Добивај вести на Viber
Во периодот од 12 до 19 октомври ќе се врши замена на старите семафори на повеќе крстосници, а како дел од проектот за автоматизирано управување на сообраќајот. Притоа ќе се менуваат семафори пешачки премини на булеварот „Партизански одреди“ (кај ТЦ „Лептокарија“, кај поранешните бараки на општина Карпош кај улицата „Манапо“, кај улицата „Аминта Трети“ и кај пазарчето „Буњаковец“), кај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и булеварот „8 Септември“.
Нови семафори ќе има на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Њу Делхиска“ (кај ВЕРО), булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „9 Мај“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и крак на улицата „Народен фронт“ (кај Цветниот пазар).
Од Градот соопштуваат дека можно е да има , како што велат, нарушување на координацијата на семафорите и на зелените бранови на булеварот „Партизански одреди“ и на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, како и одредени застои на крстосниците.
Замената на семафорите ја прави компанијата „SWARCO TRAFFIC SYSTEMS“ од Германија заедно со „ЕЛКОМ КОНСТРАКШН“ од Скопје. Целата акција се прави во соработка со ЈП „Улици и патишта“ и сообраќајната полиција.
Од Градот апелираа до учесниците во сообраќајот да покажат разбирање за активностите и да ги почитуваат знаците и сообраќајните правила.