Добивај вести на Viber
Мирис на чад и запалена гума на старата депонија Вардариште секојдневно ги трујат жителите на Аеродром и Ново Лисиче од едната и оние од Маџари и Хиподром на другата страна од Вардар. Жителите реагираат дека надлежните не преземаат ништо за средување на овој проблем кој се тегне со години и ескалира во летниот период.
И преку блогот Вардариште каде се поставени сликите од она што се случува во депонијата, бараат да се стави крај на проблемот.
На новинарско прашање денеска градоначалникот на Скопје Коце Трајановски најави дека се планира изготвување на студија за старата депонија, по што ќе се размислува за нејзино санирање.
„Вардариште е стара депонија. Градот Скопје многу брзо за десетина дена ќе објави тендер за изработка на студија за ревитализација на депонијата, заради тоа што знаеме таму има огромна количина на смет. Исто така има гасови за кои треба да настане одгасување. Ова во еден догледен период ќе биде пречка, така што после оваа студија ние ќе знаеме што треба да правиме со Вардариште“, изјави Трајановски.
Според ветувањата на надлежните кои се повторуваат цела деценија, старата депонија треба да се претвори во зелена површина. Но освен ветувања, жителите на овој дел од Скопје не добиваат ништо друго.