25 Април, 2024
0.0319

Самитот во Глазгов шанса за смирување на цените на енергенсите

Објавено во: Колумни 18 Октомври, 2021

Добивај вести на Viber

Глазгов идниот месец ќе биде домаќин на светските лидери кои треба да се соберат на самитот за климата. Но она што се случува со енергенсите во изминатиов период, со невидениот раст на нивните цени, може да отвори нови дискусии. Директно се поставува прашањето за енергенсите. Дали лидерите ќе се корегираат во намерите што побрзо да се откажат од нафтата, гасот и јагленот. Дали ќе се премине кон откажувања од брзањето на тој пат. Се’ е во нивни раце. Како ќе се однесуваат тие, така би требало да однесува и пазарот. Сепак, политиката е тесно поврзана со економијата.

Од САД најавија дека претседателот Џо Бајден ќе замине во ноември на европска турнеја. Засега се  официјализира неговиот прием кај Папата Франсис, но секако нема да изостане и учеството на Самитот во Глазгов. Сигурно ќе учествуваат и лидерите на земјите членки на ЕУ. Но Самитот нема да биде Самит ако на него не бидат рускиот претседател Владимир Путин и кинескиот Ши Џинпинг. Од причина што Русија е најголем извозник на енергенси во Европа , голем кон Кина и многумина ја обвинуваат за сегашната енергетска криза. Кина пак се најде во енергетска криза и се смета дека токму тоа придонесе за невиден скок на цените на гасот кај неа и во цела Азија.

ПУТИН ИМА ПОВОД ДА ОТВОРИ ШАМПАЊСКО

Според некои информации Џинпинг најверојатно ќе го нема во Глазгов, додека Путин се’ уште не се одлучил. Кога е во прашање Путин, тука може се’ да се случи. Русите најавуваат голема делегација за Самитот, 200 луѓе, министри, бизнисмени, научници. Но, ако се има предвид неодамнешната посета на Викторија Њуланд на Москва и изјавите по неа, нема да е изнненадување ако се направи мини американско руски самит. Се зависи од тоа со што замина Њуланд од Москва. На Путин, лично, многу би му годела средба со Бајден. Да покаже дека тие двајца се „главни“ за безбедноста, но и меѓу главните за енергенсите и климата. Би било многу добро да биде таму и Џинпинг, па да се затвори триаголникот на моќните.

Како и да биде, кој и да дојде, факт е дека до почетокот на Самитот рекордните цени на гасот, но и на нафтата и на јагленот и натаму ќе доведат до поларизација на мислењата за тоа кој е виновник за тоа што се случиува. На пример за гасот во Европа. Дел од европските политичари, особено оние од „нова Европа“ и Украина, ја обвинуваат Русија, поточно „Гаспром“. Дека таа компанија манипулира со пазарот. Дека Русија го користи гасот како политичко оружје. А цените од над 1.000 долари за илјада кубни метри не се спуштаат.

Списанието „Форбс“ во текстот „Енергетската криза која Европа сама си ја наметна“ пишува дека:„ Сегашната криза во Европа е предизвикана од растот на побарувачката на енергенси после пандемијата, екстремните временски појави (невидените жештини и долгите зими), прекините во мрежата на доставување, а исто така и во недоволните резерви гориво во регионални и светски рамки. Рускиот шеф Владимир Путин има повод да отвори шампањско со оглед на новите санкции против Кремљ. Тој зборува дека Европа сама си наштети. Можеби тој е во право“.

БРЗО ОТКАЖУВАЊЕ НА ЕВРОПА

Во поткрепа на ова свое тврдење „Форбс“ се повикува на Самер Мозес, аналитичар на светскиот пазар на ТПГ (течен природен гас). Според Мозес Европа се нашла меѓу чеканот и наковалната. На светскиот пазар на течен природен гас речиси една година постои дефицит, а Русија си има свои проблеми во областа на добивката на гасот и на инфраструктурата. Бидејќи резервоарите во регионот се празни, кое било намекнување на песимистички новости, било да се временски катаклизми или проблеми со испораката, може да ги натера пазарите уште повеќе да ги зголемуваат цените. Основните фактори му диктираат на пазарот, дека треба да бара рамнотежа во врска со скоковите на побарувачката. А таа се урамнотежува со понуда со повисоки цени. И тоа се гледа во цела Азија и Европа.

При ова многумина се вознемирени од брзото откажување на Европа од традиционалните извори на енергија (гас, јаглен, атомски централи) и премин кон променливите обновливи извори. Годинава тие не го дадоа очекуваниот резултат. Некаде немаше доволно ветер за ветропарковите, а некаде пак, немаше доволно вода за полнење на водните резервоари. Порадои политиката на ЕУ за достигнување на јаглеродна неутралност земјите членки се откажуваа од долгорочни договори за закуп на енергенси и се одеше на кракорочни. Но сега се чувствуваа последици од таквата политика. Корисниците скапо ги плаќаат енергенсите. А извозниците, Русија  и Катар, немаат ништо против од таквиот однос да заработат.

Русија не остана настрана од од она со што се соочуваше Европа. Претседателот Путин на два пати се јави. Прво предложи зголемувње на испораките на гас по што пазарите малку се смирија. Но само за кусо време. Потоа тој повторно се обрати кон Европа дека е подготвен да и помогне да излазе на крај со проблемите. И, побара да се забрза пуштањето на гасоводот „Северен поток - 2“. Наредниве месеци тој треба да помине низ процес на испитувања за да добие лиценца за работа. Покрај барањето за „Северен поток – 2“ има и други. На пример изкажувањето на  постојаниот претставник на Русија во ЕУ, Владимир Чижов, дека Унијата е должна кон Русија да се однесува како кон „партнер“, а не како кон „противник“.

ВЖЕШТЕНИ ГЛАВИ

Мери Дежевски во британското списание Spiked, навраќајќи на ова во текстот „Доста ја обвинувате Русија за енергетската криза“ напиша:„ Претседателот Бајден едноставно ја призна реалноста, кога оваа година ги прекина напорите на САД да го попречат завршувањето на „Северен тек 2“. Сега неговиот пример треба да го следат членовите на претседателовиот тим, нивните британски колеги и оние земји од ЕУ кои се’ уште фрлаат громови и  молњи врз „Северен поток-2“. Ако им треба руски гас (а на повеќето им е навистина потребен), треба да го послушаат советот на Чижов и да почнат да се однесуваат кон Русија како кон возрасен трговски партнер. И тогаш може да се случи чудо: ќе видат дека цените почнуваат да опаѓаат“.

Русија е најголем испорачувач на гас во Европа. Дури 35 проценти од потребите Европјаните ги задоволуваат со руски гас. Но прашање е дали Русија, „Гаспром“,  може да обезбеди големи дополнителни количества. И таа компанија си има проблеми и обврски кон домашниот пазар. Некои експерти велат дека и „Тековното производство на „Гаспром“ веќе е блиско кон производствениот капацитет, а концернот, најверојатно, нема можност целосно да го покрие дефицитот во Европа“. Така што паѓаат во вода изјавите од типот дека Русија би можела да ја зголеми испораката на гас во Европа и да ги пополни резервоарите до неопходното ниво во рамките на подготовките за зимската грејна сезона. Во сето ова Русија изјавува дека таа ги исполнува сите склучени договори за испорака на гас. И тоа по цени кои за време на склучувањето на договорите биле и по неколку пати пониски од сегашните. Па така кога гасот на берзата беше речиси 2.000 долари, договорените испораки за некои семји се движеа по цени од околу 200 долари за илјада кубни метри гас.

Но во Европа се’ уште има вжештени глави, па наместо да бараат договор со Русија отвораат нови фронтови. Па така во минатата среда, Европската унија изнесе предлози што во иднина може да и дадат можност да го забрани развојот на нови наоѓалишта на нафта, гас и јаглен на Арктикот. Од Унијата рекоа дека на овој начин сакаат да го заштитат регионот од катастрофалните ефекти од понатамошните климатски промени. Русија, која поседува значителен дел од арктичките територии, каде што има богати наоѓалишта на јаглеводороди и резерви на риби, не е премногу задоволна од овие нови предлози. Во четвртокот, рускиот вицепремиер Александар Новак во интервју за Си -Ен -Би -Си рече дека овие предлози се политички мотивирани и бесмислени. „Бев малку изненаден кога слушнав за тоа вчера. Зошто Арктикот? Зошто не екваторот? Постојат голем број места во светот каде што треба да се забрани производството на нафта и гас “, рече тој во интервјуто. Ова особено што гасот, потребата од него уште десетици години ќе биде голема за ЕУ.

ПОБАРУВАЧКАТА НА ПРИРОДЕН ГАС ЌЕ РАСТЕ

Во прилог на ова е и ставот на специјалистите на Меѓународната агенција за енергија искажан во извештајот World Energy Outlook Побарувачката за природен гас неизбежно ќе расте во наредните години тврдат специјалистите. Во извештајот, МАЕ разгледа три можни сценарија: првото ги зема предвид постојните политики за климата, дури и ако тие се’ уште се во развој, второто претпоставува дека сите обврски објавени од владите ќе бидат исполнети на време и третото се базира на постигнување неутралност на јаглеродот во енергијата до 2050 година.

 „Побарувачката за природен гас ќе расте во сите три сценарија во следните пет години, а потоа во нив има сериозни несогласувања. Тоа, до кој степен и колку природниот гас ќе ја задржи својата улога при забрзувањето на енергетската транзиција ќе зависи од многу фактори, а прогнозите многу варираат за одредени земји и региони “, се вели во извештајот на МАЕ. Според првото сценарио побарувачката за природен гас ќе порасне за 15 проценти до 2030 година во споредба со 2020 година, на 4,5 трилиони кубни метри, и до 2050 година - на 5,1 трилиони. Индустриската употреба ќе се зголеми до средината на векот, а гасот ќе продолжи да биде главното гориво за греење, велат експертите.

Имајќи го сето ова предвид и оценките за европската избрзаност со „зелената политика“, која беше наметната и прифатена од азиските земји, а кои сега со кризата видоа во што заглавија, сигрно ќе почнат да се бараат излези од настанатата ситуација. Кина веќе најави дека ќе ги преиспита најавите за постигнување на нетралност на јаглеродот до 2060 година. Таа ќе ги активира затворените рудници за јаглен, а ќе увезува и од Русија. Особено квалитетен јаглен-антрацит од нови јагленкопи во Сибир. Русите ќе имаат полза од ова. Покрај гасот кој сега го извезуваат преку гасоводот „Силата на Сибир -1“, се подготвува нов гасовод „Силата на Сибир – 2“.  Енергетската глад на новата супер сила е извор на доходи за Русија.

БАЛКАНОТ САМО НАБЉУДУВАЧ

 На овој план работите не одат лесно и во ЕУ. Полска и покрај казна изречена од Европскот суд, нема намера да затвори голем јагленокоп блиску до границите со Чешка и Германија. Франција најави инвестиции од над една милијарди долари во атомска енергија. Германија догодина треба да ги затвори атомските централи, но сигурно пред тоа ќе ја чека разврската со гасоводот „Северен поток – 2“, кој е од големо економско значење и за неа. Другите европски земји ќе се вртат кон Русија, бидејќи САД, Катар и други арапски извизници гасот го насочуваат кон Азија каде што остваруваат големи добивки.

Затоа самитот во Глазгов ќе биде голема шанса за ЕУ да го промени односот и кон енергијата да гледа како економска, а не политичка категорија. Дотолку повеќе што таа не е во можност да води политика со енергенсите. ЕУ да биде среќна, ако се сретнат Бајден и Путин, да постигнат некој договор кој ќе ги ублажи последиците на ЕУ од кризата со енергенсите. А, ако се постигне договор, Европјаните секако ќе го почитуваат,особено „нова Европа“, бидејќи е договор постигнат од САД, кои пак се „светост над светите“ за нив.

Балканот во сето ова ќе биде само набљудувач. Единствено Србија ќе може да направи нешто за да добива гас по поволна цена. Претседателот Александар Вучиќ, деновиве изјави дека ќе оди кај Путин за да се договори за новата цена на гасот, бидејќи сегашните цени не се прифатливи за Србија. Македонија во сето ова не би требало да има големи проблеми, бидејќи не е голем корисник на гас. Но цените ќе влијаат врз транспортот. А тој врз други гранки.И ќе имаат одредено влијание врз инфлацијата со која ќе се соочиме. За нас поопасни се цените на мазутот, нафтата(горивата) и јагленот. И тие одат несопирливо нагоре. Ќе го почуствуваат ли сето ова граѓаните. Секако.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок