30 Април, 2024
0.0248

Север и Југ

Објавено во: Колумни 22 Јуни, 2014

Добивај вести на Viber

Чиле ја победи Шпанија. Уругвај ја победи Англија. Костарика ја победи Италија. Чиле и Костарика се пласираа во осминафиналето на светското фудбалско првентство. Шпанија и Англија си ги пакуваат куферите и се враќаат дома.

          Медиумите од сите меридијани им посветија многу поголемо внимание на поразените, отколку на победнииците. Поразените влегуваат во кругот на големите и славните, тие ја продаваат приказната и ја зголемуваат читаноста или гледаноста. Така, деновиве можевме да видиме безброј анализи кои се занимаваа со причините за поразот на Шпанија, со прашањето дали и кога Англија ќе биде светски првак, со дилемите дали Италија погрешила во тактиката. Со еден збор, ловориките (макар и во негативна конотација) повторно ги собраа репрезентациите од богатиот Север. Многу малку внимание беше посветено на „анонимусите“ од сиромашниот Југ, кое ете, се дрзнале да ги фрлат на колена „ѕвездите“ од светски калибар. Костарика нема „ѕвезди“ во својата репрезентација. Чиле и Уругвај имаат само двајца или тројца играчи кои се рамо до рамо со европските „ѕвезди“. Сите други играчи од овие земји се помалку или повеќе анонимни, барем за нас кои живееме во Европа. Па сепак, репрезентациите од Средна и Јужна Америка ги декласираа европските фудбалски велесили. Зошто е тоа така? Веројатно затоа што на богатиот Север „тече мед и млеко“, а сиромашниот Југ „се дави“ во долгови. Веројатно затоа што поголемиот дел од клубовите од Западна Европа „пливаат во пари“, а поголемиот дел од клубовите од Средна и Јужна Америка едвај „врзуваат крај со крај“. Веројатно затоа што играчите (или децата) на 15 години во Европа и во Средна и Јужна Америка имаат сосема различни материјални услови и сосема различна перспектива во животот. Ете затоа е различен пристапот и кон играта и кон животот на играчите од Средна и Јужна Америка. Тие знаат дека од мали нозе мора максимално да се внесат во тоа што го прават. Знаат дека талентот сам по себе не е доволен, дека тој талент мора да биде надграден со дисциплина и со макотрпна работа, односно тренинзи. Одличен пример дадоа коментаторите на Македонската радио телевизија за еден од фудбалерите на Уругвај кој во својата најрана младост морал да се занимава со неколку занаети, за да обезбеди средства за основна егзистенција на своето семејство. Дури и кога станал фудбалер, а потоа и репрезентативец, не го напуштила скромноста, па со автобус одел на тренинзите и натпреварите. Многумина мислат дека „сон“ на секој фудбалер од Средна и Јужна Америка е да заигра во Европа. Всушност, приказната е малку поинаква. Големите и богатите европски клубови се тие кои „се тепаат“ во своите редови да донесат талентирани играчи од јужната хемисфера. Зашто големите клубови од богатиот Север знаат дека најголемиот дел од фудбалерите од Средна и Јужна Америка мора да работат, за да успеат. Ним ништо не им е дадено од Господ, тие мораат „да се крстат“ во своите две нозе, во неспорниот талент, но и во дисциплината и постојаното докажување на големата сцена. Дури и најголемите „ѕвезди“ на Чиле и Уругвај се разликуваат од своите европски колеги. „Ѕвездите“ од Јужна Америка се вистински лидери на своите репрезентации. Тие ја организираат играта, тие ги мотивираат другите, тие со целото срце и душа се радуваат на секој постигнат гол за својата репрезентација. За разлика од нив, европските „ѕвезди“ се концентрирани на своите вили, јахти и милиони на банкарското конто. Нивните изгубени погледи во текот на играта кажуваат дека се презаситени од фудбалот (иако тоа им е работа) и дека едвај чекаат да завршат натпреварите на светското првенство, за да можат повторно да им се вратат на вилите и милионите. Велат дека фудбалот се појавил во Англија во втората половина на 19-от век. Во тоа време (а и долг период потоа) фудбалот беше игра на сиромашните. Тие трчаа по топката и се обидуваа да дадат гол повеќе од противникот. За жал, во последните неколку децении на сцена стапија спонзорите, обложувалниците, телевизиските реклами. Фудбалот стана бизнис, а добар дел од фудбалерите кои доаѓаат од богатиот Север станаа медиумски ѕвезди, манекени и што уште не. Играњето фудбал го оставија во своите детски спомени или спомените од раната младост кога мораа своите дресови да ги натопат со пот, за да постигнат нешто во животот. Сега дојдоа други времиња. Фудбалот стана игра на богатите. За среќа, на сиромашниот Југ сеуште има фудбалери за кои фудбалот е најважната споредна работа во светот. Па и повеќе од тоа. Фудбалот е средство за егзистенција, средство со кое може да се успее во животот. Токму поради тоа, радува фактот што фудбалот се враќа на своите корени, се враќа кон сиромашните слоеви на општеството кои се единствените вистински вљубеници во оваа игра. д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД