Добивај вести на Viber
Се воведуваат лиценци на воспитувачите и директорите во установите кои се задолжени за згрижување, воспитание и образование на децата од предучилишна возраст. Лиценци ќе има и за приватни и за државни установи. Лиценцирањето почнува утре, кога ќе биде објавен огласот за аплицирање на веб страната на Министерството за труд и социјала.
Според ресорниот министер, Диме Спасов основна цел на лиценцирањето е да се развива компетентноста на стручните лица во кои работат со деца. Со воведувањето на лиценцирањето, вели тој, се очекува да се подобри непосредната работа во детските градинки, а резултати од меркате че има и за децата и за нивните родители.
Во Министерството е формирана Комисија за лиценцирање на овие лица како и програмата. Во неа, вели министерот, се прашањата и литературата што кандидатите ќе можат да ги користат за проверка на стручните знаења коишто ќе бидат објавени на веб страната на Министерството.
„Процесот на лиценцирање ќе се реализира во сесии и по региони согласно со бројот на пријавени кандидати. Постојниот вработен кадар во установите за деца -детските градинки може да се стекне со лиценца во рок од една година од формирањето на комисијата, односно до 31 јули идбата година“, појаснува Спасов.
За лиценци ќе полагаат и физички лица коишто вршат одредени работи од дејноста на згрижување на деца од предучилишна возраст во сопствениот дом или во домот на родителите на детето, потоа лицата вработени во агенциите за давање услуги за чување и нега на деца од предучилишна возраст, како и на лицата коишто се заинтересирани да се вклучат во системот за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст.
Исто така со лиценцирањето ќе биде опфатен и раководниот кадар, а обуката ќе се реализира во октомври и ноември годинава. Потоа ќе се полага во три региони Скопје, Штип и Охрид. Лиценцата ќе чини 450 денари, а за директорите е задолжителна и 40 часовната обука за која ќе треба да платат 6 илјади денари.
Оние кои нема да извадат
лиценца за работа со оваа категорија деца, или ќе ја изгубат работата или ќе се соочат со санкции.
Процесот на лиценцирање треба да го поминат 56 стручни работници, 42 стручни соработници, 846 воспитувачи и 1187 негователи во установи за згрижување, воспитание и образование на деца од предучилишна возраст и 56 директори на установи, како и други лица кои се заинтересирани да се стекнат со лиценца за работа.