Штефан Павлињек во „бизнис-клуб плус“: „Вработувањето на младите по завршувањето на нивното образование е можност да се спречи нивното иселување“
Објавено во: Мои пари 15 Декември, 2025 10:10
„Мојата желба е младите кои го завршуваат образованието и кои ги преземаме кај нас на работа да останат во својата држава и тука да ја градат својата професионална кариера“, истакна Штефан Павлињек, стопанственик и директор на групацијата „Рото“, во најновата епизода на поткастот „Бизнис-клуб плус“ со Бранко Азески.
Павлињек потенцира дека од исклучително значење е она што се изучува на факултетите да се примени во пракса заради создавање нови производи и услуги. Особено се залага за тоа младите да се вработуваат во неговата компанија веднаш по завршувањето на нивното образование бидејќи така се искористува нивното знаење и се придонесува за спречување на иселувањето на младите надвор од државата. Според него, државата мора да најде начин да ги задржи младите во сопствената земја и да им овозможи тука да ја градат својата кариера затоа што вложила во нивното образование.

Просечната возраст на вработените во компаниите на групацијата „Рото“ е 36 години. Тоа се млади лица кои ги стипендира и ги поддржува групацијата и постојано инвестира во нивното знаење и професионален развој.
Во разговорот Павлињек се наврати и на своето потекло од Поморје, дел од Словенија на границата со Австрија, Унгарија и со Хрватска. Нагласи дека тоа долго време било најнеразвиеното подрачје во Словенија, но благодарение на средствата од ЕУ денес се развива со забрзано темпо. Испрати порака до Македонија, негова посебно драга земја, како држава кандидат за членство во ЕУ максимално да ги искористи сите средства од европските фондови бидејќи по влезот во ЕУ средствата значително ќе се намалат.
Павлињек истакна дека Македонија за него претставува важен пазар и регионален центар, особено поради вредните луѓе и блискоста со пазарите на Бугарија, Грција, Албанија и на Косово. Како претседател на Стопанската комора за занаетчиство и мали бизниси на Словенија активно ја поттикнувал соработката со Македонија и помогнал голем број македонски производи да се пласираат надвор од земјата. Додаде дека е особено горд што е почесен конзул на Република Северна Македонија во Словенија.
Запрашан за трите клучни диспаритети во општеството: (1) односот меѓу капиталот и трудот, (2) односот меѓу активното и издржуваното население и (3) континуитетот на примена на правните прописи при промена на власта, Павлињек оцени дека државата недоволно сериозно го третира стопанството. Тој подвлече дека за развој на стопанството се потребни финансии и инвестиции, а кога се развива стопанството, се развива и државата. Тој нагласи дека економскиот напредок и задржувањето на работната сила се нераскинливо поврзани.
Линк до видеото https://youtu.be/0U2D4hImrjE?si=XdjBaPGSTrv4seGP
Можеби ќе ве интересира
ВИДЕОЛОТАРИЈА ЈА РЕАЛИЗИРАШЕ ТРАДИЦИОНАЛНАТА 25 КРВОДАРИТЕЛНА АКЦИЈА
Еден чекор ве дели од длабинска хидратација – откријте ја тајната на совршената кожа!
Богати празници со „Лото 7“ - 7-ка над 1 000 000 евра може да оствари повеќе од еден сон
ТАВ Македонија го прослави 3 милионитиот патник во една година на Меѓународниот Аеродром Скопје
Македонија2025 со рекордни резултати во 2025: поддржани 2.573 лидери и таленти, 168 бизниси и 190 стипендисти
Дијалог меѓу традицијата и современоста во Скопје Cити Mол
СО ПОДДРШКА ОД ВИДЕОЛОТАРИЈА КАСИНОС АВСТРИЈА, ОПЕРСКАТА КЛАСИКА „СЕВИЛСКИОТ БЕРБЕР“ ВО МОБ
Како пензиските заштеди стануваат дел од иднината на целото семејство




