кој ме следеше низ целиот работен век - во новата Дневна во зградата карши бараката со студијата, а потоа и во кулата покрај Вардар. Саатот кој е донесен од студиото на Марксова по земјотресот беше нем сведок и споменик на битисувањето на куќата која е се помалку тоа - дај Боже да грешам, куќа на вистината, навремената вест, расадник на врвни новинарски имиња и школа по занает што одумира (мислам на оној што го учевме и верувавме дека е тоа вистинското)......на еден од sидовите веднаш до вратата табла со распоред на дежурствата за цел месец. Чуден некој распоред нема имиња само бројки. Број 1 Стојан Стрмбов, број 2 Мите Динов, 3 Хрвое Марушиќ, 4 Мето Јоновски, 5 Јосиф Ќурчиев и 6-ка новиот гуштер - по војнички, Мојсо Мојсовски......

Влегувам од Т-о на смена (се разбира со некого од постарите за да го печам занаетот).Чичко Столе беше доајен уште од прастаро Радио, стамен, сериозен, тивок, воспитан и предан. Ми раскажуваа дека порано бил поп во што се уверив безброј пати кога ја теравме на песна имаше глас за пример, а и беше музикален. Киби (Градимир Јовановиќ, страв и трепет на дежурство од два саат па до Дневникот во три и пол, а инаку полн со хумор и смисла за заебанција) ќе ја викнеше Ој споменче плаво цвеќе, а Стрмбиќ го придружуваше - тоа беше дует за приказна.....по смената со Бај Стојан така го викаа понекои на шега игравме шах на ќар, инаку не е интересно, (игравме и со Коле кукурику од телепринтерско чиј најчест гостин беше Иван Антонов доајенот на спикерите....се играше на станување, се заборававме до доцна во ноќта, тешко си на тој што мора прв да настапи на смена цел ден ќе дреме. Столе беше резерва за сите нас - ергени кои навечер излегуваа а во неделите сакаа да си поспијат....јави се кај Чика Столе да те замени а за враќање колај работа, важно беше бројното стање во редакцијата...

Има гачки безброј но неме да ги кажам за да не рече некој па овие работеле ли некогаш или само си играле дрндупка.Низ редакцијата влегуваа и излегуваа по некоја година безброј новинари,безмалку сите што гризнаа од радио - лепчето чиј вкус останува засекогаш во устата, некои се новинари (верувам некаде горе во небесата) и на сите се сеќавам по арно и лошо зависи од периодот....

А сега и за саатот наречен Столе: дежура младата и надежна Убавка Матевска-Скаловска, веднаш доби прекар УМС се прави само не работи - раскажува за Саи Баба што и беше омилен (не знам од гаде гостиваркава го засакала тој верски симбол на Истокот? Со мене е Драган Антоновски на прагот на кариерата....не ни трбаше многу за да решиме малку да ја освестиме...таа е излезена и Драган се поткачи и го мрдна саатот еден час напред...УМС се врати и онака распеана и раскокодакана седнува на уредничкото место ....сааатот Столе отчукува три пати значи дека е 15 часот Убавка подзинува пребледува ги грабнува материјалите под мишка и трк у студио без капка крв (не проверивме колку и чука срцето. Едвам ја одвративме и разуверивме дека е ујдурма.....

Саатот наречен Столе одамна го нема во редакцијата тргнат е (сакам да верувам дека можеби не функсционирал или немало кој да го навива). Споменикот го нема но остануваат спомените тие не се ставаат у магацин у подрум на РТС, туку верувам дека живеат довека!!!!!

Мојсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок