19 Март, 2024
0.0264

САД и Германија подготвија поток за Украина

Објавено во: Колумни 26 Јули, 2021

Добивај вести на Viber

Минатата среда  САД и Германија го обнародија најавуваниот документ со кој  треба да се реши судбината на гасоводот „Северен поток – 2“ кој треба да носи гас од Русија до Европа, со заобиколување на Украина. Овој документ става точка на недоразбирањата меѓу САД и Германија околу гасоводот, кои траеја од 2015 година. За САД тоа е политички, додека за Германија чисто економски проект. А Украина? Таа добива конкретни гаранции дека нема да биде заобиколена како земја пренесувач на гас од Русија, а со тоа и дека нема да губи милијарди долари годишно од транзитот. Покрај „Северен поток – 2“, ќе има и поток од гас и долари и за Украина.

Пред објавувањето на документот ЏоБајден, американскиот претседател, во Вашингтон се сретна со Ангела Меркел, германската канцеларка. Веројатно тоа ќе биде нивна последна официјална средба со оглед на најавеното заминување на Меркел од власта. Бајден со својата нова политика кон Европа, за разлика од неговиот претходник, ДоналдТрамп, е загрижен за враќање на евроатлантското единство. Не само со Велика Британија со која потпишаа повелба за него, туку и со ЕУ во која Германија е главниот кормилар. Барем при Меркел.

Во една реченица, документот од Вашингтон  не носи ништо изненадувачко. Германија која останува на својот став за економски проект, сега ветува дека ќе води грижа новиот гасовод да не им пречи на економските интереси  и безбедноста на Украина. И Вашингтон не се откажува од својот критички став кон проектот, но не сака да презема радикални потези за блокирање на завршувањето на гасоводот, кој е изграден речиси 98 проценти. Причината е да не се прават потези со кои уште повеќе би се влошиле и онака влошените односи со Германија. А тоа значи дека гасоводот ќе биде изграден. На тој начин Украина не е во центарот на вниманието, туку гасоводот, иако и двете држави не се откажуваат од поддршката кон неа. И двете држави си имаат свои интереси и приоритети, кои, можеби не му се допаѓаат на Киев.

БАРАЊАТА СЕ ЕДНО-РЕАЛНОСТА Е ДРУГО

На Украина и останува да ги брани своите интереси,но не на начин, како што беа првите реакции, демек ако не’ не сака Запад, ќе одиме со Кина!  Таа не треба да заборави дека САД и Германија се едни од најголемите нејзини поддржувачи. Американците со милиони, ако не и милијарди долари финансиска и воен помош, а Германците со поддршка на заедничката политика на ЕУ кон Русија. Со воведување санкции, но и како дел од т.н. „Нормандска четворка“, која треба да придонесе во мирна разврска на состојбата на југоистокот на Украина.Украинците сметаат дека тие се брана која ги спречува Русите да влезат во Европа. Дека поради тоа некој им е должен. Но се покажува дека работите не се баш такви.

Украинските политичари се однесуваат како мали деца. Ќе се лутат или ќе плачат за да им се задоволат барањата. Поставуваат барања, а забораваат дека не се во таква позиција. Па така претседателот Владимир Зеленски при посетата на Берлин пред две недели, изјави дека „Северен поток – 2“ е оружје на Русија и како компензација  за да се пушти во работа Украина бара гаранции за својата безбедност и враќање на окупираните територии. Епилогот од Вашингтон е доказ дека барањата се едно, но реалноста е сосема друго. На брифинг по средбата со Меркел тој изјави дека: “ Прашањето на “Северен поток-2“ треба да се разгледува на Самитот на лидерите на “Нормандската четворка““. Одговорот на Меркел беше дека Берлин е сериозно загрижен за стравот на Украина поради гасоводот.  А од Москва стигна одговор дека “Нормандската четворка“ е формирана со решавање на ситуацијата во Донбас, а не за гасоводот. Па Зеленски да не гаи илузии за некакви промени, туку да почне со спроведување на „Минските договори“.

Но што содржи документот од Вашингтон? Според Сергеј Сидоренко од украинската „Европска правда“ документот од Вашингтон и не е посветен на „Северен поток – 2“. Неговиот официјален назив е: „Заедничка изјава на САД и Германија за поддршка на Украина, европската енергетска безбедност и нашите климатски цели“. Со изјавата Германија се обврзува да ги искористи сите мерки што и стојат на располагање за помош во постигнувањето на нов договор за транзит на руски гас низ Украина во наредните десет години, по истекувањето на сегашниот договор во 2024 година.

ПОЧЕТОК НА НОВА ПРИКАЗНА

Предвидено е и заострување на санкциите кон Русија доколку таа „се обиде да ја искористи енергијата како оружје или да врши натамошни агресивни дејства против Украина, Германија ќе преземе мерки вклучувајќи санкции за ограничување на рускиот енергетски извоз во Европа, вклучувајќи го гасот, и/или во други важни економски сектори“. Предвидена е и економска помош на Украина за интеграција во Европската енергетска мрежа, околу 200 милиони долари, па една милијарда долари за создавање на Зелен фонд во Украина.

Инаку документот почнува со уверувањата дека САД и Германија го поддржуваат суверенитетот и територијалната целосност на Украина, независноста и нејзиниот европски пат ипотврдуваат дека ќе применат мерки, доколку е неопходно, против руска агресија и деструктивни дејства на Русија во Украина и надвор од нејзините предели. Интересно е што во изјавата се споменуваат и „Минските договори“. Дека САД ги поддржуваат напорите на Франција и Германија за постигнување мир на истокот на Украина во рамките на нормандскиот формат. А „Германија ќе ги активира своите напори в рамките на тој формат, за да обезбеди исполнување на „Минските договори“.

Токму овде почнува нова приказна. Германија ќе дава помош и поддршка на Украина, но ќе бара итаа да биде кооперативна. Токму околу „Минските договори“. Германското МНР деновиве веќе соопшти дека е време договорите да се реализираат. Од Украина се бара спроведување на „Формулата на Штајнмаер“. Да се промени Уставот на земјата, да се децентрализира државата со поголеми права на субјектите, особено на истокот. Па да се одржат избори, па да се земе под украинска контрола границата со Русија и други работи. Да не зборуваме за амнестијата, за локална полиција...Е тука Украина веќе три години ништо не презема, зашто ќе се нарушат нејзините „црвени линии“. Таа не сака да го менува Уставот, ниту да преземе други работи од договорите за мир во земјата. Власта се плаши од протести и немири од страна на противници на мирот на Донбас. Некои сметаат дека сега САД би можеле да бидат тие кои ќе го гарантираат спроведувањето на „Минските договори“ и ќе извршат притисок врз власта и врз противниците на договорите.

ЗЕЛЕНСКИ ВО ВАШИНГТОН

Политичарите во Киев, како и во други неодржливи држави сметаат дека тие се многу важни во меѓународната политика. Па така во Украина пред некоја година се изгради став дека „ не може ништо да се решава за Украина  без Украина“. Последен пат тој став беше искажан и пред средбата на ЏоБајден и Владимир Путин во Женева.  Но еве се покажа дека за Украина може да се решава и без Украина. Иако во заедничката изјава се зборува за „Северен поток – 2“, сепак и Украина е важен дел во неа.  Значи кога некој голем, а кој те поддржува, ќе реши нешто во твое име ти ќе си молчиш. Зашто не си способен сам да ги решаваш работите. Ако Украина беше во состојба сама да ги решава проблемите таа немаше да биде доведена во сегашната состојба. Држава која нема контрола врз целата своја територија, држава од која заминуваат милиони луѓе, држава која има потреба од големи финансии, држава чија безбедност е под знак прашање и држава која допрва ќе се соочува со нови предизвици од страна на најблиските соседи.

Потегот на САД, со кој практично се овозможува работа на „Северен поток – 2“, а  кои беа и се големи негови противници, наидува на многу критики, но и одобрувања. Први критичари беа Полска, балтичките земји и Украина. Иако на последнава, според некои западни медиуми, и било препорачано многу да не го критикува договорот од Вашингтон. Ниту пак да се обидува да се жали кај конгресмените. Републиканците не можат да ја заборават аферата со синот на Бајден, кој беше советник во една фирма во Украина, каде заработуваше големи пари, во време кога татко му како потпретседател беше задолжен за Украина. Во Киев врз основа на снимени разговори беше поведена и истрага против Бајден.  Сето тоа,плус како по правило антирускинастроентеконгресмени, незвисно дали се републиканци или демократи можат да фрлат сенка врз договорот со Германија.

Бајден е криткуван дури и од политичари или медиуми кои го поддржуваа во трката со Трамп. Оттука, најавената посета на Зеленски на САД во јули, е презакажана за 30 август, време кога конгресмените се на одмор, па тешко дека украинскиот претседател ќе се сретне со некого официјално во Конгресот.Што може да бара Зеленски од Бајден? Иако во август,Зеленски секако ќе го постави прашањето за „Северен поток – 2“. За Бајден тоа е веќе завршена работа, па може на украинскиот претседател да му  вети некакви компензации во врска со безбедноста. Но никако нема да се откаже од договорот со Германија. Иако знаеше дека Меркел заминува за некој месец, тој сепак постигна договор токму со неа, а не со некој нејзин наследник. Некокој може да биде против гасоводот.

РУСИЈА СО ДА И НЕ ЗА ДОГОВОРОТ

Потегот на Бајден со гасоводот може да му помогне со Зеленски тоа прашање да го минат набрзина. Како завршено. И Бајден и државниот секретар ЕнтониБлинкен бараат од Украина да исполни повеќе работи за да може да смета на поголема американска поддршка. Бајден ќе сака да чуе од Зеленски што направил на тој план. За реформите во судството, за изборот на раководителите во независните антикорупциски институции, кое не е прозрачно, потоа корпоративното управување во некои големи компании, па реформата на Украинската служба за безбедност и судбината на врвните корупционери од 2014 година наваму, нивното затворање.

За денешниот Бајден и оној кој во 2015 година во украинскиот парламент се обрати пред депутатите, главна болка во украинското општество е корупцијата. Тогаш тој ја нарече Украина најкорумпирана во светот. И дека не е доволно само формирање на Биро за борба со корупцијата. Треба судска реформа пред се, рече тогаш Бајден, за да се привлечат кон одговорност корупционерите. Потоа да се одвојат интересите на чиновниците од државните интереси. Олигарсите и другите се должни да живеат според исти правила. Да плаќаат даноци и да не вршат притисоци врз судовите.

Како е односот на Русија кон договорот од Вашингтон? Од Кремљ се јавија со несогласување за формулациите околу агресијата и штетните дејства на Русија во заедничката изјава на САД и Германија. Прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, изјави дека Русија не ги користи енергетските извори како оружје. „Ние категорично не сме согласни со таквата формулација. Ни во Украина, ниту надвор од неа немало никаква агресија од Русија и нема. Русија не се занимавала со никакви штетни дејства и не се занимава. Ние не можеме да ги одобриме ваквите формулации“, изјави Песков. Според него во текстот на изјавата има и работи кои Русија може да ги поздрави. Тоа се однесува пред се' на споменувањето во него на „Минските договори“.

НА ЗБОР ВЕЌЕ НЕ СЕ ВЕРУВА

Првиот човек на „Гаспром“ Алексеј Милер изјави дека Русија може и да го зголеми количеството на гас што би одело низ Украина, по 2024 година, кога завршува сегашниот договор  со украински „Нафтогас“. Но условите за новиот договор ќе зависат од состојбата на транспортната инфраструктура во Украина, која се смета за застарена, но и од тоа колку гас ќе закупат европските држави. Според Милер прашањето за испорака треба да се решава исклучиво „врз пазарни услови и пазарни цени“. Ова последново не им с допаѓа на Украинците.

Многу западни медиуми договорот од Вашингтон го квалификуваат како „победа на Путин“, па дека во Кремљ се смеат врз мерките од договорот,  па дека се направени претерани отстапки. „Вол стритџорнал“ пишува дека: „Во надворешната политика на претседателот Бајден се исцртува тревожна закономерност. Официјалните лица зборуваат жестоко, а потоа преминуваат кон дипломатски мерки, кои не значат многу нешто. Администрацијата на Бајден го благослови завршувањето на проектот, подарувајќи му на Владимир Путин крупна стратешка победа за сметка на Украина и енергетската независност на Европа“. Поранешниот амбасадор на САД во Украина Џон Хербст договорот го нарекува „отстапка на Берлин, поттикнување на Москва и притисок врз Киев“. Тој дури го повикува Конгресот да го укине договорот.

Сето ова што се случува со „Северен поток – 2“ има и поширок контекст. Прво паѓа во очи што две западни земји се договараат за прашања, за кои по правило во минатото и не се воделе големи дискусии. ФјодорЛукјанов, меѓународен експерт, пишува дека:„ Неопходноста од формална согласност демонстрира дека односите станаа квалитетно подруги. Едноставно кажано, на збор веќе не веруваат. Но и да го натераш помладиот партнер од нешто да се откаже е исто така невозможно. ДоналдТрамп се обиде грубо да ја притисне Германија но упадот не заврши со успех. И затоа ги зацврсти сомнежите на Европјаните за тоа дека на Америка не може да и се верува. Бајден ја одбра тактиката на пазарење. Негова задача е да го возобновиконсолидиранот Запад, за со заеднички напори да се спротивстави на Кина, која САД  ја гледаат како опасен стратешки противни уште многу години во иднина“. Според Лукјанов со пароли за конфликт меѓу слободниот и неслободнот свет далеку не може да се стигне...Европа не чувствува директна или индиректна закана од страна на Кина, па затоа присоединувањето на водечките европски земји кон блокот што се формира бараат посебни приоди.

Со други зборови, во пазарењето помалите и побезначајните може да бидат ставени на тезгите во втор или трет план, кај поевтините производи. Светот се подготвува за нов геополитички натпревар во кој главен збор ќе имаат големите, поскапите. Оние земји што значат нешто. Главните фигури во шаховската игра. Оние кои нудат квалитет. Сите други ќе бидат вклучени заради квантитет.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?