30 Април, 2024
0.0243

Што ќе посееш, тоа ќе нажнееш!

Објавено во: Колумни 14 Јули, 2014

Добивај вести на Viber

Сакам да верувам, дека секој вложен напор, порано или подоцна дава резултат. Така е во животот, па и во бизнисот. Секогаш е подобро нешто да правиш, отколку ништо, да работиш, а помалку да раскажуваш! Но колку луѓе, толку чуда. Постојат луѓе кои ги карактеризира голема воља, упорност на која и се восхитуваме, но им недостигаат идеи. Други пак имаат идеи, сонуваат, но никако да се решат на првиот чекор! А доколку постои и решителност и идеја, имаме бинго, или претприемач со чувство за бизнис, некој кој знае да направи добра процена на пазарот. Е сега, реализација на секоја идеја е поврзана со некакви трошоци. Малите трошоци во работењето, носат и помал ризик. И токму поради тоа препорачливо е да се стартува со мал бизнис, кого го карактеризира голема флексибилност, способност за брзо реагирање и прилагодување на потребите на пазарот, и неретко промена на првично започнатата дејност. Вистинската процена за потребите на пазарот, во голема мера го детерминира идниот успех или неуспех на една мала компанија. А понекогаш е потребна и среќа! Се прават и грешки, од незнаење, невнимание или пак од недостаток на посветеност. Можеби и не е така лесно да се започне бизнис во Македонија, а секако најголем непријател е стравот. Страв од неуспех, страв од уцени, пречки од конкуренција, и секако страв предизвикан од самиот факт дали сме кадарни нешто сами да направиме. Искуствата се различни! Се случува се да се направи како што треба, но нема резултат. Но сепак можам да издвојам неколку општи причини, најчести грешки карактеристични за малите компании во Македонија. Доволно е да започнете бизнис и се да функционира идеално. Во услови на пазарна економија, голема конкурентност, голем број на супстициони бизниси не е доволно само да имате добра воља и да започнете бизнис. Прво треба да изберете дејност која ви е позната, за која имате квалификации, и тоа да биде пред се нешто што го сакате. Исто така таа желба треба да биде дејност  за која има потреба на пазарот. Не е добро да отворите продавница за широка потрошувачка во регион каде ги има безброј, или пак да започнете со производство на производ за кој нема побарувачка. Тоа што ќе го работите, независно дали ќе биде услужна дејност, производство или било што друго, треба да има пласман. Што да се избере? Не е лесно! Тука се гледа прилагодливоста на претприемачите, нивната напредност и прилагодливост. Вработените се лесно заменливи! Ова е сосема погрешен пристап. На секој нов вработен во една компанија, независно дали е со искуство или не му треба повеќе или помалку време да се прилагоди кон новата средина, новите колеги и карактеристичниот систем на работа. Тоа за секоја компанија значи изгубено време и пари,  предизвикано поради малата ефикасност на нововработените.  Доколку во една компанија пречесто се менуваат вработените, тоа значи дека нешто не е како што треба. Вработените се најважниот ресурс за една компанија. Од нивната посветеност, лојалност и креативност зависи и успехот на бизнисот. Затоа покажете им на вашите вработени дека ја цените нивната работа и нивните залагања. Наградувајте ги со бонуси и останати бенефиции -дополнителни слободни денови, благодарници, поклони за семејството и слично. Рекламата секогаш функционира. Секоја реклама не е добра реклама. И не било кога!  Не значи дека ако се има реклама дека таа ќе делува позитивно на вашиот бизнис. Доколку рекламните пораки не се насочени кон специфичностите и потребите на целната група, ако не се избрани медиумите кои тие ги преферираат, ефектот ќе биде негативен. Инвестирате во промоција, а враќање на инвестицијата недостига. Секој медиум си има свои специфики, целна група и свој карактер. Сето тоа треба да се има во предвид. Исто така е важен изборот на каналот за промоција. Избегнувајте тоа да го правите кога сите тоа го прават. Препорачливо е континуирано медиумско присуство, помали буџети во кратки интервали. Измерете го ефектот од секоја поединечна фаза на промоција, а особено ефектот од секој поединечен медиум и канал на промоција. Сé можеме сами! И покрај големата љубов кон она што го работите, кон бизнисот за кој сте се определиле, морате да бидете свесни дека во одредени ситуации, особено кога сте преоптеретени неопходно е да побарате помош. Растргнати сте, извршувате многу обврски и различни активности, може многу лесно да се случи да се намали квалитетот на вашата работа. Не можете да работите 24 часа во денот, седум дена во неделата и така континуирано, а вашата концентрација да биде на високо ниво. Треба да се размислува за асистенти, бизнис партнери, па некогаш и за одлагање на некоја работа. Квалитетот на извршената работа е најдобра препорака за во иднина. Непланско трошење. Непланирање на трошоците и нивна споредба со очекуваните приходи. Инвестиционите трошоци по извесен период треба да бидат покриени со очекуваните приходи. Притоа треба да се биде реален за сопствената финансиска состојба. Тука особено важи народната поговорка „можете да ги испружите нозете колку што ви е долго чергичето”. А кај нас, малку ќе ти тргне и веќе си “газда”и тоа сите треба да го видат. На пример: Не е оправдано да закупите огромен канцелариски простор, а сé уште да немате потреба од толку голем простор. Инвестиционите трошоци не треба да бидат преголеми и нереални, а во почетокот само за она што ви е неопходно бизнисот за да функционира. Потрошувачите и клиентите ќе ви останат верни без оглед на се! Потрошувачите се многу себична категорија. Се додека имате производи или услуги кои ги задоволуваат нивните потреби во поглед на цената, квалитетот и достапноста, тие ќе ви бидат верни. Но оној момет кога конкурентите ќе понудат нешто подобро, голема е веројатноста дека ќе ви го свртат грбот. Независно од тоа што предходно сте воспоставиле лични релации и повеќегогодишна соработка, нивниот семеен буџет го диктира изборот. Доколку сте во можност од време на време давајте подароци, редовни попусти, дополнителни услуги, едноставно, потрудете се да ги задржите старите потрошувачи и да придобиете нови. Што и да е, вреди да се проба. Со среќа!!! Сашо Дуљанов

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД