ШТО И КАЖАЛЕ СПАСОВСКИ И ЧУЛЕВ НА ВИЛМА РУСКОВСКА - сегашниот и екс министерот биле на распит за софтверот на Рашковски
Објавено во: Македонија 11 Април, 2021
Еден сегашен и еден поранешен технички министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски и Наќе Чулев, деновиве биле на распит околу случајот со софтверот на Драги Рашковски пред обвинителката Русковска.
Телевизија Телма вчера објави дека Спасовски и Чулев деновиве биле на распит како сведоци во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Двајцата биле повикани во различни денови, а исказот го дале пред обвинителката Вилма Русковска.
Поранешниот и актуелниот министер биле повикани за случајот поврзан со поранешниот генерален секретар на владата, а сегашен советник во владата Драги Рашковски кој набавил софтвер за сообраќајни прекршоци за Министерството за внатрешни работи за 81.000 евра, а не е во употреба осум месеци.
По наредба на Основното јавно обвинителството за гонење организиран криминал и корупција завчера се вршеше претрес во просторите на фирмата „Инвока гроуп“ од која е набавен софтверот, а се поврзува со Рашковски и во домот на сопственикот на фирмата.
Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на 18 март соопшти дека отвориле предмет по допрен глас во врска со набавката на софтверот за „определување на просечна брзина на возилата во сообраќајот и изрекување казни“.