СЕ БЛИЖАТ СВЕТИ ВАЛЕНТИН И СВЕТИ ТРИФУН: Слават младите, но и лозарите во Тиквешијата практикуваат интересни обичаи
Објавено во: Македонија 07 Февруари, 2024
На 14 февруари се слави Свети Трифун, денот на лозарите и Свети Валентин, денот на вљубените.
Ако помладите го слават денот на вљубените, повозрасните, особено во Тиквешијата го слават денот на лозарите. Нема точни податоци кога во овој крај на Македонија почнал организирано да се слави Свети Трифун, но тоа е многу одамна и оваа традиција е доста стара. На Свети Трифун, закројување на лозјата се врши и во црквите и во манастирските имоти во тиквешко, а се верува дека оние кои ќе земат прачки и ќе ги однесат во своите лозја, ќе имаат бериќет таа година. Лозарите рано наутро оделе да закројуваат, но и да ги полеваат лозите со вино, да се помолат за богат род и квалитетно грозје. Тие се надеваат дека светецот ќе ги заштити нивните лозја од штетници и болести.
„Чествувањето на денот на вљубените Св.Валентин како празник кој се практикува во западните земји почна да се имплементира и во нашата земја кон крајот на минатиот век, но исто така и во почетокот на 21 век. Празник кој доминира во христијанството поточно кај католиците, празник на љубовта. Кај православните Св.Трифун е празник на виното, а тоа што се слават во исти ден меѓу населението различно се практикува. Постарите и секако дел на населението кое се занимава со лозарство и овоштарство го слави Св. Трифун како нивен закрилник. Со низа на традиционални чествувања во текот на денот, со единствено практикување на традицијата на закројување на лозјата и овошките во регионите во Македонија богати со лозови и овошни насади. Во тоа предначат Тиквешијата и другите вински региони, со дегустирање на вино и други алкохолни пијалоци во текот на целиот ден, додека пак во вечерните часови дел од младата популација превземаjќи дел од чествувањето на Св. Валентин поточно љубовта, практикуваат во рестораните да ги искажат своите чуства кон партнерот - партнерката. Мое видување е дека секој сам си одлучува како да го доживее овој ден, но сепак традицијата, чествувањето на Св. Трифун секоја година продолжува, но и зема уште поголем замав во живеењето на Македонецот“, вели Томе Крстевски-виш кустос етнолог од Локален Музеј Галерија Кавадарци.
Иако живеел само 21 година, Трифун имал исклучително интересен живот, правел чуда, а успеал и да ја излекува и принцезата Гордијана за што царот го наградил. Богатството го поделил на сиромашните, продолжил да живее скромно и да помага на луѓето.
Свети Трифун бил од едно селце во Мала Азија, во областа Фригија, од Кампсада. Родителите му биле многу сиромашни. Пораснал како беден гускар и како младич им служел на селаните и им помагал на сите. Верувањето вели дека затоа Господ го наградил за неговата добрина и му дал дар на чудотворство, да лекува болни и да ги заштитува лозјата, овоштарниците, градините, посевите и нивите. Ја излекувал дури и ќерката на царот. За тоа царот богато го наградил, а Трифун сето богатство го раздал на сиромашните, продолжувајќи да живее сиромашно, во пост и во молитва и да им прави добро на луѓето. Потоа дошол друг цар на престолот, кој чул дека Трифун проповеда христијанство и му ја отсекол главата. И кога го мачеле, го славел Бога. Главата му била отсечена на 14 февруари и затоа се празнува на овој ден.
На 14 февруари, околу 270 година од нашата ера, се вели дека бил погубен Валентин, светиот свештеник во Рим во деновите на императорот Клаудиј II. Клаудиј ги забранил сите бракови и веридби во Рим. Валентин, сфаќајќи ја неправдата на декретот, му пркоси на Клаудиј и продолжи тајно да склучува бракови за млади љубовници.
Сања Атанасовскаfoto frepik.com
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.