Шилегов набави машини метлачки што ги произведува „Брако“ на Анѓушев
Објавено во: Македонија 10 Февруари, 2021
Градот Скопје и ЈП „Комунална хигиена“ денеска ставија во употреба 10 нови машини за метење на јавните и на сообраќајните површини. Новите машини кои ги набави ЈП „Комунална хигиена“ ќе бидат распоредени во сите скопски општини. Градоначалникот Петре Шилегов објави дека денеска ги промовира првите 10 од вкупно 47 комунални возила што ќе бидат набавени оваа година. Станува збор за 10 метлачки за одржување на хигиената на јавните површини - сообраќајници, велосипедски патеки и тротоари. Инаку машините се од брендот Green machines кои всушност ги произведува велешката компанија Брако чиј претседател на одборот е поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев.
„Вистински ги трошиме градските пари, за потребите на градот и за потребите на граѓаните. Знаете дека во 2019 година почнавме со нов концепт за третман на комуналниот отпад, тогаш беше набавена сериозна механизација, ова денеска е втора фаза, а во третата фаза пролетва ќе пристигнат преостанатите 37 возила. Со тоа, ги подобруваме перформансите на јавното претпријатие „Комунална хигиена“ и го намалуваме материјалниот трошок за неговото работење. Покрај контејнерите и кантите за џебен отпад што ги поставивме во изминативе две години ова ќе помогне да имаме целосно поинаков концепт на третман на јавните површини - рече градоначалникот Петре Шилегов, на денешната промоција на новите машини за чистење.
Во ноември лани беше објавено дека велешката компанија „Брако“ ја произведе првата во Европа еколошка машина за одржување хигиена во урбани средини под брендот„Green Machines“ GM 500H2 која работи на водород. Тим од 15 инженери од Северна Македонија во соработка со инженери од Холандија работеа на еколошкото возило за чистење што испушта единствено вода, а не како досегашните издувни гасови.
Компанијата „Грин машинс“ од октомври 2019 година е во сопственост на велешки „Брако“, и таа има долгогодишна традиција во областа на производството на технолошки напредни и иновативни машини за одржување на хигиената во урбани средини и важи за глобален лидер со врвна репутација. Машината GM 500H2 претставува револуционерно решение и целосно се произведува во Велес, од каде што се извезува низ целиот свет, од Лондон до Сингапур.
А.Т.
* Наградата се доделува на котирано друштво, избрано со гласање преку онлајн анкета на веб страниците на Берзата и интернет порталот „Фактор“, кој е партнер на Берзата во доделувањето на оваа награда. Гласањето се врши паралелно на двете веб страници и акцијата на издавачот што ќе има најмногу гласови од двете анкети збирно, ќе биде прогласена за Акцијата на годината по избор на јавноста за 2024 година.
Предмет на анкетата е листа од десет котирани акции, избрани врз основа на остварениот промет и транспарентноста во нивното работење.