19 Април, 2024
0.0252

САД и Британија и помагаат на Русија во Украина!

Објавено во: Колумни 24 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Во очекување на писмените одговори од Вашинтон Русија и натаму е дежурна тема во развојот на настаните околу Украина. Но како времето минува се појасно станува дека пропагандната војна што трае веќе неколку месеци, која слободно може да се нарече „специјана војна“ меѓу Западот и Русија нема да се прекине. Напротив таа станува се пожестока. Првата фаза им беше дадена на медиумите. Сега почнува втората фаза. Во војната се вклучуваат министерствата и разузнавачките служби. 

Речиси не поминува ден, а западните медиуми и власти, во заедничка спрега, навестуваат некаков претстоен напад врз Украина. Најнапред тој требаше да биде во април лани, а гледаме се’ уште го нема. Но Западот не престанува. Се цитираат изјави на политичари, експерти, новинари. Се прикажуваат сателитски снимки, се лицитира со рокови. Американскиот претседател Џо Бајден некни изјави дека е можна мала интервенциија од страна на Русија во Украина, па дека е можна и поголема, па соодветно на тоа, таков ќе биде одговорот. . Па се споменуваат „хибридни војни“, па некакви „прокси војни“. Па се цитираат воени лица кои  веќе знаат(!) на кој начин Русија ќе навлезе во Украина. Тактики, стратегии, планови. Се’ и сешто. Важно е да ечат воените барабани. Паралелно да се праќаат воени инструктори и засилено стотици тони оружје и мунција.

Најновите вести вчера беа од Велика Британија. Патем, не САД, туку Британија е земјата која испраќа купишта „сознанија“ за намерите на Русија да влезе во Украина и е лидер во воената соработка со неа, преку инструктори и оружје. Не дека САД заостануваат, но сепак Британците се најгласnи и се јавуваат и кога не ги прашуваат. Министерката за надворешни работи Елизабет Трас, смета дека Русија започнала кампања за дезинформации за да го оправда нападот врз Украина. Од Британија за два дена дојдоа две работи. Прво Британија предлага трилатерала со Полска и Украина. „Оваа недела, Обединетото Кралство објави нов пакет обука, поддршка и одбранбено оружје за Украина за да ги зајакне нивните одбранбени способности. И ние работиме со нашите партнери на мерки со големо влијание, насочени кон рускиот финансиски сектор и поединци. исто така го зајакнуваме нашето билатерално партнерство по разговорите на високо ниво во Лондон во декември - и негуваме нови трилатерални врски со Полска и Украина“, рече Трас за време на говорот во Институтот Лови за глобалните закани за слободата, демократијата и владеењето на правото.

БРИТАНСКА ИНФОРМАТИВНА БОМБА

Ова ќе биде нова политичка и секако геополитичка сила, ако се оствари. Новата геополитичка асоцијација не е шега. Зашто таа може да ја поткопа ЕУ од внатре. Да ги урне напорите на францускиот претседател Емануел Макрон, за европски одбранбени сили. Во крајна линија да ја подели Унијата. Британија по излегувањњето од Унијата е на периферијата на настаните, па сега очигледно се обидува да го врати некогашното свое величие. Тие обиди се толку очигледни, што и покрај крајно лошите односи со Русија, нејзините минситри за надворешни работи и за одбрана се поканија да одат во Москва на разговори со своите колеги. Веројатно од прва рака да дознаат што ќе подготви Русија во случај на неприфаќање на нејзините барања за гаранции на безбедноста. Во позадината на „инвазијата“ на Украина се крие токму барањето за добивање гаранции. Гаранции дека Западот нема да и’ се меша во внатрешните работи и дека воено ќе биде далеку од нејзините граници. Затоа Русија постојано повторува дека нема намера да влезе во Украина. Се разбира се’ до добивањето на одговорот од САД на нејзините барања. 

Втората британска вест беше зачудувачка. Невообичаена. Дојде од нивното министерство за надворешни работи. Русија се подготвувала да и наметне ново раководство на Украина. Како, зошто, и кога тоа ќе го оствари, Британците не кажаа. Ниту приложија докази. Само фрлија информативна бомба. На тој начин се придружија во пропагандата на медиумите. Повикувајќи се на разузавачи податоци Британија дознала дури и кои ќе бидат луѓето што би ја воделе Украина. Разузнавачките податоци обично не се делат јавно. Можат да се соопшат по заедничките канали на сојузниците или да и се дадат на Украина. Вака излегува дека е во право руското министерство за надворешни работи, кога тврди дека станува збор за дезинформација. 

Новото украинско раководство би било „окупациско“. Треба да го предводи лидерот на украинската партија „Наши“ и сопственик на телевизискиот канал „Наш“, Евгениј Мурајев. Во власта би влегле и други четворица политички емигранти кои живеат во Русија. Ај, некако може да се разбере дека политичките емигранти би влегле во некоја нова валст во Украина, ама човекот против кој се воведени санкции во Русија; каде што му е запленет имот,  Мурајев, да се става на нивното чело не само што е невкусно, туку очигледно е и тенденциозно и со зла намера. Некому му пречи Евгениј Мурајев. А Британците во стилот на големите играчи со подметнување дезинформации му помагаат или сакаат да му помогнат, Мурајев да исчезне од политичката, но и од медиумската карта во Украина. Самиот Мураев изјави дека станува збор за „лажна вест“, бидејќи веќе четири години е под санкции во Русија. 

„ОКУПАЦИСКА ВЛАДА“

„Распространетата дезинформација од британското МНР е уште едно сведоштво  за тоа дека токму земјите од НАТО редводени од англосаксонците се занимаваат со ескалација на напнатоста околу Украина. Го повикуваме МНР на Британија да ги прекине провокациите, да престане да распространува глупости и да се сконцентрира врз учњето на историјата на татаро-монголскиот јарем“, изјавија од руското МНР. Ова последново се однесува на историјата од средниот век кога руските земји биле под тој јарем. Се смета дека воено-политичките активности на Ордата на руските земји не биле резултат на пресметки меѓу кнезовите, туку повеќе на дипломатијата на Ордата, која ги поттикнувала таквите пресметки. Алузијата со Украина и Русија е повеќе од јасна. 

Наспроти Русите, Американците дадоа поддршка на британското тврдење. „Заговорите од тој вид предизвикуваат длабока вознемиреност. Украинскиот народ има суверено право да ја определи својата сопствена иднина и ние ги поддржуваме нашите демократски избрани партнери во Украина“, изјави преставничката на Советот за национална безбедност на Белата куќа, Емили Хорн. Небаре „новото“ украинско раководство седнало да ја води државата, па Американците не го признаваат!  Во крајна линија, има прилично добро координирана позиција на двете земји, кои интензивно шират гласини за рускиот напад врз Украина во блиска иднина.

„Колку и да се вистинити информациите за „окупациската влада“, се потврдува дека САД и Британија се тие кои го подигнуваат степенот на тензија и сеат паника во правец на Украина. „И изјавите на Лондон се вклопуваат во контурите на „подготовка за руска инвазија“ во Украина“,  ќе напише украинскиот он лајн медиум Strana.news. Овој медиум пишува дека во САД медиумите почнале да пишуваат за „проруска влада“, уште пред објавувањето на официјалното соопштение на британското МНР. „Путин најверојатно бара патишта да постави во Украина режим зависен од Русија. Многу Украинци не би поддржале проруски лидер, но дали САД би поддржале востаничко движење“, се прашува „Вашингтон пост“, а пренесува Strana.news. Овде веќе се наѕира нова форма на војување во Украина-востаничка борба. Сигурно и тоа е едно од американските 18 сценарија, што ги соопшти неодамна заменикот државен секретар Викторија Њуланд.

ПРЕСМЕТКА СО ПРОРУСКИ НАСТРОЕНИТЕ

 Одговор на прашањето зошто е направено ова со „марионетска влада“, официјално нема, но затоа се претпоставките дека со дезинформацијата му се отвора патот на претседателот на Украина Владимир Зеленски, за пресметка со телевизискиот канал на Мурајев, кого националистите го сметаат „проруски“, а има и добар рејтинг. Особено по затворањето на неколку тв-канали лани од страна на власта. А повод за такво нешто секогаш ќе се најде. Како кај нас со затворањето на телевизијата А1. Но има претпоставки дека се отвора пат и за пресметка со многу „проруски“ настроени поединци.

Што и да е, ваквиот однос на Британија и САД, со постојано нагнетување на атмосфера на страв преку непрекинатото навестување на „руска агресија“ врз Ураина, со ширење дезинформации само дотура вода на руската воденица. Иако отворено не се зборува во Украина веќе почнува да се паничи.  Свој придонес во ова имаат и постојаните „најави“ дека странските амбасади ќе го намалуваат персоналот. Или дека ќе заминат од Украина семејствата на дипломатите. Реагираше дури и Зеленски. Тој смета дека евентуалната евакуација на американските дипломати и нивните семејства би била „претерана реакција“. Пред неколку недели канадски и американски граѓани се предупредуваа без потреба да не патуваат во Украина.

Последиците од таквиот однос си гоправат своето, па украинскиот министер за надворешни работи Димитриј Кулеба, ги повика Украинците да не му помагаат на Путин да ги оствари своите цели со „минимално трошење на силите. Луѓето се плашат од влегување на Русија и „почнуваат да паничат“. „Рускиот претседател Владимир Путин може да ги постигне своите цели во Украина без масовна воена инвазија, рече Кулеба во интервју за „Радио слобода“. „Руската Федерација врши воени маневри, вежби, носи нешто на украинската граница. Сè уште нема напад. Згора на тоа, оваа руска сила не е ниту целосно борбено подготвена да изврши напад. Но, има огромен куп такви пораки [...] кои се слушаат и од нашите партнери: дека војната е неизбежна. Што се случува во Украина? Курсот на гривната слабее, инвеститорите стопираат проекти (и домашни и странски инвеститори), луѓето почнуваат да се напнуваат , да паничат, носат соодветни економски одлуки“, рече тој. Според украинскиот дипломат, иако „се“ уште не нападнал“, Путин веќе добива предности со рацете на Украинците.

КОНФУЗИЈА ОД ИЗЈАВИ

„Затоа, сега одбраната на Украина е во рацете на секој Украинец кој мора да остане смирен и да има верба во неговата држава и неговите партнери кои ја поддржуваат оваа држава. Затоа што ако дозволиме Украина да биде потресена од внатре од овој воен страв, Путин нема да мора да напаѓа, бидејќи сè ќе се распадне само по себе, економијата едноставно ќе се распадне“, објасни Кулеба.Тој смета дека „сега е клучно зачувувањето на економската и финансиската стабилност на државата“, рече Кулеба.

Украинскиот министер за надворешни работи не кажа дека покрај пораките од нивните партнери, дека војната е неизбежна, на состојбата кумуваа и изјавите на претседателот Зеленски. Пред некој ден тој изјави дека нема потреба од паника, дека прогнозите се оптимистички, дека во најмала рака народот може да оди на скара. Но само еден ден потоа во интервјуто за  „Вашингтон пост“ Зеленски со став дека не само што не исклучува руска инвазија, туку го смета градот Харков, како можна цел на Русите. Сето ова, се разбира, носи очигледна конфузија. Денес едно, а утре друго.

Поранешниот министер за внатрешни работи на Украина, Арсен Аваков, коментирајќи ги зборовите на Зеленски за Харков изјави дека неговите граѓани никогаш нема да ја поддржат руската агресија. Тој ја критикуваше изјавата на Зеленски да не се паничи поради можната ескалација. А потоа и другите изјави кои внесуваа конфузија. И појавите на паника, поради таквите изјави. После нив, нему му се обратиле десетици граѓани кои го прашувале што да прават, дали да ги евакуираат децата, луѓето...„Таа ситуација е многу сериозна. Тука е потребна сериозна, одговорна и зрела политика“, изјави Аваков. Правеќи го Зеленски – незрел.   

ПАНИКА КАЈ НАСЕЛЕНИЕТО

Изјавите на домашните политичари, изјавите на САД и Британија дека еве, само што не почнала војна на Русија со Украина, нормално доведуваат до паника кај обичното наеление. Нему не му е јасно зошто САД и Британија имаат радикален приод, додека Германија и Франциј, многу помек и поинаков,кон состојбите на границата со Русија. И воопшто кон развојот на настаните. Трупањето оружје од страна на Русија во близина на границата со Украина, САД и Британија го квалификуваат како подготовки за војна. А зошто не го третираат како мерка на претпазливост кон ширењето на НАТО? За што Русите официјално дадоа писмен предлог за негово решавање. 

Вака со постојаните повици „држете го крадецот“, колку и да е апсурдно, само и се помага на Русија, терајќи го украинскиот народ да се плаши, да биде напнат, да паничи од страв да не му украдат нешто. Во случајов да не дојде до војна. Паниката и стравот се лоши сопатници во војна. Доколку се прошират, тогаш на Русија повеќе од половина работа за влегување во Украина и е решена. Се разбира доколку е решена на таков чекор.

Минатата недела текстот го завршив со најава за можна средба на Бајден и Владимир Путин. Државниот секретар Ентони Блинкен, по неодамнешната средба со неговиот руски колега, Сергеј Лавров, изјави дека „доколко е потребно, Бајден е подготвен уште еднаш да се сретне со Владимир Путин“. Не да разговара по видео врска. Туку да се сретне! Да ги почекаме писмените одговори на Американците на руските предлози, па тогаш, доколку ги објават ќе биде интересно да се ѕирне во нив. Веројано ќе се знае и иднината на предлозите и иднината на безбедноста, пред се’ на Украина и пошироко на Европа. Дали ќе се следи линијата на дијалог, „патот на дипломатски преговори“, како што се заложи германската министерка за надворешни работи Анелена Бербок или пак Русите ќе почнат со најавените воено-технички мерки, а кои никој не знае што, кои и какви се. А можеби и ќе се намали и паниката кај украинските граѓани, да не спомнам и политичари.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок