16 Мај, 2024
0.0286

САД-НАТО-Русија: Дипломатија пред воена еуфорија

Објавено во: Колумни 31 Јануари, 2022

Добивај вести на Viber

Напнатоста околу Украина и безбедноста во Европа продолжува. Засега нема знаци кога и дали ќе има нејзин крај или пак се ќе експлодира. Единствена работа која што малку треба да внесе надеж во состојбите се одговорите на руското декемвриско барање гаранции за безбедноста на Русија. Минатата среда тие стигнаа во Москва. Нормално, како и секое дипломатско допишување сигурно не содржат многу конкретика. Па мора да се чита внимателно, меѓу редови, што сака „непријателот“ да каже? Дотолку повеќе што одговорите не се објавени. А што беше барање на САД. Од она што е достапно до јавноста се чини дека воената еуфорија времено ќе биде замента со дипломатија.

„Ние нема да го објавиме тој документ, бидејќи сметаме дека дипломатијата има повеќе шанси за успех, ако создадеме услови за тајни преговори. Се надеваме и очекуваме дека Русија ќе се придржува кон тој став и сериозно ќе се однесе кон нашиот предлог“, изави државниот секретар Ентони Блинкен.

Одговорот на САД на руските предлози за безбедносни гаранции ја вклучува загриженоста на САД за руските акции и американските предлози, соопшти  Блинкен.. Според него, содржината на документот е конзистентна со она што САД јавно го кажале на оваа тема. Блинкен истакна дека Вашингтон нема да го компромитира принципот на отворени врати на НАТО, како што е наведено во писмениот одговор на Русија. Сепак, има „позитивни точки“ во документот на кои може да се работи доколку Москва е подготвена, додаде тој. Според шефот на Стејт департментот областите каде Вашингтон гледа можност за напредок во преговорите се режимот за контрола на оружјето, вклучително и прашањето за поставување ракети во Европа, како и начините за зголемување на транспарентноста и стабилноста. Блинкен нагласи дека писмените одговори на Русија се повеќе како „збир на идеи“ отколку формален преговарачки документ или предлог.

Истиот ден американскиот амбасадор во Москва Џон Саливен го предаде на Русија и одговорот од НАТО. Генералниот декретар на НАТО Јенс Столтенберг на брифинг по тој повод изјави дека Русија треба да ги повлече своите војски од Украина, Грузија и Молдавија, каде што се наоѓаат без согласност на тие земји. Тој спомена санкции доколку Русија примени сила. Според него НАТО е подготвено да го продолжи дијалогот со Русија, да воспостави директна линија за врска и со Советот „Русија-НАТО“ и да ја обнови работата на претставништвата. Во одговорот има три сфери во кои НАТО се надева дека ќе се достигне прогрес. Односите меѓу САД и Русија, безбедноста во Европа и мерки за намалување на ризиците. Тука се прашањата за киберактивностите, нераспространување на нуклеарното оружје, прашања од аеро-вселенски работи. Сите тие прашања се важни и за Русија, но и за партнерите на НАТО. Се надеваме дека Русија внимателно ќе пријде кон нив, рече генералниот секретар.

ДАЛИ ЌЕ ИМ ВОЈНА?

 Првата реакција на Сергеј Лавров, првиот човек на руското МНР, по добивањето на писмата, беше на прашање:„Дали ќе има војна“?. „Ако се прашува Русија војна ќе нема. Но ако грубо се засегнуваат нашите интереси ние ќе ги заштитиме“, одговори Лавров. Но што ако „меко“ се засегнуваат? Само ден подоцна на истото прашање Лавров беше подетален. „Одговорите ги добивме завчера. Тие се во западен стил. Округло, па на ќоше. Но има таму и рационални зрна за второстепените прашања. На пример ракетите од краток и среден дострел. Кога Американците го раскинаа договорот за нив, ние им велевме да го послушаат гласот на разумот....Сето тоа беше игнорирано. Сега е вклучено во нивните предлози. Конструкцијата на нивните предлози во суштина е преземена од руските иницијативи во последно време“, обасни Лавров во едно интервју. Но она што најмногу ги засега Русите се концептуалните основи врз кои се заснива европската безбедност. Лавров се повикува на пакет документи потпишани од претседатели и премиери на самитите на ОБСЕ во Истамбул и Астана во 1999 и во 2010 година, кои зборуваат за принципи на неделива безбедност. Според него „Западот „истргнува“ од пакетот еден слоган:„ секоја земја има право да избира сојузник и воени сојузи“.Но, таму ова право е усогласено со услов и обврска на секоја земја, под кои се потпишаа Западњаците: „да не ја зајакнуваат својата безбедност за сметка на безбедноста на другите“.

Токму ова е „главниот“ адут и болка на Русите во сериозната дипломатска борба. Тоа го искажа и претседателот Владимир Путин во неодамнешниот разговор со неговиот француски колега, Емануел Макрон. Путин забележа дека Запад ги игнорирал клучните руски барања за безбедност. А тоа се неширењето на НАТО на исток и откажување од разместување офанзивни воени системи близу руските граници, а исто така и повлекувањето на воениот потенцијал и инфраструктура на блокот во Европа на позициите од 1997 година, кога е потпишан Основниот акт Русија-НАТО. Путин на Макрон му соопшти дека САД и сојузниците го игнорирале клучното прашање, како ќе се однесуваат кон принципот дека никој не треба да ја засилува својата безбедност за сметка на безбедноста на други семји, а кој е зацврстен во основните документи на ОБСЕ и Русија-НАТО.

И повторно Лавров. Тој им пратил официјални барања на неговите колеги од земјите членки на НАТО и од ОБСЕ да се изјаснат, на кој начин се подготвени во денешни историски услови да ги исполнат обврските под кои се потпишале тие земји и тоа на највисоко ниво. За него тие прашања се принципиелни. „Пред да разговараме за одредени практични аспекти на европската безбедност, сакаме да погледнеме како Западот ќе се вади овој пат. Се надевам дека искрено ќе одговорат што мислат кога ги спроведуваат овие договори исклучиво на едностран начин што е корисен за нив, целосно изоставувајќи, уште еднаш потенцирам, дека правото на сојузи е директно условено со недозволивоста за зајакнување на безбедноста на некои држави. на сметка на другите. Ајде да видиме што ќе одговорат“, рече Лавров. Очигледно, практичните прашања ќе ги чекаат одговорите на колегите на Лавров, а тоа значи дека и се’ она што е поврзано со европската безбедност, а во случајов и Украина. „Тоа ќе биде клучното прашање при определувањето на нашите натамошни предлози, а за кои ќе го известиме претседателот Путин“, рече Лавров. Ова од причина што рускиот претседател лично ќе ги пишува одговорите до САД и НАТО. Така барем најави неговиот портпарол Димитриј Песков.

ПАНИКАТА НЕ СЕ СМИРУВА

Добро барем што ќе има дипломатски преписки. Исто така се очекуваат и дипломатски средби. Мораше Русија да испраќа ултиматуми, па британските политичари да се сетат дека треба да има дијалог. Од 2017 година наваму тој е замрен. За неделава премиерот Борис Џонсон се очекува да разговара со Путин, а британските министри за надворешни работи и одбрана Елизабет Трас и Бен Уолес да ја посетат Москва. Тие ќе имаат задача да ги подобрат односите меѓу Лондон и Москва. Како ќе ги подобрат кога за денес е најавено објавување на новите ограничувачки мерки во однос на Русија во врска со ситуацијата околу Украина! Но, политика, и се е можно.

За дипломатија зборуваат дури и воени министри и генерали. Министерот за одбрана на САД, Лојд Остин, на брифинг во петокот изјави дека Путин се’ уште не донел решение за напад, но постои таква можност. Остин зборуваше за руско освојување градови, територии, па дури и провактивни политички дејства. На пример признавање на сепаратистичките територии на Донбас. Но истовремено смета дека „конфликтот не е неизбежен“. Според него има и време и простор за дипломатијата.

Елизабет Трас ќе ја посети и Украина. Таму неделава ќе одат и министрите за надворешни работи на Франција и Германија, Ив ле Дријан и Аналене Бербок. Во меѓувреме  пропагандата како да се потсмири, па се’ останува на старите најави. Дека Русија ќе ја нападне Украина на 20 февруари! Доаѓа оружје, доаѓаат воени инструктори и советници. Нормално повторно се исцртуваат сценарија, што, како и колку. Паниката не се смирува. Од Киев дојде веста дека украинското разузнавање ја однело тајната документација и опрема на западот од земјата.

„Економијата на земјата веќе настрада од соопшетнијата за наводна ескалација на ситуацијата на границата со Русија“, изјави во едно интервју,министерот за надворешни работи на Украина , Димитриј Кулеба. „Ние веќе страдаме економски и слабееме поради паниката што се распространува во општеството“, рече тој. Американската амбасада во Киев соопштува дека  безбедносната состојба во Украина и натаму е непредвидлива и може да се влоши. Па затоа таа ги повикува  државјаните на САД да размислат за заминување од Украина. Па дури им препорачува итинерери како да го сторат тоа. CNN, пишува за раст на напнатоста меѓу претседателот на Украина Владимир Зеленски и чиновниците на американската администрација.

Нов Минхенски договор?

„САД го предупредуваат светот за потенцијално неизбежното влегување на Русија во Украина. Меѓутоа не го убедија во тоа претседателот на Украина“, пишува CNN. Разногласијата се по повод тоа како да се интерпретираат и да се соопштуваат јавно податоците на амеруканското разузнавање за подготвките на Русија да влезе во Украина. Телевизијата смета дека Зеленски е загрижен поради употребата на Украина „како пион во односите меѓу САД и Русија“. Додека Белата куќа е посветена на обезбедување максимална поддршка за Киев, вклучително и обезбедување воена опрема и обезбедување на нови средства, некои официјални лица приватно велат дека владата на Зеленски прифаќа помош без голема благодарност, вели телевизијата.

Дали Украина е пион во играта меѓу САД и Русија? Овој став го делат многумина. Џо Бајден, американскиот претседател уште во 2015 година, како потпретседател на САД во говор во украинскиот парламент повика на спроведување на „Минските договори“. Договори кои во последен момент ја спасија Украина од распад и поголеми територијални загуби, благодарејќи на Франција и Германија. Со нив на проруските територии треба да им се даде автономија и соодветни нацинални права на населението во нив. Јазик, самоуправа и сл. Но еве веќе седум, осум години тие не се спроведуваат. А Украина носи закони со кои само ја заострува ситуацијата во поглед на руското и рускојазичното население. Дали се сеќаваме како беше кај нас со Охридскиот договор? Така и Украина сега мора да им даде права на Русите таму кои се неколку милиони. А таа забранува печатење весници на национално ниво на руски јазик, а може на англиски, на земја членка на ЕУ или на други јазици на автохтоно население, меѓу кои ги нема Русите! Забраната за локалните весници ќе следи по две-три години. Згора на тоа се затвораат телевизии кои се опозициони или како што ги викат „проруски“. Во новиот закон за територијална одбрана одбегнато е да се даде раководење на локалните власти со територијалните единици од страв дека некои не се доволно „украински настроени“.  

Украина ќе има проблеми со Минските договори, но ќе мора да ги спроведе бидејќи се дел од акти од ОН. Која е опасноста од спроведувањето на договорите? Автономијата на еден мал дел на земјата би била запалка за барање автономија и на други делови од земјата. Пред се’ во западна Украина, па на југот, на истокот, на северот.... По ова следи федерализација на државата! Оттука и сомнежите дека Американците намерно притискаат во договор со Русија за спроведување на договорите. Некои експерти веќе тврдат дека има договор меѓу Бајден и Путин. Викаат на повидок е нов Минхенски договор!  Националистите сигурно нема да дозволат Зеленски да го направи тоа. Можни се и нови немири. А можна е и поделба на државата. Или пак нестабилна држава.

ВО СЕНКАТА НА КИНА

Затоа не случајни се повиците уште сега Украина да ги остапи териториите на Донбас на сепаратистите. Некои сметаат дека на тој начин едно туѓо ткиво нема да доведе до заразување на здравото. Но знае ли некој кое е и колкаво е „здравото“ ткиво во Украина. Или пак може со репресија да се направи нешто. Но како ќе реагира Европа на тоа? „Затоа Украина треба да се ослободи од окупираните територии, за да престане да биде уценувана од Путин. Украина не може да ги врати окупираните територии на Донбас преку Минските договори без загуба на субјективитетот. Имплементацијата на Минските договори во Уставот на Украина ќе воспостави контрола на Русија врз внатрешната и надворешната политика на Украина. Во најмала рака ќе и даде на Русија блокирачки пакет. И Украина долги години, ако не десетлетја е осудена да стагнира, како Босна и Херцеговина, во Источна Европа“, ќе напишат во УНИАН.

Можен ли е таков договор меѓу Путин и Бајен? Некои велат - да. Бајден на средбата во Женева со Путин самиот изразил желба да помогнат САД во спроведување на Минските договори. Други пак сметаат дека САД сакаат да бидаат рајат од Русија, за да можат да се свртат кон поголемиот предизвик-Кина.  А што ако нема договор? Тогаш ќе треба да го чекаме развојот на настаните. Русија не сака, барем засега, да признае независност на републиките во Донбас.Иако таму веќе денес има околу 800 илјади население со руски пасоши. Таа инсистира на Минските договори. Иако не исклучува и воени дејства. Според Сергеј Лавров од Украинска страна на границата со Донбас има околу 100 илјади војници. Голем дел од нив Киев не ги контролира. Иако доброволните единици влегоа во воените сили, во украинската армија. Но Лавров смета дека таму има сили на кои веќе им се дава сериозно оружје и се создава милитаристичка психоза. Така што не се исклучува некому да „му попуштат нервите“.  Ова значи дека може да има и војна!

Во меѓувреме во Русија почна собирање потписи против руско-украинска војна со обраќање кон политичкото раководство на Русија. Иницијатори на „Изјавата на приврзаниците за мир против Партијата на војна во  руското раководство“ се научници, правозаштитници, музичари, глумци, обични граѓани... Во петицијата се пишува дека Русите никој не ги прашува за односот кон Украина, а државните пропагандистички канали покажуваат маетријали кои создаваат омраза и агресија кон Украинците. Во обаќањето се вели дека војната не одговора на интересите на Русија и носи закана за нејзиното постоење. „ Нашата позиција е многу едноставна: На Русија не и треба војна со Украина и со Западот.Нам никој не ни се заканува и не не’ напаѓа. Политиката, која се основа на спроведувањето на идеја за таква војна е аморална, неодговорна и криминална, и не може да се води во името на народите на Русија. Во таква војна нема ни легитимни, ни морални цели“, се вели во изјавата.

Како ќе заврши овој повик? Како и еден пред некој месец со слични мотиви. Веќе никој не го спомнува. Повикот е објавен во еден до два опозициони медиуми. Или во странски медиуми. Така што останува да ја гледаме дипломатијата. И да веруваме во ветувањата дека Русија нема намера да води војна со Украина. Дека Бајден и Путин немаат намера да склучуваат нов Минхенски договор. А Кина? Нејзината сенка е врз она што се случува денес во и околу Украина. И тоа е голема загатка. На пример, ќе се осмели ли Кина да удри врз Тајван додека Русија и САД се натпреваруват кој кого ќе го надигра. Со опасност од голем воен судир. Работите се сериозни, но се’ се чини дека најголем губитник во секое сценарио ќе биде Украина.

Остануваат десетина спокојни денови. А потоа да видиме што ќе направат Лавров и Блинкен, кои веќе имаат најавено средба. Поточно главните играчи САД и Русија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Кадровски смени во рускиот воен врв – воeната економија бара нови луѓе

Путин почнува нова шестолетка

Путин почнува нова шестолетка