29 Април, 2024
0.0284

Се крчка ли мир?

Објавено во: Колумни 07 Март, 2022

Добивај вести на Viber

Украина влегува во 12 ден од војната, поттикната од руската инвазија на нејзина територија. Деновиве, исто и како пред инвазијата, се влечат дипломатски потези во намера да зацарува мир на тој дел од Европа. Но сега во тие напори за мир Франција и Германија не се први виолини. И не можат да бидат. Првата виолина е несменлива и свири од  Вашингтон. 

Во саботата премиерот на Израел, Нафтали Бенет, беше во Москва. На средба со Владимир Путин. Таа траела три часа. Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, изјави дека била разгледана „ситуацијата околу Украина“. Додека, како што пренесе „Тајмс оф Израел“, канцеларијата на премиерот во својата изјава не ја спомнува ни Украина, ни инвазијата на Русија во таа земја. Еден детал за таа посета зборува многу. Дипломатски извор соопштил дека средбата била усогласена со САД, Германија и Франција, во „постојан дијалог со Украина“. А според дописничката на Си-Ен-Ен од Ерусалим, канцеларијата на израелскиот премиер соопштила дека средбата се одржува во координација и благослов од САД. Според истиот извор, Бенет и Путин разговарале за „состојбата со Израелците и еврејските заедници со оглед на конфликтот“ и преговорите што се водат во Виена за обновување на иранската нуклеарен договор од 2015 година, кој е потпишана и од Русија. Израелскиот премиер бил против тој договор.

Во целата игра околу Украина, Русија сега бара гаранции, пред да го поддржи договорот за нуклеарната програма на Иран, повикувајќи се на западните санкции против неа. Државниот секретар Ентони Блинкен изрази незадоволство од ваквиот однос на Русија. Дали ова не значи дека следна држава околу која можат да се судрат Русија и  САД нема да биде Иран? Дотолку повеќ што претседателот на САД Џо Бајден, во традиционалното обраќање до нацијата рече :„Путин може да го опколува Киев со тенкови, но никогаш нема да ги придобие срцата и душите на иранскиот народ“, веројатно мислејќи да каже „украинскиот народ“. Но, дали се збуни, згреши или пак во потсвеста му е Иран?  Само тој си знае.

Дека амбициите на израелскиот премиер Бенет се големи и сериозни зборува и фактот дека тој во Москва допатува во сабота, Шабат, што е забрането за религиозните евреи со еврејските закони. Иако, велат, дека има исклучоци, кога зтанува збор за здравствени или безбедносни ситуации, кога под закана е животот. По разговорот со Путин, Бенет разговараше со претседателот на Украина, Владимир Зеленски. Сигурно за нешто што зборувал со Путин. Потоа Бенет замина за Берлин на средба со канцеларот Олаф Шолц. Минатата недела Бенет по два пати разговараше по телефон со Путин и Зеленски. А вчера повторно крена слушалка и го побара Путин. Веројатно да му каже што разговарал со Шолц. Од неговиот кабинет на новинарите им соопштија дека  во последните 24 часа Бенет дури три пати разговарал со Зеленски.

ДАЛИ СЕ ОДИ СПОРЕД ПЛАНОТ?

Очигледно нешто се крчка. Дали тоа е мирот? Многу важно е за каков мир дал благослов Вашингтон. Шолц и Бенет соопштија дека се подготвени да „работат со сите сили“ за „прекинување на војната во Украина“. Иницијативи за посредништво искажа и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, францускиот претседател Емануел Макрон. Комесарот Жозеп Борел, пак, смета дека посредник треба да биде Кина!. Во ред е тоа, ама Борел треба да се обрати до Кина со таков предлог. А како ќе се обрати кога на секој начин ја критикува и дава воинствени изјави. Од типот „Русија и Кина се наши непријатели“. Во најмала рака да се подготви Европа за војна со овие земји. Најверојатно мисли економска.

Може да дојде до прекин на војната во Украина и во сегашната ситуација, кога руските сили полека, но сигурно напредуваат на бојното поле. Зашто тешко може да се зборува за нивна брза победа. Украина од 2014 година наваму ги консолидираше своите воени сили. Ги оспособи. Тоа не се оние војски, кои го предадоа Крим без еден испукан куршум! Освен тоа во изминатите месеци, кога почна да мириса на војна, Украинците ги утврдија своите стратешки градови и места. Исто така и добро се вооружија, иако многу послабо од Русите. Но „бој не бије свијетло оружје, веќ срце у јунака“ пееше Његош. А Украинците на тој план се во предност. Мотивот за војување кај нив е поголем.

После десетина ден од војната рускиот претседател вели дека се оди според планот. И дека руската војска ќе ги исполни своите цели. Бранејќи ја одлуката за инвазија на Украина, „која ја донел со тешко срце“, тој на еден собир истакна дека Москва треба да ги брани оние кои зборуваат руски на истокот на Украина, како и своите интереси.За него, воведените санкции се како објавена војна, „но фала богу до неа не дојде“, рече Путин. Тој минативе денови неколку пати ги повтори барањата на Русија. Во разговор со канцеларот Олаф Шолц тој беше јасен. „Демилитаризација и денацификација“ на земјата, нејзин неутрален статус, признавање на Доњецката и Луганската народна република во нивните административни граници што ги имаа во Украина, а исто така и признавање на Крим во границите на Русија. Русија е против наметнувањето зона на забранети летови, велејќи дека секоја земја што ќе гонаправи тоа ќе се смета за непријател.

СТАБИЛНОСТА НА ЕВРОПА ВИСИ НА КОНЕЦ

Сето ова не е прифатливо за Украинците, иако по почетокот на војната од Киев дојдоа изјави дека може да се зборува за неутрален статус. По што почнаа преговорите. Но гледаме колку тешко одат, кога не се почитува ниту првата договореноа работа – создавањето коридори за заминување на граѓанското население од населените места. А Западот, како и канцеларот Шолц, бараат веднаш да се прекинат борбите и да се дозволи хуманитарен пристап до спорните области. Седум години не можеа да се спроведат Минските договори и тоа во релативен мир.

Во меѓувреме продолжуваат напорите на САД да го зголемат бројот на учесниците во антируската коалиција. Се праќаат емисари ширум светот. Особено во Индија. А вчера дојде вест дека високи функционери од Стејт департментот заминале дури во Венецуела на средба со Миколас Мадуро!. САД не го признаваат претседателот  Мадуро, ама би сакале да ги намалат неговите врски со Русија. Целта е изолацијата на Русија да биде што поголема. Што повеќе земји да воведат санкции. Од Русија пак, одговараат дека политичка изолација на голема земја како неа, тешко оди. Веројатно Русите овде сметаат на двете најбројни држави во светт кои не ги поддржаа Американците во санкциите кон Русија, Кина и Индија, со речиси три милијарди население. Не дека и ним им е лесно со постојаното американско притискање, но тие се доволно големи да речат – не.

Минатата недела Блинкен во Брисел се сретна со своите колеги од НАТО. Предупреди дека „стабилноста на Европа виси на конец“. Дека на тест е меѓународниот поредок. Но исто предупреди дека воведувањето зони на забранети летови би довел до војна со Русија. Затоа големите санкции се немилосрдни и удираат по Русија, рече Блинкен. Покрај санкциите кон поединци и кон компании и руски банки, над 100 познати светски брендови ја напуштија Русија и ги прекинаа своите инвестиции. И покрај сето ова Блинкен сака да се сочуваат дипломатските односи со САД. Пред некој ден руските и американските генерали си ставија „црвен телефон“, да не се направело некоја грешка меѓу нивните земји. Значи,  „ало, ало, внимавајте ќе одиме ваму,а ние ќе одиме таму..“, а Украинците ќе бидат топовско месо. Тоа е реалноста.

АНТИРУСКИ НАСТРОЕНИЈА

Напразно вреска Зеленски за забранети зони за летање, за испорака од Запад авиони и други летала. Тој како да заборава дека е во реалност, а не е во филм. Во реалната политика нема идеален свет. Нема зони, нема авиони, има само декларативни изјави. Блинкен и неговиот украински колега Димитриј Кулеба се сретнаа на границата со Полска. „Путин направи ужасна, ужасна грешка на многу начини. Тој веруваше дека Украина не постои како независна држава. Украинскиот народ сега го докажува токму спротивното секој ден. Силата, решителноста и намерите на Украинците со  поддршката на САД и на целиот свет ќе победат. Ова искрено го кажувам. Се согласувам со министерот Кулеба дека прашањето е цената на победата. САД се решени да вложат максимални напори да ја направат што е можно помала. “ нагласи Блинкен по средбата. Што значи тоа за Украина?

Претседателот Зеленски не е задоволен од ветувањата. Па во петокот се нафрли на НАТО и Западот. Дека тие ги знаат плановите на непријателот, но не сакаат да го затворат небото. Дека стравот од војна на НАТО со Русија е самохипноза на тие кои се слаби и неуверени во себе. Иако имаат многу силно оружје.Па дека луѓето гинат поради слабоста на НАТО. Неединството во него....Укранскиот претседател имаше цела тирада. Но НАТО си тера по свое. Ваквите изливи на жестокост на Зеленки кон Западот во Москва с толкуваат како „милитаристичко лудило“, кое според министерот Сергеј Лавров е обид да се испровоцира конфликт меѓу Русија и НАТО. Лавров го подучува Зеленски. „Излегува дека тој не ги слуша постојаните тврдења кои звучат од Вашингтон, од Париз, од Берлин, и други главни градови, за тоа, дека НАТО нема намера да се вклучува во конфликтот“, вели Лавров, додавајќи дека Зеленски  не смета на преговори за решавање на конфликтот, туку со вклучување на НАТО. Зеленски се лутеше и вчера. Зошто Запад не реагирал на изјавтите на Русија дека ќе ги бомбардира објектите на воено индустрискиот комплекс на Украина. Русија во понеделник најави стрелање врз нашите претпријатија од одбранбениот комплекс. А јас не слушнав денес реакција од ниту еден светски лидер, ниту од еден западен политичар на таа најава“, изјави Зеленски.

И додека Зеленски се лути ширум светот се шират антируски настроенија. Се отиде до таму што германските министерки за надворешни и внатрешни работи мораа да ги земат во заштита Германците со руско потекло и Руси и Белоруси кои живеат и работат во Германија. Ним им се кршат излози од дуќани, деца се малтретирани во училишта. Во некои земји проблеми им се прават на студенти, на научници...Во четвртокот, германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок повика на прекин на нападите врз Русите и Белорусите кои живеат во Германија во врска со ситуацијата во Украина. Бербок истакна дека малтретирањето е спротивно на основните принципи на германското општество. „Војната во Украина е војна на Путин. Секој што е непријателски настроен кон Белорусите или Русите во Германија ги напаѓа не само нашите сограѓани, туку и основните принципи на нашиот соживот. Ние се држиме заедно. Ние сме посилни од омразата“, ја цитираа РИА Новости Бербок. „Силно се спротивставуваме на луѓето да бидат дискриминирани поради нивното руско потекло или јазик“, напиша на Твитер, министерката за внатрешни работи Ненси Федер. Таа рече дека безбедносните сили и полицијата се „многу будни“, додавајќи дека властите ќе ги заштитат граѓаните и од руско и од украинско потекло. „Подеднакво ќе ги заштитиме сите луѓе и сите институции во Германија“, рече таа. Русија ги предупред балтичките земји за антируската психоза, која довела до напади врз дипломати, кои од Литванија беа демантирани.

РУСКИТЕ ХОКЕАРИ ВО САД ПОД ЗАШТИТА

Во САД руските хокеари мора да бидат под зголемени мерки на безбедност. Во „Вашингтон капиталз“ играат чтворица руски хокеари. Најпознат е Александар Овечкин, најдобриот играч во тимот. Нему сега му забележуваат за поддршката на Русија и создавањето на Тимот на Путин во 2017 година. Менаџерот на тимот Брајан Меклелан се обидува да им помогне на хокеарите, откако руската инвазија влијаеше врз нивните животи. Независно што тие таму се со години, некои со десетина, што децата се родени таму и што завршиле американски училишта. „Тешко му е“, вели Меклелан за Овечкин. „Разговаравме со него. Тој добива притисоци од сите страни. Од Северна Америка. Од Русија. Од семејството. Од многу различни луѓе. Тој се обидува се’ да среди. Се трудиме да го поддржиме. Разговараме со него. Имаме луѓе кои постојано разговараат со него и го прашуваат „како можеме да помогнеме?“ Помогнете му да го помине она што треба да го помине“.

Семејството на Овечкин, вклучувајќи ги неговите родители, сопругата (Настја) и децата (Сергеј и Илја), моментално се во Русија.„Мислам дека некои работи што се случуваат со социјалните мрежи се страшни за играчите од двете страни“, рече Меклелан. „Луѓето се бунат. Тешко е за нив и нивните семејства. Семејствата овде. Семејствата дома. Тоа е тешка ситуација.”„Јас не сум во политиката, јас сум спортист“, вели Овечкин, додавајќи „се надевам дека сè ќе биде направено наскоро. Тажна е ситуацијата во моментов за двете страни и се надевам дека ќе заврши. Јас не ја контролирам оваа ситуација“. Во меѓувреме тој изгуби некои спонзори. А Меклелан додава дека главниот град се погрижил да има обезбедување за руските играчи.

Реакцијата на Русија на ваквиот однос кон Русите во странство доаѓа од Марија Захарова портпарол на руското МНР. „Западната информативно-политичка машина и медиумите ги доведоа своите граѓани кои се на работ на национализмот во однос на постапките на Русија, поради начинот на кој медиумите ги опишуваат, изјави портпаролката на ТВ каналот „Россија 1“. „Мораме да и оддадеме почит на информативната и политичката машина на Западот, која преку социјалните мрежи, преку инстант-месинџери и мејлинг листи, природно, преку медиумите, го доведе населението во нивните земји до одреден степен на лудило. Тоа е крајот кон кој се приближи истата „западна машина“, едноставно претворајќи го својот народ од луѓе на кои се чинеше дека им се зборува за некои високи принципи, во луѓе кои веќе се на работ на некаков национализам. Тоа е сигурно“, рече таа.

ЗАТВОР ЗА ШИРЕЊЕ „ЛАЖНИ“ ВЕСТИ

Лудило, не лудило, навционализам, не национализам, Русија ја изгуби пропагандната војна надвор од своите граници. Дали има кај неа некој Џејми Шеј да ја врати во игра? Доказ за тоа е и Законот за кривично гонење за лажни вести за дејствијата на руските вооружени сили. Димитриј Песков, портпаролот на Кремљ вели дека тој закон беше неопходен во врска со информативната војна што беше покрената против земјата. „Законот е усвоен и мора да се спроведе... Сега не е лесно време. Гледате дека законот беше потребен, дури итно потребен во врска со апсолутно невидената, не кампања, туку информативната војна што беше покрената против нашата земја“, рече портпаролот на Кремљ. На 4 март, рускиот претседател Владимир Путин го потпиша законот за кривично казнување за ширење лажни информации за руските вооружени сили и за повикување на антируски санкции. Според измените, доколку ширењето фалсификати за руските вооружени сили повлекува сериозни последици, ќе се заканува со затвор од десет до 15 години.

Последиците од законот се катастрофални за некои медиуми. Радиото „Московско ехо“ и ТВ каналот „Дожд“ престанаа да работат. На барање на Државното обвинителство за наводно ширење лажни вести за специјалната операција во Украина. Радиото ќе биде ликвидирано. А беше едно од најдобрите радија. Пример за професионално радио. Главниот уредник Алексеј Венедиктов вели дека сега ќе се сконцентрира на неговите историски проекти. Редакцијата е распуштена. Многу медиуми сега престануваат со работа плашејќи се од законот, некои одат во странство. Времено се затворија и некои странски дописништва. Санкции ќе има и за социјалните мрежи. Ако сакаат да работат без да бидат законски гонети, медиумите  најдобро ќе биде да не пишуваат ништо за војната. Некои веќе решија така. На пример опозиционата „Новаја газета“. Освен медиумите на удар во Русија се и луѓето што протестираат против војната. Според некои информации вчера поради несанкционирани протести биле задржани околу 2.000 луѓе.

Санкциите кон Русија ќе го направат своето. Но иако при нивното воведување се нагласуваше од Американците, портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, на пример, и други, дека тие не се насочени кон рускиот народ, и овојпат тој ќе биде најпогоден. Затоа што Москва и Петербург, каде што живеат најбогатите Руси, не се Русија. Русија е внатрешноста. До таму тешко доаѓа вистината. И ако во големите градови населението знае што се случува, внатрешноста знае дека се води војна против непријателите на Русија. Против Американците и Западот кои сакаат да им ја уништат татковината. Тоа е наративот со кој се соочуваат обичните Руси. И веднаш ќе се постигне ефект, кој бил и порано – антиамериканизам. Со таков ефект народот ќе гладува, само да ја сочува својата држава пред налетот на Американците.

ВОДИЧ ЗА УРИВАЊЕ НА ПУТИН!

Деновиве најдов еден текст од американски „Тајм“ од 1999 година. Во него се пишува за плановите за уривање на Слободан Милошевиќ.Тајна задача што ја потпишал претседателот Бил Клинтон со која на ЦИА и се дава зелено светло за сосборување на Милошевиќ. Во протоколот од државниот секретар Мадлен Олбрајт пишувало „Ние сосема јасно изјавуваме дека не сметаме на Милошевиќ во иднина“. Не сметале на него дури да биде и пензионер. Планот на ЦИА предвидувал потрага по парите на Милошевиќ во Кипар, Грција, Швајцарија, Русија, Кина...ЦИА се надевала дека тајно ќе им префрла готовина на опозиционите групи во Југославија, дека ќе врбува дисиденти во белградската влада и југословенските вооружени сили, незадоволни полковници и млади офицери. „Секако нема никакви гаранции дека како резултат на воен удар владата ќе стане полиберална. Таман ќе влезат тенковите во Белград, власта можат да ја земат уште поголем број националисти и приврзаници на цврста рака, кои се против НАТО“, вели за списанието офицер од разузнавањето на Пентагон. Подобри од нив би биле дипломати, банкари, музиканти.

Американците не се надевале многу и на опозицијата. Таа била разединета и секој се гледал себе си како претседател. Имало обиди да се вклучи и црквата, па дури и Папата Јован Павле Втори, во нападите врз Милошевиќ. Најважно оружје биле парите. Ќе се даваат како дополнителна помош за развој на оние општини кои биле во рацете на противниците на Милошевиќ, Чачак и Нови Сад. Таму почнуваат да се одржуваат протести. Веља Илиќ е главниот противник на Милошевиќ. Според Олбрајт Милошевиќ бил најмного потресен од  обвинението од Хаг и наградата од САД во висина од пет милиони долари за негово фаќање. Па тој почнал да праќа абери за зделка која ќе му овозможи мирни пензионерски денови. Но Американците не сакале да чујат за такво нешто.

Работите на ЦИА не оделе лесно, пропагандата била блокирана од власта, банкарските сметки не можеле да се најдат, бидеќи биле под псевдоними. Во Црна Гора американски дипломат имал средба со дваесетина опозиционери, ама без резултат. Американците велат дека Милошевиќ умеел со опозицијата. Или ја кооптирал или ја делел. Во текстот го цитираат и генералот Весли Кларк, според кој, Милошевиќ е мајстор за цепкање на опозицијата. Во заклучокот на текстот се вели:„ Ако неговите непријатели одново му дадат доволно време да се прегрупира, Милошевиќ може да се присоедини кон Садам, либискиот Муамер Гадафи и кубанскиот Фидел Кастро во растечкиот список диктатори кои ЦИА не може да ги урне“. Епилогот, по овој текст е дека ЦИА, односно САД ги убија Садам, Гадафи, Милошевиќ го ставија во затвор, каде умре во 2006 година, откако во 2000 година се повлече после демонстрациите кои сигурно биле плод и на напорите на ЦИА. Само Кастро доживеа на  неколку американски претседатели да не им успее намерата за негово убиство.

Засега Американците успеаја од Меѓународнуот кривичен суд да побараат да собира докази за воени злосторства во Украина. Тие со години ги бараат парите на Путин... 

Ќе заборавев. Деновиве на пазар еден пазарџија вели дека ме гледал на телевизија и ме праша: „Ти за кого си?“. Му велам :„За Тито“.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД