23 Мај, 2019
0.0499

САД се повлекуваат од Сирија - Русија во исчекување

Објавено во: Колумни 04 Јануари, 2019

Американските воени сили ќе се повлечат од Сирија во текот на четири месеци, извести неодамна Њујорк тајмс, повикувајќи се на извори блиски до Белата куќа. Според весникот, при божиќната посета на американските сили во Ирак на американскиот претседател, Доналд Трамп, во разговор со американските команданти кои се борат против силите на Исламската држава во Ирак и Сирија му било речено дека за повлекување од Сирија се потребни најмалку четири месеци. А Трамп ветил дека тие ќе го добијат тоа време.

Трамп на 19 декември објави дека американските сили наскоро ќе ја напуштат Сирија. Тогаш медиумите пишуваа дека за повлекување на над две илјади американски војници се потребни од 30 до 60 дена. Првите 50 војници се повлекоа ден пред Нова година. Тоа вчера во едно интервју го потврди и американскиот државен секретар Мајк Помпео. Но Помпео не сакаше да ги каже термините и роковите на повлекувањето на војската. „Не сакам противниците точно да знаат кога тоа ќе се случи“, рече тој.

Трамп во интервју за „Фокс њуз“ забележа дека никогаш не се залагал за „забрзано повлекување на војниците, но ние ќе заминеме од Сирија“. „Таму, како што се претпоставуваше, требаше да бидеме три до четири месеци. А тоа беше пред четири или пет години“, рече Трамп на 31 декември, очигледно критикувајќи ја одлуката на претседателот Барак Обама да прати војски во Сирија. Помпео вчера потврди дека Трамп е приврзаник на идејата Вашингтон да обезбедува стабилност на целиот Блиски Исток и дека на САД им е нужно да ја продолжат кампањата против ИД. Но додаде дека ќе продолжи и дејствувањето против Иран.

.Како што пишувавме пред две недели одлуката на Трамп во САД и на Запад беше дочекана нееднозначно. Министерот за одбрана Џејмс Матис си поднесе оставка,исто и Брет Макгурк, специјалниот претставник на претседателот за борбата со ИД, а група сенатори бараа од Трамп да ја преиспита својата одлука. Тие сметаа дека таа е грешка, која ќе ја стави под закана безбедноста на САД, а исто така ќе ја поттикне ИД, претседателот на Сирија Башар ал Асад, Иран и Русија.

Забавувањето на повлекувањето на американските трупи од Сирија не мора да значи некаква нова стратегија на Американците во борбата со ИД, но и на нивното присуство на Блискиот Исток. Тоа веројатно е диктирано од притисоците што беа направени врз Трамп за неговата одлука. А ако се знае дека повлекувањето од Сирија е едно од неговите предизборни ветувања, тогаш тој ќе настојува и да го исполни. Но не треба да се заборави дека Трамп изјави, парафразирам, „сега нека му ја мислат тие што остануваат во Сирија“. Некои сметаат дека на Москва ќе и биде тешко да се бори сама со ИД, иако во Русија велат дека заедно со силите на сириската регуларна армија имаат ослободено од ИД над 90 проценти од територијата на државата.

Деликатно прашање е и обновата на Сирија. Американски експерти сметаат дека откажувањето на Вашингтон да дава пари за обнова на деловите на Сирија под контрола на Асад, можат да биде еден вид алатка за притисок врз Москва и Дамаск. Не е исклучено САД да влијаат и со нови санкции против Сирија и Иран. Покрај дијалогот меѓу Сиријците, што се води во Астана, со посредство на Русија, Турција и Иран, слично нешто има и во Женева под чадорот на ОН. И тука Американците можат да вршат притисок при носење некакви решенија.

На пример, да бараат заминување на Асад од власта пред нови избори во поствоена Сирија. Ова ќе оди многу тешко, бидејќи Асад потпомогнат од Русија има заземено позиција од која тешко би го симнале. Тоа постепено им стана јасно на многу држави. Дури и една Турција, денес, не инсистира на отстранување на Асад од власта, иако го нарекува крволок и сл., а тоа беше и еден од условите во разговорите за иднината на Сирија. Слично се однесоа и Германија и Франција. Вчера и британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, изјави дека „Асад ќе остане „некое време““, што воошто не можеше да се замисли дотогаш. Тој  во интерву за SkyNews изјави дека „Русија може да смета дека ја раширила својата сфера на влијание“. „Но ние би им рекле: „Да, и вие исто така си го зголемивте степенот на вашата одговорност“, додаде Хант..

Сегашниот развој на настаните како да ја симнува од дневен ред поделбата на  Сирија. А за тоа се залагаат Русија, Турција и Иран. Од ова следи дека Курдите ќе немаат своја држава на територијата на Сирија од што најмногу беа загрижени Турците. Впрочем и целата приказна за повлекување на Американците од Сирија се појави по телефонскиот разговор меѓу Трамп и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган. Турците се закануваа со офанзива проти Курдите во Сирија, кои беа штитени од Американците. Сега наеднаш тие се оставаат на „милост и немилост“ на Турците и на сириските регуларни воени сили., но и на преостанатите сили од ИД. Турција по одлуката на Трамп ја одложи најавената офанзива, па сега работите се статус кво. А тие така нема да останат. Неминовно е да следи разговор со Русија и Иран за судбината на Курдите. Овие пак во меѓувреме се поврзаа со Сириската армија и и’ предадоа некои територии за да бидат под нејзина контрола, а кои во спротивно би биле цел на турските трупи.

За заштита на Курдите се залага и Франција која во минатото имаше големо влијание во овој дел на Блискиот исток. Претседателот на Франција, Емануел Макрон, имал телефонски разговор со Владимир Путин, при што истакнал дека во Сирија треба да заврши војната против ИД, но таму да се сочуваат силите кои се борат против ИД, во тие рамки и курдските воени формации. Како што пишува L'Orient-LeJour, Макрон, покрај тоа што се залагал за заштита на Курдите, ја нагласил и важноста на политичкиот процес, кој треба да стави крај на војната. Според него, „сите активни сили треба да си преземат обврски дека ќе спроведат уставна процедура, достојна за доверба и објективни и слободни избори“, под капата на ОН. Во моментов во Сирија има околу 1.200 француски војници кои се борат во рамите на антитерористичката западна коалиција против ИД.

Се чини дека критиките за американските воени активности во Сирија, сега би можеле да стивнат. И на прв поглед Москва би требало да се радува. Но такво нешто не се забележува. Нема ни отворена радост, ниту некаков триумфализам. Во Москва реакциите кон одлуката на Трамп за повлекување на војските од Сирија беа и се многу внимателни. Од тоа дека сега се отвора реална перспектива за политичко решавање, па се до потреба да се почекаат реални резултати.  Владимир Путин реагираше со зборовите: „Јас не знам што е тоа. САД, да кажам, во Авганистан се присутни веќе колку? 17 години и секоја година велат дека ги повлекуваат своите војски оттаму. Но тие се’ уште се таму“. 

Можеби како скриено задоволство би требало да се смета изјавата на прес секретарот на Путин, Димитриј Песков, по неодамнешното оперативно советување во Советот за безбедност на Русија за состојбите во Сирија. „На советувањето беше дадена позитивна оценка за проширувањето на териториите кои се наоѓаат под контрола на Вооружените сили на Сирија, кое продолжува, и на улогата на тој процес за натамошното регулирање“,изјави Песков за ТАСС. Веројатно ова ќе биде и насоката по која ќе се движат руските стремежи за побрзо завршување на војната во Сирија и почеток на политичката разврска. Постепено завладување на Сириската армија со неосвоени територии. Како адут во политичките преговори. Се разбира до оној степен до кој нема да предизвикаат американска реакција. Но и задирање во турските интереси.


Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Јагоди и локум

Јагоди и локум

Ќе биде ли „надигран“ Путин од Трамп и по третпат?

Ќе биде ли „надигран“ Путин од Трамп и по третпат?