25 Април, 2024
0.1255

Шнајдер од А класа

Објавено во: Колумни 29 Септември, 2018

Добивај вести на Viber

Кога му дојде редот на овој текст за објавување неговиот јунак за жал не е веќе меѓу нас....ништо не навестуваше дека тоа ќе се случи.....таков е животот можеби ќе рече некој!

Скопскиот кројачки бренд Благоја Ангелковски со својата работа и односот спрема муштериите и нивните пробирливи барања остави траен белег во машката мода во градот.Го познавам од многу одамна, но дури сега дојде време да го замолам за разговор во врска со неговата работа,но и за Скопје од неговото детство и младешките години.Имаше првична резерва дека со своите поодминати години(околу 80)ќе се сети на сите детали,но го охрабрив и се излезе како што треба.

Потекнува од многудетно семејство(8 деца),а живеел во Циган маало,во пространа двоспратна куќа со двор во кој имало овошни дрва и доста зеленило.Во приземјето на куќата имало два дуќана-саатчија и дуќанот на таткото на Цале кројачот,кој, исто така, бил шнајдер, но не со големо занаетчиско педигре.Домот на Ангелковски бил на улицата што водела од некогашен хотел Сплендид, берберницата на мајстор Цоне,па покрај грчкиот конзулат,се некаде до Трготекстил(дворот на сегашната гимназијата Јосип Броз) и железничката зграда со продавница за мебел во приземјето-Јадран.Благоја живо се сеќава на свирките на Медо Чун,кларинетист кој ги надмина локалните граници со својот талент,на големите празници Велигден и Божик(за првиот вели дека го нерекувале „плачко“ затоа што секогаш имало понекое незадоволно детенце од купената облека за празникот),на честите посети на кино,но и на постојаниот циркус кај золошка со Кики и Доди како кловнови, кои „праеле смешки“ што ги забавувале најмладите гледачи.Ќеркичката на негов комшија била успешен акробат и покрај противењето на родителот да се занимава со  професијата циркузант.

Во куќата,како и во многу други скопски домови доминантно место заземала машината за шиење Сингер(„да имаш Сингер е исто како сега да поседуваш Марцедес“,се шегува мојот соговорник).Машината требало да помогне во облекувањето на челадта на Ангелковски и само што Благоја навршил тричетиринаесет години татко му го дава „на занат“ и тоа,се разбира,кројачки,за да научи да крои и да шие за своите дома.Прв мајстор од кој што почнал да ги учи кројачките вештини и скриени тајни бил мајстор Доне од Дивље кај кого,односно во задругата кај кино Култура дошол во 1950 година.Од него научил дека се крои не со креда,туку со игла и конец,пред да се сече материјалот,а потоа со топило се квеси скроеното парче и се пегла,за да не се скуси подоцна при евентуално перење или хемиско чистење.Секоја нарачка се пробала двапати,а потоа последниот збор го има мајсторот.Чиракувањето траело три години,потоа 4 години калфа и до колку те бива полагаш за мајстор.Благоја уште рано го покажал својот талент и напредувал со метеорска брзина.

Учел и и во занаетчиско школо што се наоѓало кај некогашна воена болница-сега хотел Континентал,каде што директорувал мајстор Јован братот на огашниот  функционер Боге Кузмановски.Соученици му биле и домци од„ населба Пролеќе“,егејчиња кои секојдневно во строј доаѓале на школо и на работа во официрската задруга во близина на некогашната Kатоличка црква во центарот на Скопје.Благојаоткако положил мајсторски испит пред еминентна комисија едно лето го заменува мајсторот и сфаќа дека останатите го ценат и слушаат и дека работата врви без проблем.Иако не билa сезона  скопјани шиеле и купувале штофови,главно во„ Громби“.Благоја дошол кај шефот на продавницата, Кемал -скопски турчин, и го замолил купувачите да ги упатува во задругата кај кино Култура,за што му сошил бесплатно костум.Бргу доаѓа време талентираниот млад шнајдер да размислува за сопствен ангажман.....

Првиот дуќан на младиот надежен кројач,кој имал визија уште на дваесет и некоја година,веднаш откако станал квалификуван мајстор некаде во шеесеттите, се наоѓал на местото каде што сега е УЈП,пред Монополот.Порано тоа бил самарџиски дуќан во куќата на Цанко,познат армоникаш кој свирел по скопските кафеани.Го уредил и дотерал по сопствен вкус,како што му доликува на моден салон, кој стрпливо ќе си го трасира патот во еснафлакот во градот во кој отсекогаш имало кројачи со име и реноме.„Ако Суинг,Деспотовски и Никола Танев шијат по десет одела,зарем јас не можам да сошијам пет“?-си калкулирал младиот шнајдер.Работата убаво тргнала зашто тој уште во кројачката задруга кај кино „Култура“ се здобил со реноме на занаетчија со поинаков поглед кон машката мода.Кроел и шиел по поинаков терк-ако во мода биле широки и комотни палта и панталони,Благоја,како по италијанската мода која бргу се пробивала на овие простори, кроел и шиел тесни модели,палта со високи раменици и тесни и плитки панаталони.Поплавата не го погодува зашто водата дошла само до Црвен крст,но затоа,пак,земјотресот  во 1963 година ја урива куќата на улицата 11 Октомври во која се наоѓал првиот дуќан на младиот мајстор.

Уште тогаш зрело и постојано размислувал за преселба во Белград,југословенскиот главен град и центар на збиднувањата во бившата држава,во која посебно тешко им било на приватниците,но макотрпно се пробивале и опстојувале.Тој обид не успева и Благоја дефинитивно се враќа во Скопје.Со татко му градат привремен дом во Автокоманда,а потоа купува стан,каде ако не кај Монополот и од тогашната власт добива монтажен објект,го купува и уредува и во него по 5о години се уште се наоѓа и работи со несмалена младешке жар иако е во 9-та деценија.

Иако го знаев и познавав долго не знаев за една негова страст и навика.Колку долго и напорно да работел во ноќта Благоја секое утро пешачел на Водно до Шесте чешми,се насладувал на глетката долу кон заспаниот град и на природата.Често среќавал и дивеч кој исплашен од раниот посетител се распрснувал во бекство,било да се тоа срни или зајци.Напливот од конфекциски куќи и промената на табиетот на скопјани да купуваат готова-фабричка облека ништо не му можел на Ангелковски,тој имаше постојана клиентела меѓу повидните,но и обичните граѓани(како мојата маленкост,на пример).Кај него шијат балетаните Екрам и Марин,актерот Шишков,политичарот Станковски,директорот Гаџовски,диригентот Џамбазов и пејачите Димитров и Мијалковски.Бил во голема фрка пред почетокот на првиот скопски фестивал на забавна музика,каде што бил поканет и како почесен гостин.

Долго и со задоволство и голем мерак се носеа неговите модели со посебен печат,а сосема е разбирливо што од ова мајсториште кројачкиот занает го научиле многу познати имиња,Младен,Ангеле и Цури,кои се врвни кројачи по Европа и не забораваат на својот учител и мајстор.Тој,пак,свесен за своето реноме и искуство секогаш имаше само убави зборови и како што ми рече  никогаш не се плашел од конкуренцијата,но се плашеше од фактот што во Скопје има се помалку кројачи!!!! 

Moјсо Мојсовски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД