24 Април, 2024
0.0268

Шансите и потребите за дигитализација во контролингот

Објавено во: Колумни 27 Мај, 2021

Добивај вести на Viber

Во поглед на процесите на дигитизација vs. дигитализација, кои забрзано итаат кон сите нас, ако се земам за пример јас, важам за конзервативен. Оттука, само индивидуите и организациите кои поседуваат висока доза на флексибилност (читај: приспособливост кон промени) во нивните постапки, ќе одат напред. Имено, пост-ковид периодот, ако може така да го наречеам, со огромна брзина ги засили процесите на дигитализацијата на секое поле. Знам, ништо не е исто, и нема да биде исто. Но, милувале ние или не, бегање од таквите процеси, за жал, тешко ќе може да се направи.   

Тука, самиот на себе, често си го поставувам прашањето: Што е дигитизација vs. дигитализација?

Дигитизацијата, во основа, означува процес на менување на нештата од аналогна во дигитална форма, ако може така да се изразам, без да ми замерат експертите во таа област. Додека, пак, дигитализацијата е употребата на дигиталните технологии, со цел, промена на бизнис моделот во компанијата и овозможување на нови можности (вредности) за стекнување на приходи во истата. Сега, ќе следува пост-ковид фазата во текот на живеењето, како последователна на сите претходи поминати искушенија на човештвото. Тоа, според мене ќе биде состојба, во која, значајно ќе се намали егзистенцијата на неизвесни настани, но од друга страна рапидно ќе се зголеми, кај граѓанството, отпорот кон промените, кои, сега, самите ќе не притискаат да се менуваме, а притоа, ние нема да сакаме. Практично, до сега, ние бевме т.н. „туркачи“ на промените, а сега, во новата фаза од живеењето (во пост-ковид периодот) самата по себе, состојба, ќе притиска да се менуваме, и тоа, се посилно и посилно. Тука, да нема дилеми.

Оттука, во компаниите, за една промена да биде успешна, освен психологијата, која, треба да делува врз намалувањето на отпорот кон неа, менаџментот мора да се насочи кон процесите на дигитализација. Или, ако милувате со зборовите на колегите контролери (од Германија, Хајделберг) потребите за дигитализација во контролингот, денес, добиваат вистински третман, за разлика од кога било, претходно. Тоа, упатува на една актуелна тематика за сите претпријатија, банки и останати финансиски институции, а тоа е дигитален контролинг (Digital Controlling). Поимот „дигитален контролинг“ во модерната компанија подразбира имплементација на автоматизирани процеси, од страна на контролерите, кои, со таквата постапка можат да си го „купуваат“ своето време, потребно за успешни анализи на финансиската иднина (пример: алатки за симулација и анализа на состојбите – ризиците во компанијата).

Македонските компании треба да се соочат со оваа иднина

Новиот „пост-ковид контролинг“ треба да воспостави структури, проверени и прилагодени на побрзо движечките барања со користење на подвижни процеси. Првенствено, во насока на имплементација на процесите, внатрешно-информациските системи на компанијата треба да бидат подготвени за значителното зголемување на количината на податоци и потребните информации. Исто така, важно е да се изостри претприемачкиот ум. За таа цел, компетенциите на информатичката технологија, на системите и на вработените мора да се развиваат на начин, кој е насочен во согласност со барањата. Доколку, контролорите на иднината сакаат да ја исполнат улогата на деловни партнери во компаниите, кои, пред сѐ бараат и даваат поголема вредност, од суштинско значење е да ги знаат аспектите на развој во насока на дигитализација на контролингот, особено во делот на утврдување на сопствените одговорности, и да играат креативна улога. Имено, контролерот мора да биде во состојба да ги мапира сите промени и прилагодувања на деловните модели,  дигитализацијата на другите области во компанијата и се повеќе агилните структури во контролингот. Ова е потребно, со цел, од една страна контролорите да ја исполнат својата советодавна задача кон менаџментот, и од друга страна, тие, како главен агент за промена да го поддржат позитивниот развој на компанијата. 

Дигитален контролер

Компетенциите за новото време на контролерите, несомнено ќе бараат повеќе увид во основите на дигитализацијата и ќе биде потребно повеќе знаење за ефикасно користење на деловната интелигенција (BI) и поседување на техники за предвидливост во анализите. Практично, дигитализацијата на контролингот ќе нуди многу добар преглед за секој од членовите на тимот (контролери во компанијата), да биде активен во контролирање на процесите, да ги следи контролинг инструментите, како и на многу појасен начин, да го прави процесот на известување. Првиот чекор, а би рекол и најважен, од постапките за имплементацијата на дигитализацијата ќе биде, да се препознаат шансите и потребите во компанијата за ваквата промена. Чекор два, потоа, ќе биде воведување на проект за трансформација во контролингот. Ова, е фаза каде се очекува мал отпор од менаџментот. На крајот, како чекор три, се планира да биде работа во т.н. „BI лабораторија„ или со ИТоддел во компанијата.   

Од ова, конкретното елаборирање на процесот на дигитализација во контролингот, ако го дебатираме по фази, во една македонска компанија би изгледал вака:  

Фаза еден, во себе вклучува автоматизирање на контролинг-процесите во компанијата и подобрување на алатките за предвидливост при анализа на планирањето. Исто така, во оваа фаза е значајно да се дигитализира известувањето (читај: репортингот). Германците, во оваа фаза, користат т.н. модел на зрелост, преку кој го мерат степенот на дигитализација на контролингот во конкретната компанија;

Фаза два, подразбира преглед на тековните трендови во автоматизацијата на процесите, и како работи автоматизацијата на роботски процеси. Тука, се треба да се видат критериумите за избор на процеси погодни за македонските претпријатија. На крај, се имплементира проектот за автоматизација на роботски процеси во контролингот;

Фаза три, се оптимализира планирањето и предвидувањата преку предвидлива анализа во компанијата. Овде, важни се методите за да може да се процени квалитетот на прогнозата;

Фаза четири, воведување наDashboardsпри начинот на известување. Ова значи, од страна на контролерите се користат сите можности за дигитализација, а во насока на подобрување на контолинг извештаите, со цел, нивно разбирливо прифаќање од страна на примателите. За успешност на оваа фаза, најважни се принципите на визуализација и табелирање во изготвување на извештаите; и 

Фаза пет, контролерот како деловен партнер на менаџментот, го поддржува процесот на имплементација на дигиталните бизнис модели во компаниите. Имено, во оваа фаза, контролерот има за задача да го подучува менаџментот, за тоа, како да го извлечете максимум од дигиталните платформи или моделите на претплата (outsourcing). 

Според ова, сум на мисла дека корпоративниот контролинг веќе нема да може да и одолее на оваа промена во компаниите. Искушението на можностите е големо. За таа цел, веќе од октомври, оваа година, започнуваме со интеграција на ваквите едукативни програми во пракса, и тоа, со една од најголемите три компании за дигитална трансформација во светот - „Валтек“. Оттука, со колегите од Германија, сме на мислење дека македонските контролери, а преку нив и менаџментот на компаниите кај нас, ќе го доближиме до германските процеси на дигитализација во контролингот.

проф.д-рСиниша Наумоски,

Директор на АБИТ и сертифициран професор за контролинг на германската високообразовна установа ХАЈДЕЛБЕРГ Институт во Скопје 


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок