30 Април, 2024
0.0246

Сакам општество на достоинствени, а не општество на уплашени поединци!

Објавено во: Колумни 06 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Во претходната колумна, драги мои, ви говорев за еден концепт на владеење заснован на дисциплина по принципот на казна. Инспириран од мојот личен херој од секојдневието - Весела Богдановиќ, учителката од основното училиште „Кочо Рацин“ – ви говорев дека ова е доба во кое сите нè принудуваат да се чувствуваме виновни, неспособни и недостојни. Таа во едно интервју, зборувајќи за односот на државата кон наставниците вели: „Проблемот е што постојано се ловат грешки место да се ловат квалитетите кај секого.“ Овој нејзин став, рековме може да се генерализира на сите нивоа, за сите професии и сите институции и да добиеме една општа слика за заедницата. Кај сите нас прават само тоа – ловат грешки! За да нè казнат, казнувајќи да нè уплашат, уплашени да бидеме послушни и покорни. На тој начин севкупната атмосфера која владее денеска е атмосфера на едно банализирано разбирање на Фукоовската идеја за дисциплина врз основа на казна. Едноставно е - казната генерира дисциплина. Опседнати се со дисциплинирањето и со заканите кои треба да нè дисциплинираат. Затоа и ни ги ловат грешките, како што вели Весела. И тоа не е само заради тоа да нè уплашат и да бидеме покорни. Дури и уште повеќе – го прават тоа за да се чувствуваме недостоинствени, да ја изгубиме самодовербата и радоста. Оти кога ни ги ловат грешките нашата самодоверба паѓа, нивната расте. Ние почнуваме да чувствуваме дека немаме право на ништо, оти со казните „ни порачуваат“ дека не нè бидува за ништо, а воедно тие чувствуваат дека имаат право на сè, дури и право на нас, оти нè фатиле во грешка. Тоа многу правилно го забележува учителката Весела кај своите ученици. Имено, откако ќе констатира дека моменталната состојба е таква во која постојано се ловат грешки, наместо квалитети, таа многу правилно го лоцира лекот за таа дијагноза: „Исто како ние со децата. Ако ги охрабруваме напредуваат со радост, не се плашат и соработуваат со нас, ако ги следиме и им се закануваме за секоја грешка - тие се плашат и грешат уште повеќе, а потоа препишуваат едни од други за да се штитат, и толку. Така е и со наставниците.“ Алелуја, драги мои! И покрај сиот напредок на науката, цивилизацијата, човештвото, техниката и технологијата, човекот останува прилично едноставно суштество - сака да се чувствува вреден! И кај детето и кај возрасниот функционира пофалбата. Само така во секого ќе разбудиме човек со достоинство. И тоа се двата начина на кои може да се однесувате, како со поединецот, така и со заедницата. Првиот е нивниот – да казнувате и дисциплинирате. Вториот е на учителот – да пофалите и мотивирате. Иронијата е што и со двата начини можеби ќе го имате посакуваниот резултат – работата ќе биде сработена и во обата случаи. Па пирамидите не ги изградиле со пофалба, ами со камшик! Но, ако сакате поединец и заедница кои се вредни, исполнети и радосни – ќе морате да се обидете со начинот на учителот. Ако ви значи само резултатот (и тоа на краток рок – од избори до избори), но не и човекот, тогаш дисциплинирајте, заплашувајте и казнувајте. Но верувајте, на долг рок тоа е поразително за заедницата. Од каде произлегува оваа состојба? Зошто навистина е така, од каде таа патолошка желба за дисциплинирање преку казни? Зошто – како што би рекла учителката Весела - не се сосредочиме на квалитетите на поединците и институциите, наместо на нивните грешки? Па заради едноставната вистина дека светот го гледаме низ сопствените очила – добриот мисли дека сиот свет е добар, наивниот дека сите се наивни, злобниот дека сите се злобни...Кога вие самите имате свест дека во секој миг сакате да го изманипулирате системот, вие мислите дека треба постојано да вардите и останатите да не го изманипулираат системот. Има една поговорка која вели – „станот на крадецот е заклучен со два катанци“! Зошто? Затоа што мисли дека како што тој постојано е со умисла да украде, дека такви се и сите луѓе. Така и овие, од нивната перспектива сите ние, во секој миг сме подготвени да го изманипулираме системот. Дека лекарот не сака да лекува, наставникот не сака да подучува, службеникот не сака да службува, работникот не сака да работи... И не само што не сакаат да си ја вршат работата, туку уште полошо – сакаат и да манипулираат, мамат, лажат и крадат... И затоа мора постојано да им се дише во врат, да се вардат, да се укоруваат и да се казнуваат. И така го градат системот – како сите ние да сме манипулатори. Од перспективата на манипулаторот сите ние сме манипулатори. И затоа нè третираат како такви. На тој начин секако дека работата можеби ќе биде завршена, но далеку од тоа дека ќе биде завршена со радост. А згора на тоа, ќе биде завршено само она што мора да биде завршено. Во таков систем никој нема да дава повеќе од потребниот минимум – само она што од него се бара за да не биде казнет. Оти максимумот го даваме само заради љубовта и страста, никако заради тоа што мораме. Видете, драги мои, во овој свет на физичко постоење, љубовта, на пример е вишок, ќе преживееме и без неа – доволни ни се само леб, вода и секс. И таков систем овие градат – систем само на леб, вода и секс. Во оваа заедница љубовта е набркана, оти е вишок и оти може да биде само награда, а никако казна. И кога градите таков систем во кој наместо надарените, оние со страст и љубов да ги мотивирате и истакнете како позитивни примери, вие само ќе успеете да ги упросечите и „убиете“. И така на краток рок ќе постигнете можеби системот да нема негативни девијации, но таков систем ќе нема да има ниту позитивни девијации. Оти и напредокот е девијација, драги мои, исклучок од просекот. Ако се сосредочите на просекот, ако имате намера само да ја спречите девијацијата, вие ќе ги спречите и обете девијации – и негативната, но и позитивната. Ако дополнитело и мислат (а мислат), дека сите сме подготвени во секој миг да го изманипулираме системот, можеби и ќе ги спречат тие што се спремни на манипулација, но нема да ги мотивираат оние кои имаат жар да го надминат и унапредат системот. Оти на таквите, надарените тоа не им е дозволено со системот што го градат – систем не за напредок, ами само за запирање на девијацијата. Впрочем, драги мои, лесно е кај секого да најдете грешка, да го укорите и да му се заканите. Секој има „ахилова пета“ и точка на топење. И не сте баш фраер ако на тој начин владеете, како што не сте ниту добар родител ако само на тој начин „ги воспитувате“ децата. Тие можеби и ќе ве слушаат, ќе ви се плашат, ќе има мир во куќата, но ќе се согласите дека тие деца нема да израснат во среќни и задоволни луѓе. Она што е тешко е во секого да ја пронајдете неговата позитивна страна и таа да ја стимулирате. Е тоа е фраерски, е тоа е добар родител, кој дури и кај дете со сериозни, можеби и пречки во развојот, ќе пронајде во што е добро неговото дете и тоа ќе го поттикнува, за ова да има за „што да се фати“ во иднина и да ја изгради својата самодоверба, да научи да сè сака и почитува. Таков владетел сакам, такво ошштество сакам – фраерско! Такви фраери се достојни лидери за следење. Лидери кои нема да се фокусираат на тоа да ги запрат девијациите – оти тоа не е возможно, не постои систем кој целосно ги запрел девијациите – ами ќе го поттикнуваат најдоброто во нас. Впрочем, разликата во напредните и ненапредните системи е што првите сфатиле дека треба да се фокусираат на пофалбите, наместо на критиките, што треба да ги поттикнуваат добрите, наместо да се обидат да ги запрат лошите. Ако не ми верувате, погледнете ги статистиките – најразвиените земји во светот се воедно земји и со најголема стапка на криминал: САД, Британија и Германија! Таму не е проблем лошиот, корумпиран лекар да заврши в затвор – и завршува. Проблем е како да направите систем во кој добриот ќе стане уште подобар и ќе го влече напредокот, ќе ја направи разликата. Тие разбрале дека не просекот, ами поединецот ја чини разликата. И тие земји успеале да направат систем во кој таа разлика е важна. А разликата е огромна, зарем не!? Ако сакаме деца што напредуваат, како што би рекла Весела, а не деца „што се плашат и препишуваат“, тогаш вреди да се бориме за таков систем. Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД