СДСМ: Штетните економски политики на Груевски направија дупки во ПИОМ
Објавено во: Економија, Македонија 30 Септември, 2016
Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ нема никаква идеја за стабилен пензиски систем и единствено што ги интересира е како моментално да ги закрпат дупките.
Од партијата велат дека штетните економски политики на обвинетиот Никола Груевски и неговата банда направија дупка во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и го загрозија функционирањето на фондот. Додаваат дека загриженост за ситуацијата изразува и Светска банка, која потврди дека дефицитот во ПИОМ постојано расте.
„Следната година дури 452 милиони евра или над 45 % од пензиите ќе се исплаќаат директно од Буџетот. ВМРО-ДПМНЕ нема никаква идеја за стабилен пензиски систем и единствено што ги интересира е како моментално да ги закрпат дупките. Никој во ВМРО-ДПМНЕ, а најмалку луѓето околу обвинетиот криминалец Никола Груевски се грижат за одржливоста на ПИОМ на среден рок и долг рок. По 11 декември доаѓа нова одговорна Влада којашто преку здрави економски политики ќе поттикнува отворање на реални работни места, кои ќе обезбедуваат стабилност за ПИОМ“ - стои во реакцијата од СДСМ.
Тие ветуваат подобар животен стандард за сите граѓани на Република Македонија вклучително и за пензионерите.