18 Април, 2024
0.0255

Се подготвува ли Русија за глобална војна?

Објавено во: Колумни 14 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Истокот на Русија неделава беше и е домаќин на два големи воени и економско-политички настани. Станува збор за воените маневри „Исток-2018“ и Источниот економски форум кој по четврти пат се одржува во Владивосток. За маневрите, кои се одржуваат во Сибир далеку на истокот на Русија, велат дека се најголеми во Русија по 1981 година, а на нив покрај руски учествуваат и кинески и монголски воени сили.

На Источниот економски форум, кој вчера заврши, беа лидерите на североисточниот дел од Азија. Претседателот на Русија Владимир Путин, кинескиот претседател Си Џинпинг,  премиерот на Јапонија Шинѕо Абе, премиерот на Јужна Кореја Ли Нак Ен и претседателот на Монголија Халтмаагин Баттулга. Недостигаше Ким Чен Ун, лидерот на Северна Кореја. Но тоа не е изненадување. Тој не ја напушта земјата. Или многу ретко. И ако патува тоа е еднаш на неколку години, во Кина или Русија. Патувањето во Сингапур на средба со американскиот претседател Доналд Трамп беше вистински настан и подвиг за него.

Форумот во Владивосток беше мини самит на лидерите од пет земји, а ако се вброи и Северна Кореја, шест земји од Североисточна Азија во кои живеат 23 проценти од населението во светот и кои создаваат 19 проценти од светскиот БДП.

Но, светот како да беше повеќе преокупиран со воените маневри. А, економскиот форум бара посебно навраќање и најверојатно за него на страниците на Фактор ќе се осврнеме во наредните денови.  Она што беше речено на овој економско-политички самит заслужува посебно навраќање. Почнувајќи од проектите „Еден појас-еден пат“ или „Девет мостови“ во областа на економијата, па изградба на нова инфраструктура , земјоделство, дигитално управување, па понудата на Путин до Абе до крајот на годинава Русија и Јапонија да склучат мировен договор, а потоа да продолжат да бараат решение за спорните прашања. Или пак за денуклеаризацијата на Северна Кореја. И за територијалните прашања и спорови кои ги засегаат сите држави освен Монголија...

Воената вежба „Исток-2018“ започна на 11 месецов, а ќе трае до понеделник, 17 септември. Официјално, во маневрите учествуваат околу 300.000 војници и офицери, над илјада авиони, хеликоптери и беспилотни летала,, до 36.000 тенкови, оклопни транспортери и други возила, околу 80 бродови од Тихоокеанската и Северната флота. Целат на маневрите, според руското министерство за одбрана е „проверка на нивото на подготвеност на органите на военото управување при планирање и спроведување на прегрупирање на силите на големи растојанија...

Вчера од Владивосток допатува и Путин. Тој на полигонот „Цугол“, зад Бајкалот, ја следеше основната етапа од маневрите. По смотрата на воените единици рускиот претседател се обрати со зборовите дека Русија нема агресивни планови. Според него таа е мирољубива држава. „Нашата надворешна политика е насочена кон градење соработка со сите земји, кои се заинтересирани за тоа“, рече Путин. Овие негови зборови можат да се сфатат како одговор на загриженоста на некои официјални лица од Запад од маневрите.

Претставникот на НАТО Дилајн Вајт своевремено изјави дека Алијансата е известена за воените маневри уште во мај. Според него, „Исток-2018“ демонстрира фокусираност на Русија кон подготовки за големи конфликти“. Реакции има и од Јапонија, која смета дека маневрите се насочени и кон неа. Некои западни експерти маневрите ги поврзуваат со ситуацијата во Сирија и со конфликтот во Украина. Демек Русија е подготвена на тотална војна со Западот. Исто така се споменува и најавата на наводен воен сојуз меѓу Русија и Кина. За солидарност меѓу Русија, Кина и Монголија во нивната надворешна политика, како и демонстрирање подготвеност да се даде заеднички отпор на надворешните закани во случај на потреба. Овие маневри за некои воени претставници од НАТО се и порака до Алијансата. Кога сме овде да кажеме дека и НАТО ќе одржи вежби „Остри копја“ на кои ќе учествуваат околу 40.000 луѓе. Инаку воениот буџет на САД е 700 милијарди долари, на НАТО 1.000 милијарди, а на Русија е 40 милијарди долари.

Некои западни експерти сметаат дека фактот што во маневрите се вклучуваат две нуклеарни флоти претставува пример за проверка на услови за нуклеарни операции. Други сметаат дека Русија пробува глобално воено сценарио. Кое вклучува употреба на нуклеарно оружје, воздушни сили, како и значителна цивилна и воена мобилизација против НАТО. А ова сценарио, велат, би можело да се реализира, на пример, во Украина!

Вклучувањето на кинеските сили за нив значи декларирање на руско-кинески воен сојуз.

Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу  вчера изјави дека после „Исток-2018“ заедничките руско – кинески вежби ќе станат редовни. Но за создавање на вистински воен сојуз меѓу двете држави не станува збор. Како што пишуваат некои кинески медиуми во текстовите за “Исток-2018“, а повикувајќи се на кинески експерти, „сегашните односи меѓу двете држави можат да се опишат како „партнерство без сојуз“, но во екстремна ситуација тие ќе треба да се обединат и да се спротивстават на заканите, пред се, преку воена моќ“. Од Запад, пак, експертите сметаат дека графикот на вежбата, решително ја демонстрира растечката блискост меѓу Москва и Пекинг. И додаваат дека овие маневри сугерираат дека Токио мора да ја преиспита политиката на својата влада кон Русија, „која се повеќе се базирала на пуста желба и илузии“. А крајната поента е дека и цела Азија, вклучувајќи ја и Австралија, мора да ја земе оваа алијанса(Русија-Кина) како фактор при планирањето на својата одбрана.

Застанувањето на руските вооружени сили на здрави нозе беше една од целите на Владимир Путин. И тој успеа во таа намера откако виде дека со Западот не може да се разговара за некакви гаранции за безбедност. Особено во поглед на доближувањето на НАТО до руските граници. Добрите економски години Русија ги искористи за изградба на современа армија. Пред неколку месеци Путин јавно ги презентираше најновите оружја на Русија. Реакцијата на Запад беше нееднозначна. Некои земји тврдеа дека се тоа е фикција, но имаше и такви кои со сериозност се однесоа кон таа презентација на Путин. Рускиот претседател постојано повторува дека САД се најсилна држава во светот, но изминативе години ја донесе Русија веднаш зад нив.

Одговарањето на повикот на сирискиот претседател Башар ал Асад Русија да и дојде на помош на Сирија, како да беше добродојдено за Москва. Таа не само што ја зачува својата база во Тартус, туку имаше можност и за испитување во реални услови на своето најново оружје.  Кинеската армија изминативе години исто така се крена на ниво кое не е за потценување. Но таа го нема искуството на Русија. Па затоа маневрите „Исток-2018“ ќе бидат добродојдени за нејзините припадници.

Манневрите на рускиот далечен исток и во Сибир, по презентацијата на најновите видови оружје од пред некој месец се нова презентација. Станува збор на Западот да му се покаже дека Русија има нова, современа армија, која може да делува на големи пространства и може брзо да биде мобилизирана за големи воени операции. Со можен сојуз со армијата на Кина. Особено сега кога на Блискиот и Далечниот исток и во Европа се случуваат работи кои лесно можат да доведат до воени судири. Не треба да се отфрли и однесувањето на непредвидливиот американскиот претседател Доналд Трамп.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок