СДСМ и ДУИ во борба за албански гласови со граничниот премин
Објавено во: Македонија 01 Февруари, 2020
Вчерашното отворање на новиот граничен премин меѓу Северна Македонија и Косово, Белановце-Станчиќ го означи и почетокот на борбата „во ловење“ албански гласови помеѓу коалиционите партнери СДСМ и ДУИ.
„Сите пишуваат и се фалат за отворање на граничен премин. Но, дали некој што учествуваше во изборот и пишувањето на стратешкиот проект на прекуграничната програма пред околу 10 години! Некои се сликаат, некои работат! Тоа е разликата! Нека ни е среќно отворањето на преминот!“, објави синоќа Фатмир Битиќи, економскиот советник на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и претседател на партиската комисија за финансии на партијата.
Тој дополни дека бил еден од петте експерти и единствениот од Македонија кои работеле на проектот остварен со помош на Европската Унија преку ИПА Инструментот за прекугранична соработка со 1,2 милиони евра, како и со кофинансирање на Министерството за локална самоуправа на Северна Македонија со 105 илјади евра.
Во присуство на министри и од владата на Косово, градоначалници од соседните општини и највисоки претставници на институциите за гранично и царинско управување на двете земји вчера беше отворен граничниот премин.
Присуствуваа премиерот, Оливер Спасовски, придружуван од заменик претседателот на Владата, одговорен за европски прашања Бујар Османи, заменик претседателот на Владата и министер за политички систем и односи со заедниците Садула Дураки, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за образование и наука Арбер Адеми, министерот за локална самоуправа Горан Милевски, како и од директорот на Царинската управа Ѓоко Танасовски.