02 Мај, 2024
0.0424

Се‘ во името на народот

Објавено во: Колумни 19 Јуни, 2015

Добивај вести на Viber

Каква иронија на владеењето!  Субвенции за народот, автопатишта за народот, милионски споменици за народот, барокни згради за народот. Се’ за народот. Во исто време,  партизирано судство  за народот, партиски обвинители за народот, висок степен на корупција за народот. Да живее народот!

И во вакви услови, на власта не и јасно зошто реагира народот, кога тие прават се‘ за народот. Па каков е овој народ? Неблагодарен ,ненаситен, алчен. Што уште треба да се направи народот да биде задоволен?!.

Дури и  Рајнхард Прибе, поранешен државен обвинител на Ирска и поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија во својот извештај ќе констатира дека оваа власт направила „многу“ за народот. Прибе ќе наведе, во Македонија има злоупотреби поврзани со изборите и  загушена слобода на медиумите. И тоа е за народот. Народот мора да се заштити од натрапниците, неистомеслениците, политичките непријатели. Замислете до каде ке стигневме ако во медиумите, се пренесуваа ставовите на политичките опоненти (на пр. комуњарите) или ако допуштевме сдсмовците да имаат подеднаква контрола врз изборниот процес исто како и вмровците. До каде ќе беше стигнала оваа држава и овој народ? Дури тогаш ќе владееше башибозук, а може би и, не дај боже, комуњариве ќе можеа да дојдат  на власт.

Но,  што е и битно за власта што ќе констатира Прибе. Битно е народот да е задоволен. А тој по се‘ излгеда дека е. Тивок, молчелив (да не речам замолчен), си ја брка работата. Наутро работи во Кромберг и Шуберт, навечер си гледа „Звезде гранда“. Има ли подобро нешто од тоа на народот, изутрина да му дадеш леб, а навечер музика. Па само злонамерен и таков некој поранешен шеф на одделот за борба против мафијата на Италија може да констатира дека нешто не чини во Македонија. Ама добро, незадоволници  имало и ќе ги има. И на вистина, ако се исклучат подаништвото во сиромаштија и насилствата од позиција на власт, речиси не се гледа дека има проблеми. Народот продолжува да си молчи како да е тоа природна, нормална состојба.  Башка, сега и зелени каротни поевтини ќе добие, а тука се и бонус грчките аранажмани,  и , и летово ќе помине. А на тие малкуте што не им се допаѓа, можат слободно да заминат на гурбет. Ем помалку незадоволни во државата, ем помалку невработени во бирото за вработување. А можеби ќе пратат и некое евро  како девизна дознака, ако во меѓу време и некој од нивната фамилија остане во оваа идила.

Меѓутоа,  Прибе констатира  дека има и корупција во бизнисот во која  како главни ликови се појавуваат највисоките фунцкионери на владејачката партија.  Па добро, тоа е нормално, ќе рече народот за кој оваа власт прави се‘ тој да се чуствува комотно и спокојно. Кој не крадел, па и овие да не крадат. Овој народ е научен да го крадат, а го краделе, кој стигнел, и тоа не од сега,  и  пак преживеал.

Очигледно е дека  оваа власт го има ореолот на успехот на владеењето со овој народ затоа што му влезе во неговиот менталнен склоп. Му  дадеш леб и музика, тоа го обландираш  со страв и сиромаштија, за што ти требаат пред се‘ партизирани институции и угушени медиуми и, и му нема крај на владеењето. Не Прибе, Не Бејли, не Орав, не Нуланд да дојде овој народ не се откажува од  пастирот. Тој е научен да биде воден и да си го следи пастирот, па макар го водел во провалија.

А злонамерниците? Тие или ќе реагираат или се приклонуваат кон „задоволниот“ народ кој е подготвен слепо да го следи пастирот. Баш вчера имав средба со една уредничка, од еден провладин медиум. Ми објаснуваше колку тоа не се согласува , со тоа  што го пишува и што го чита пред гледачите, но морала да го прави, за егзистенција.  И ова што ми го кажа оваа уредничка , веќе го имам слушнато и како елаборација добина и од лекар, професор, учител, судија. Сите обезбедуваат егзистенција. А кога егзистенцијата кај нас стана привилегија , тогаш лесно е. Впрочем, одамна е познато дека најголемите подржувачи на робовладетелскиот систем се привилигираните робови. Затоа да живее владата која прави се за народот кој мора да ја подржува, затоа што во спротивно многу лесно може да го изгуби најосновното, лебот и музиката. А таа, владата, сигурно  ќе продолжи да прави се за народот. Ќе продолжи со неговото осиромашување и со невидени популистички мерки за да ја демонстрира владината „грижа“. А тоа, е доволно многу за народот да не успее да се извлече од сиромаштијата и неправдите. Во спротивно и  само тогаш, „добродушниците“ би ја изгубиле довербата од народот, и само тогаш народот би  сфатил  дека заради „претераната грижа“ работел како воло за слама, додека дарувателот збеснувал од неправедно стекнати богатства и привилегии.

Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина