Добивај вести на Viber
Од денеска, па се до петок(18 октомври) во Скопје ќе се врши калибрирање на семафорите на градските сообраќајници. Ова посочуваат од Град Скопје, може да доведе до застои во одвивањето на сообраќајот, но и до нарушување на зелените бранови и синхронизацијата кај семафорите.
Ваквите активности се прават во рамките на проектот за автоматизирано управување на сообраќајот, а ќе ги врши италијанската фирма МИЗАР, која е го прави системот за управување на сообраќајот од новиот проект.
Надлежните појаснуваат, калибрацијата е процес којшто бара во одредени периоди од денот на крстосниците да биде активиран посебен начин на контрола на сообраќајот зависно од гужвите, а со цел да се увидат проблемите и да се калибрираат параметрите за потоа најдобро да се опслужува сообраќајот.
Истовремено, од 12 до 19 октомври ќе се врши и замена на старите семафори на повеќе крстосници, а како дел од истиот проект. Притоа ќе се менуваат семафори пешачки премини на булеварот „Партизански одреди“ (кај ТЦ „Лептокарија“, кај поранешните бараки на општина Карпош кај улицата „Манапо“, кај улицата „Аминта Трети“ и кај пазарчето „Буњаковец“), кај булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и булеварот „8 Септември“.
Нови семафори ќе има на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Њу Делхиска“ (кај ВЕРО), булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Франклин Рузвелт“, булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „9 Мај“ и булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и крак на улицата „Народен фронт“ (кај Цветниот пазар).
Од Град Скопје, апелираат до сите учесници во сообраќајот да покажат разбирање додека се врши калибрација и замена на семафорите, како и да ги почитуваат светлосните сигнали на градските улици.