03 Мај, 2024
0.0230

Што мака има Ставрески за да се служи со полувистини?

Објавено во: Колумни 19 Октомври, 2015

Добивај вести на Viber

Пред сопартијци во Прилеп, Ставрески со подигнат прст се закани дека опозицијата ќе почувствува што значи одговорот на вмроовскиот лав и лавица, ако продолжи со обидите за разнебитување на државата и спречување на економскиот и политички развој. Ова без срам и перде го прави  човекот  кој на најпластичен начин ги обjaсни владините политики  кои промовираат „купување на чоколада, кога народот нема ни за леб“. Ставрески „ со целиот свој  занес“ по повод донесувањето на буџетот за наредната година, влезе и во клинч со опозицијата. Како министер за финансии таквата позиција и му личи, но не му личи начинот на кој тоа да го прави.  Се обиде со површни аргументи и исклучително манипулативно да докаже дека оваа влада не е подложна на раскалашено трошење како што критикува опозицијата. Нормално, можеме само да претпоставуваме какви се‘ маки си има Ставрески  што мора да се служи  и со полувистини, но мора да му се укаже, дека манипулацијата навистина му е многу провидна. Идентично провидна како и „искрените изјави“ на премиерот со кој се „перчеше“ дека девизните резерви растат, притоа не кажувајќи дека таквиот раст се должи пред се‘ на задолжувањето на Македонија кај странските кредитори. Маката мора да е голема кога ќе се определите за напад со полувистина. Ставрески се послужи со податоци според кои сегашната власт зафаќа помалку од стопанството и граѓаните отколку што тоа го правеше власта на СДСМ. Притоа се повика на податоците според кои во 2005 година учеството  на буџетските приходи во БДП изнесувале 32,7% (во 2006 година, последна година на владеењето на СДСМ овој процент изнесувал само 31.1%), а во 2015 година тој изнесувал само 30% од БДП. Податоците не се погрешни, меѓутоа, се дадени во несоодветен контекстот што претставува класична полувистина, што има за цел манипулирање со јавноста. А за волја на вистината Ставрески точно знае што значат бројките во економијата и на кој начин треба истите да се интерпретираат. Секој што ќе ги прочита или слушне овие податоци ќе помисли дека власта не само што зафаќа и помалку отколку во 2005 и 2006 година, туку и не троши многу. Тука, меѓутоа, има една голема фалинка, која Ставрески свесно ја заобиколува. Средствата за трошење на државата не се само од буџетските приходи. За таа намена се користат и средства кои државата ги обезбедува со задолжување. Да не зборуваме за привилегираната позиција на државата да троши преку зголемување на обврските спрема доверителите,  одложувајќи ги  плаѓањата спрема нив. Намерата да се прикаже дека се‘ е во ред со буџетската потрошувачка не ја покажува ниту нејзиното учество во БДП во споменатите години. Во 2005 и 2006 година вкупната потрошувачка изнесувала околу 32% од БДП, колку што се остварува  и во 2014 година. Од овие бројки навистина не може да се види дека оваа влада троши многу повеќе од претходната. Но, никако не е дека не е така. Тоа се гледа од износот на буџетскиот дефицит во споменатите години. Во 2005 година Македонија регистрира буџетски суфицит од 0,2%, а во 2006 година буџетски дефицит од само 0,5%, додека во 2014 година сегашната влада  реализира буџетски дефицит од 4,2%. Тоа значи дека актуелната коалициона влада очигледно троши многу повеќе од поранешната. Доказ е порастот на јавниот долг. Тоа значи, се троши на сметка на идните генерации, а растот е незначителен во однос на потрошените средства. А дали долгот е висок или не, ќе покаже времето со начинот на раздолжувањето. Сигналите на предупредување се повеќе од на  место, бидејќи за отплата на долговите  покрај намалувањето на девизните резерви се позајмуваат и нови кредити. Ставрески и владата никојпат не одговорија на критичките забелешки за трошењето на зголемените буџетски средства. Никојпат не се впуштија во објаснување зошто претходната влада со 1,7 милијарди евра  во 2006 година реализира раст на БДП од 5,1%, а актуелната влада во 2014 година со 2,7 милијарди оствари стапка на раст од 3,8%.  Ако не можат да го објаснат ова, ќе им биде уште потешко да објаснат како тие самите во 2007 година со 1,9 милијарди евра остварија стапка на раст од 6,1%, а денеска со три милијарди евра не можат да обезбедат ни половина од тоа. Од ова се гледа дека трошењето на буџетските средства било нерационално, доминантно непродуктивно  и раскалашено. И тоа всушност се критикува. Секоја година се троши се‘ повеќе, а ефектите се помали, поради што не можеме да се одлепиме од дното на платите и сиромаштијата во Европа. И што е уште полошо, ги исцрпуваме можностите на идните генерации за обезбедување на дополнителни средства за развој според нивни интереси, бидејќи им се создадоа обврски (без развојни ефекти) кои ќе мора да ги сервисираат со постојните капацитети или со тие што самите ќе можат да ги финансираат. Неверојатно е дека човекот кој така фино го опиша однесувањето на власта во трошењето на буџетските средства не ја сфаќа слабоста на аргументот по кој посегна во одбрана на политиките кои биле насочени кон „купуваме чоколада, а немаме за леб“. Тој сигурно знае и многу повеќе, за да може да се произнесе со таква констатација, па макар таа била „лепена и сечена“. Во прислушуваните разговори Ставрески укажа и на криминални трошења на буџетските средства и на потребата тие да се санкционираат. Укажа и на конкретни случаи, кои веројатно ќе се најдат и на масата на специјалната јавна обвинителка. Штета што не собра сила наместо да брани нешто што не се брани,  јавно да почне да зборува за слабостите, за истите што поскоро да се остранат. Впрочем, сеуште е рано, Катица непочнала со работа , а Ставрески можеби и ќе ме демантира! Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина

Оружје и дипломатија за Украина – сите погледи кон Кина