19 Март, 2024
0.0305

Херои и Анти-херои

Објавено во: Колумни 22 Мај, 2018

Добивај вести на Viber

Како се создава оваа проминенција нема точен рецепт и историјата покажала дека создавањето зависи од многу услови. Тука секако играат улога времето, општествените прилики, предизвикот пред кој сте исправени и располагањето мудрост и храброст со него да се справите. Да не должам, се прашувам и не знам како Ципрас го доживува неговата јавност? Современ херој, државник, рационален лидер или само просечен репрезент на некаква политичка елита. Од друга страна кај нас едно е сигурно Зоран Заев ги задолжи современите поколенија на Македонија со животна победа над злото на забревтаната Груевистичка машинерија. Нешто што никој не може да го порекне и ке се памети како еден од Илиндените на Македонија, макар што се случи без оружје, истрели и со само неколку капки крв. Но, овде нема да зборувам за возвишеностите и победите, туку токму за нешто спротивно.

Секоја генерација има и свои анти херои. Македонија со нив изобилува.

Како се станува анти херој? Кој е начинот да се  стигне на другиот крај од храброста и одважноста? Какво е чувството да го запалиш бродот на сред море и со него самиот да потонеш? Овие прашања веројатно се небитни за „великаните„ од редот на Пастирот и златните младичи од времето на неговото владеење. Тие се минато. Тоа што прави разлика е дали овие прашања ги есапат новите кандидати за добивање Оскар во оваа категорија. Еден од нив и секако прв во редот е Христијан Мицковски.

Човекот кој треба да ја реформира најголемата опозициска партија се чини дека на „патот„ по кој тргнал кон ЕУ има одлични шанси да се претвори во еден незапаметен лузер и несреќно себенепронајден реформатор. Гледајќи го со изјавата дадена по лидерската средба, во чуден и помалку „redneck” стил, онеправдан, задишан, премногу едноставен, неизјаснет и контрадикторен, ми дава идеа дека сме на праг на еден голем внатрешен дебакл, на едно големо и силно оплескување.

Напредните сили во земјава во функција на забрзано решавање на Грчката уцена за името, како историска одредница го внесоа Илинден, патем кажано дологодишна играчка и тематски парк на ДПМНЕ за патриотска манипулација со подаништвото. Соочен со ваквото „непринципиелно„ киднапирање на приказната и сневиден до крајност, притоа немајќи дозвола за друг маневар, Мицковски инстиктивно ја повлече рачката на падобранот за бегство. Ние нема да прифатиме промена на Уставот! – згрме како од пушка, небаре го изусти најголемиот изум сред битката на нерви и продолжи да реди набрзина смислени стихови тажен опозициски блуз. И сето ова во услови кога се мерат сите милиметри и се читаат сите сигнали, а не изјавата на лидерот на опозицијата. Свесен или не, наследникот на Пастирот заборави  дека Уставот на РМ, сега во својство на спасоносен падобран, уште пред 2008-та токму неговиот газда го изгази како шарена мушама и го спакува назад за на него да се повикуваат тие кои најмалку го познаваат и го бранат. Антиката на Груевски и Иванов, понудата да бидеме Македонија-Скопје, заострувањето на реториката, газењето на човековите слободи и конечно криминалите не одалечија светлосни години од вредностите запишани и гарантирани со највисокиот акт. Потоа се стана возможно. Па од тука, кога Мицковски се повикува на Уставот треба да има предвид дека партијата која ја води и особено нивното раководство во последната деценија беа enfant terribleне само на внатрешната туку подеднакво и на регионалната политичка мапа. И не само тоа.

Неколкупати сум ја чул тезата дека комплетниот курс на ДПМНЕ и неговите челници во однос на проблемот со името е детално дизајниран токму од оние на кои им беше наменета нашата античка офанзива, потпрена на најчудниот културно-антрополошки инжењеринг во поновата историја. Оваа помалку контроверзна теорија сепак ќе остане за докажување за некои други времиња, кога ќе пропеат архивите и кога ќе дувне ветар на отвореност и искреност меѓу двете земји, па можеби дури ни тогаш. Сепак, ова повторно беше една од првите работи кои ми светнаа кога слушнав за ослободувањето на екс-разузнавачите Грујевски и Бошковски и ослободителната пресуда на Грчкиот суд. Иако колевката на демократијата е далеку од практикувањето на Европското право со демонстрираниот степен на „коректност„  во случајов, од друга страна дека не е се идеално во Грчкото правосудство нека ве потсети примерот и судбината на самопредадените турски војници при бегството пред Ердоган. Како Грујевски и Бошковски го заслужија пуштањето на слобода може да се должи на слоевита компликација и испреплетеност во соработката на поранешните структури од двете страни на границата. Со една назнака, а тоа е дека структурата отаде границата бутка агенда непроменета и во континуитет и која цело време е на линија на Грчките национални интереси без оглед на цена, инструменти и начин.

Во таа констелација очигледно не толку добро се снаоѓа нашиот прв опозиционер. Избран како изнеднадување од клупата за резервни играчи кое важи за тип со краток рок на траење, Мицковски полека се губи во местенки кои за него доаѓаат пред се од различните центри на моќ внатре во „револуционерната организација“. Вака сите кои го гледале „Отело“ може да препознаат еден современ Македонски образец на оваа драма, разбирајќи дека нашиот трагичен Мицковски во улогата на Отело, прелажан од својот поручник, полусвесен, ќе ја убие нашата единствена позрела шанса за иднина и опстојување. Со тоа, патем кажано, во политичка смисла ќе се егезекутира и самиот себе. Давам милион да слушнам со кого се консултираше телефонски на паузата во текот на лидерската средба (Со кого, впрочем се консултира еден Чак Норис кога ќе згусти?) Ми се чини дека таа енигма нема ништо тајно во себе.

Сепак, не е се ненадоместливо изгубено за него. На бирото на Мицковски чека плик на кој пишува „план“. Би треба да се отвори. Претседателот на ДПМНЕ мора да знае дека немаме простор да ги повторуваме грешките и разединетоста на нашите славни претци чија борба не успеа да ги омеѓи границите на Македонија во времето кога сите народи во  опкружувањето ги добиваа своите национални држави. Само со Македонија во окото и градите, разединети и  неорганизирани, поделени и неединствени, на почетокот на 20-от век беа лесен плен на соперничките агенди и монета за кусур на незаинтересираната Европа.

Мицковски би требало да знае дека не постои перница така мека и чиста како што е совеста. Доколку ја избереа како опција Македонија, барем во следниот период ќе може мирно да го гасне светлото пред спиење. Со тоа нема да се реши прашањето, но за почеток ќе значи надминување на тесноградоста и профитирањето пред јавноста, надминување на дневното и минливото, а истовремено дозволувајќи општото да исплива над личното. Само така лидерството ќе го надмине партиското сплеткарење.

Во такви услови едногласни ќе може да тропнеме по своите права и ќе покажеме дека ова племе веќе одамна е држава и тоа токму таква – вистинска, зрела и воспитана во духот на Илинденското востание. Сите, зрели во пристапот, достојни на позицијата и дораснати на предизвикот. Денес Мицковски веројатно сфаќа дека ниту една победа не е црно-бела и да се стигне до неа компромисите и откажувањата се вообичаено големи. Најпосле не знам дали решавањето на прашањето со името воопшто ќе биде победа знаејќи го фактот дека имавме многу подобри перспективи само десетина години наназад. Затоа ќе резимирам дека скорото решение е најприфатливиот излез кој на сите во Македонија, ако не победа, сигурно ни обезбедува место на страната на победниците.  И во оваа точка има едно прашање кое не засега сите а тоа е:што е поважно од фактот дека победниците ја пишуваат историјата? Одговорот е: фактот што победниците ја пишуваат и иднината. Европската Унија не е исклучок, туку еден добар пример на оваа максима. А, Мицковски  тоа конечно треба да го разбере и прифати.

Анте Попоски


Можеби ќе ве интересира

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

Путин доби нов мандат – Европа се подготвува за војна

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?

НАТО војска во Украина или посредништво за мировни преговори?