09 Октомври, 2024
0.0263

Што го одбележа Светското првенство: Од Мбапе и Нејмар до ВАР и Путин

Објавено во: Стил 16 Јули, 2018

Добивај вести на Viber

Дури и кога фаворитите рано ќе испаднат, фаворит освојува: Италија не се ни квалификуваше, минатиот шампион Германија ги разочара сите и не ја мина ниту групата, Аргентина  и Шпанија беа елеиминирани уште во првата елиминациска-фаза, додека Бразил стигна само до најдобрите осум. Но и овие рани елиминации на земји-поранешни светски прваци не значеа дека некоја нова репрезентација ќе се зачлени во клубот на планетарни шампиони, бидејќи великанот Франција не го дозволи тоа и го повтори успехот од 1998-та кога како домаќин го подигна трофејот.

Хрватска мина три елиминациски фази играјќи вкупно 360 минути, но тоа беше недоволно една мала земја за прв пат да биде најдобра во светот откако тоа досега му има успеано само на Уругвај во првата половина од минатиот век. Од тогаш, до денеска во финале, покрај Хрватска, се обиделе уште Чехословачка, Унгарија, Шведска и Холандија но не успеале.

Од друга страна, Франција рутински ги доби сите натпревари на патот до највредниот фудбалски трофеј против Австралија и Перу во фазата по групи и Аргентина (4-3), Уругвај (2-0), Белгија (1-0) и Хрватска (4-2).

Се роди нова ѕвезда: На едно  Светско првенство може да се роди нова фудбалска ѕвезда или не мора, но во Русија фудбалскиот свет го доби Килијан Мбапе, тинејџерот чие време допрва доаѓа а веќе е прогласен за најдобар млад фудбалер во Москва.

Со постигнатиот гол во победата од 4-2 над Хрватска во финалето, 19-годишниот напаѓач го изедначи рекордот на Пеле и стана само втор играч под 20 години со погодок во финале на Светското првенство. Пеле биеше прецизно два пати  во финалето против Шведска, кога Бразил победи со 5-2 на Светското првенство во 1958. Кралот на фудбалот тогаш имаше само 17 во тоа време.

Во групата на светски прваци кои имале најмногу 20 навршени години кога го подигнале трофејот е уште италијанскиот првак Џузепе Бергоми. На 18-годишна возраст, бранителот играше значајна улога во победата на италијанската репрезентација во финалето во 1982 година, со 3-1 над Германија.

Мбапе рекорди поставуваше и со голот против Перу како најмлад француски стрелец на едно СП и против Аргентина како најмлад двоен стрелец на еден Мундијал по Пеле, за што доби и честитики на твитер од најдобриот фудбалер на сите времиња.

ВАР ја оправда довербата: Системот ВАР (video assistant referee)  се на се ги оправда очекувањата, особено во делот на доделувањето на пеналите. Од 29 досудени најстроги казни, 11 пенали дојдоа по преглед на видео-снимките. Пенал и беше доделен и на Франција во финалето против Хрватска, а го реализираше Антоан Гризман за водство од 2-1. На овој начин се доделени многу повеќе удари од белата точка (29) во однос на претходните Светски првенства каде што бројот на пенали најмногу достигнува до 18.

Може да се каже дека оваа технологија го промени и начинот на игра кога се чека нафрлена топка при прекин во шеснаесетникот. Фудбалерите не се толку цврсти и „валкани“ во дуелите, бидејќи стравуваат да бидат забележани од видео-судиите и да добијат санкција. Тоа го покажува и евиденцијата дека дури 70 погодоци од вкупно 168 се постигнати по нафрлувања од слободен удар или корнер.

Меси и Роналдо не влегуваат кај вечните?: Двајцата најдобри фудбалери на денешницата Лионел Меси и Кристијано Роналдо по раната елиминација на Светското првенство во Русија најверојатно нема да го задоволат непишаниот криериум дека за еден фудбалер да се најде меѓу „вечните“ е потребно да освои Светско првенство покрај сите други тимски титули и лични награди и признанија.

Големите ривали загубија со Аргентина и Португалија во ист ден од Светското првенство и остануваат без трофејот светски шампиони, иако Меси стигна до финалето претходно во Бразил 2014, а Роналдо стана европски првак во Франција 2016.

Роналдо има 33, а Меси 31 година и прашање е дали ќе имаат сили да ги предводат своите национални тимови кон врвот на следниот шампионат во Катар.

Ролингот на Нејмар: Една од трите најголеми светски фудбалски ѕвезди на денешницата дојде недоволно опоравен во Русија, но очекувањата на Бразил и на светот беа дека овој пат ќе блесне на планетарниот собир, по дебаклот на „кариоките“ како домаќини во полуфиналето на минатото СП кога загубија со 1-7 против Германија, а најдобриот бразилски фудбалер не настапи на тој дуел поради повреда.

Ниту на овој турнир не ги оправда очекувањата во поглед на тоа дека ќе го направи Бразил повторно конкурентен по поразот од Белгија во четвртина-финалето, а со него во текот на целиот Мундијал се мајтапеа со монтажи и тролање по социјалните мрежи откако премногу театрално изнуди прекршок превртувајќи се низ теренот во натпреварот против Србија. Со прекумерните реакции продолжи и во осмина-финалето против Мексико..

Нејмар, познат по своите симулации и арогантност, стана најимитираниот фудбалер на светот, а дури и цели групи се собираа за да направат видеа од неговиот славен „ролинг“.

Русија - добар домаќин: Русија, наспроти очекувањата од одредени западни медиуми дека можни се тензии и напади од руски хулигани, одлично го спроведе првенството како домаќин без големи пропусти.

Тука беше и харизматниот политички лидер Владимир Путин, за кој некои западни медиуми пренесоа дека со посебни договори успеал да ги отстрани руските хулигани од близината на стадионите, па дури и најекстремните ги принудил да седат во „куќен притвор“ додека трае турнирот.

Навивачите и посетителите на натпреварите беа позитивно изненадени и, наспроти своите очекувања, во коментарите наведоа дека се чувствувале мошне комфорно во Русија без никакви непријатности.

Чудното правило на последен допир: Русија 2018 е првото СП за кое имаше договор одреден гол или авто-гол да оди на контото на оној кој последен ја допрел топката, без разлика на интензитетот или колку го променил правецот и влијаел на ситуацијата за погодок.

Одреден фудбалер може да упати одличен, силен и прецизен удар, но голот не е признат како негов доколку топката само малку го „поткачила“ некој негов противник или соиграч. Тој се запишува како „дело“ на некој од последните двајца.